И претседателката исто како и премиерот и собранискиот спикер смета дека по неусвојувањето на извештајот во Собранието треба да се почне постапка и да се изберат нови членови наместо петмината актуелни – Весна Дамева, Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа и Тања Чачарова Илиевска. Претседателката ветува дека следните двајца кандидати кои треба да ги предложи таа, ќе бидат професионалци.
„ Идејата е добра, треба да се започне со интерпелации за оние членови за кои навистина има основани сомненија, или тоа ќе се утврди, за разрешување, ако сакаме да отвориме пат. Кога се работи за претставниците на претседателот, номинацијата е многу важна.
Прашање: Какви ќе номинирате вие, Пендаровски претходно сум го прашувал за неговите кандидати, велеше „морам да се консултирам бидејќи нема да поминат“..
- Но, ако не номинирам јас, нема да има избор. Кандидати ќе бидат познати врвни правници, држете ме за збор. “ - Гордана Сиљановска Давкова – претседателка на Македонија
Канал 5 контактираше дел од лично засегнатите членови на Судскиот совет, но тие засега не сакаат да коментираат.
Наспроти најавите на власта, опозицијата е децидно против разрешување на членови на Судскиот совет. Од СДСМ обвинија дека се работи за партизација и директен удар врз демократијата, со оценка дека овој потег е спротивен на реформската агенда на земјава.
Во меѓувреме, работна група на министерството за правда подготвува нов закон за судски совет кој треба да ги заостри критериумите за избор на членовите, дисциплинските постапки, транспарентноста, должината на мандатот, како и дефиницијата „истакнат правник“. Најавено е дека нацрт верзијата ќе биде испратена до Венецијанската комисија пред да биде пуштена во собраниска процедура, но најдоцна до јуни овој закон треба да биде изгласан.