Снимен е моментот на уривање на железничката во Нови Сад, граѓаните палат свеќи за жртвите

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави вечерва дека е извлечено 13-то тело од несреќата што се случи во Нови Сад и додаде дека не очекуваат да бидат пронајдени повеќе жртви.

– Кога имавме осум жртви, знаевме дека под урнатините има уште пет лица за кои не можевме да утврдиме дали се живи или мртви – изјави Дачиќ за новинарите.

Како што вели, тие не давале знаци на живот, а тежината на повредите не дозволила никому да му се помогне.

– Смртта настапила на лице место – додаде министерот.

Дачиќ им оддаде почит на сите што учествувале во кампањата за спасување и во тек е идентификацијата на жртвите.

-Тоа се тешки сцени. Сите овие бетонски конструкции треба да се подигнат - рече тој, пренесуваат агенциите.

Во меѓувреме е објавено видео од моментот на уривањето на настпрешницата на железничката станица. Предупередуваме, видеото е вознемирувачко.

Вечерва во Нови Сад стотици граѓани палат свеќи во чест на 13 загинати во несреќата.

Еден од повредените во престрелката во Арачиново им подлегнал на повредите

Во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ примени се двете повредени лица во оружениот инцедент што попладнето се случи во селото Арачиново. 

Еден од повредените починал, а кај другиот ќе биде извршена хируршка интервенција, потврдија за МИА од Ургентниот центар.

Оттаму информираа дека починатиот пациент е на 50-годишна возраст, а другиот е 19-годишен.

- Заради сериозноста на состојбата на 50- годишниот пациент, веднаш е извршена реанимација, но за жал и покрај сите напори на дежурните медицинските тимови, кај овој пациент настапила смрт, посочуваат од Ургентниот центар.

Како што информираат, 19-годишното момче веднаш е примено во Одделот за интензивна нега, направена е дијагностика и ќе биде извршена хируршка интервенција.

Од МВР за МИА претходно информираа дека две лица се здобиле со повреди од огнено оружје во инцидент што се случил вечерва во селото Арачиново.

- На 01.11.2024 околу 19 часот од Ургентен центар Мајка Тереза во СВР Скопје е пријавено дека со повреди од огнено оружје биле донесени С.А. и А.А. од с. Арачиново. Според пријавеното, во нив во с.Арачиново било пукано со огнено оружје од страна на две лица кои биле со возило “Ауди”, наведуваат од МВР.

Од МВР потенцираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Сиљановска Давкова изрази сочувство до семејствата на загинатите во несреќата во Нови Сад

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вечерва изрази сочувство до семејствата чии членови загинаа во денешната несреќа во Нови Сад.

- Нашите мисли се со сите погодени од трагичната несреќа што се случи денеска на железничката станица во Нови Сад. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата кои ги загубија своите најблиски, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување, напиша Сиљановска Давкова на Фејсбук.

На железничката станица во Нови Сад денеска во 11:50 часот се урна бетонската настрешница на зградата на станицата. Под настрешницата имало клупи и на нив во моментот на падот имало голем број граѓани.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад соопшти дека во текот на истрагата по уривањето на дел од зградата на Железничката станица во Нови Сад, од урнатините досега се извлечени 14 тела.

Во Србија утре е прогласен Ден на жалост.

Силно невреме ја погоди Норвешка, активиран е аларм за поплави и свлечишта (ВИДЕО)

Бурата Јакоб од вчера ја погоди западна Норвешка и зад себе остави пустош - уништени мостови, лизгање на земјиштето, поплави, а стотици луѓе се евакуирани.

Поради екстремните временски услови издадени се неколку црвени предупредувања за поплави и лизгање на земјиштето, пишува Sweden Herald.

„Тоа е само почеток, ова ќе продолжи. Денеска ќе има пообилни врнежи во текот на денот и навечер. Веројатно ќе биде поинтензивно на многу места“, изјави дежурниот метеоролог Марит Бергер за новинската агенција НТБ.

Во општината Уленсванг, источно од вториот по големина град во Норвешка, Берген, ситуацијата е опишана како драматична. Познат хотел е поплавен, а централниот град Ода со околу 5.000 жители е отсечен поради затворање на патиштата.

„Сите три патишта во и надвор од градот се затворени. Имаше неколку одрони, а реката е блиску до излевање од коритото“, објави градоначалникот Роалд Ага Хауг.

Речиси 50 луѓе се иселени во таа област.

„Сега гледаме дали има други области кои треба да се евакуираат бидејќи нивото на водата продолжува да расте“, рече Хауг.

Во општина Ардал, малку посеверно, евакуирани се околу 100 лица од 25 домаќинства поради брзиот пораст на водата.

Затворени се голем број патишта во западна Норвешка, а неколку мостови се однесени од поројот. Покрај тоа, во близина на неколку патни правци имало помали одрони. Поради лошото време откажани се поаѓањата на возовите, а затворени се неколку патишта, објави националната телевизија НРК.

Нема извештаи за повредени.

притисни ентер