Приказната на Хедер Ен Нејпс ќе ве натера „да си го ставите прстот на чело“ и повеќепати да се запрашате каков живот водите, особено со вашите деца.
Хедер Ен Нејпс е дизајнер на ентериер и мајка на едно девојче, таа доживеала момент што ја натерал да го согледа сопствениот живот од сосема нова перспектива. Додека поминувала низ она што верувала дека се нејзини последни моменти од животот, Хедер пронашла нова смисла - да ги инспирира другите да ги променат своите приоритети и да реализираат приказна на која би биле горди.
Се започнало кога Хедер четири дена страдала од силни главоболки кои никако не можела да ги ублажи. И покрај уверувањето на докторот дека ѝ е добро, среде ноќ почувствувала нешто што го опишала како „пукање“ во главата.
- Исто толку ненадејно како што се појави, главоболката исчезна сосема ненадејно, но придружена со чувство на топлина кое се ширеше низ мојата глава. Бев сигурна дека тоа е крајот – се присетила Хедер, а за тоа пишувал и порталот Фејтит (Faithit).
Додека ја чекала брзата помош во агонија, истовремено слушајќи го своето бебе како вреска во креветчето, Хедер некако собрала сили да го зграби телефонот. Целосно вознемирена му рекла на сопругот да ја вклучи камерата.
-Седев на тепихот, се нишав и се обидував да ѝ кажам зборови со полно со љубов на ќерка ми, мислејќи дека никогаш нема да ме запознае или да ме памети. Во тој момент слушнав како по краток период на смирување повторно се разбуди и силно заплака. Меѓутоа, бидејќи бев уверена дека умирам, почнав да велам: „Душо моја, јас сум твојата мајка. Те сакам многу“ – продолжила таа.
Набрзо пристигнала брзата помош, а болничарите дале сè од себе да ѝ го спасат животот. За неа, пак, тоа била можност да го согледа својот живот од сосема поинаква перспектива, поточно од перспектива на тоа што би се случило со нејзините најблиски, особено со нејзината ќерка, доколку умрела таа вечер.
Хедер го преживеала овој страшен момент, но ова искуство неповратно ја променило.
- Животот ми се промени таа вечер. Сфатив дека ќерка ми би ме паметела по она што би го оставила зад себе: слики, пораки и зборови што другите би ги кажале за мене. На пат кон болницата се прашував што би кажале за мене. Не ми се допадна одговорот – признала таа.
Решила да ја преземе контролата врз сопствениот живот и да го промени она што би го оставила зад себе.
- Како мајка, како некој што оди по оваа земја, ве прашувам, што би се зборувало за вас кога ќе ве нема? Дали сте добри? Дали сте мили? Грижливи? Полни со љубов? Јас, сум. Но дури сега, рекла Хедер.
Денес, речиси две години по тој трауматичен настан, Хедер работи на сопствениот напредок, на здравјето и односите.
- Способноста да замените еден негативен коментар со позитивен може да ви го промени животот. Живејте! Оставете ги вашите мобилни телефони! Разговарајте со личноста пред вас. Придржете им врата на луѓето! Насмевнете се ако очите ви сретнат некого. Заблагодарувајте се. Замолете! Прегрнувајте! Поделете комплименти на другите и на себеси. Сакајте се! Никој нема да се сеќава кој конфекциски број на панталони сте ги носеле, но ќе се сеќава какви сте биле во нив. Одете лесно! Зборувајте храбро! Сакајте нежно! Смејте се на глас! Јавете се кај личноста на која ќе се сетите! Дозволете си да бидете среќни за другите и што е најважно, бидете среќни за себе, низ секоја фаза и секој чекор од вашиот живот. Животот не мора да биде совршен за да биде совршен. Сакам ќерка ми да ме памети како личност која се смеела и уживала во секој момент што го добила на овој свет – заклучува таа.