Силно невреме ја погоди Норвешка, активиран е аларм за поплави и свлечишта (ВИДЕО)

Бурата Јакоб од вчера ја погоди западна Норвешка и зад себе остави пустош - уништени мостови, лизгање на земјиштето, поплави, а стотици луѓе се евакуирани.

Поради екстремните временски услови издадени се неколку црвени предупредувања за поплави и лизгање на земјиштето, пишува Sweden Herald.

„Тоа е само почеток, ова ќе продолжи. Денеска ќе има пообилни врнежи во текот на денот и навечер. Веројатно ќе биде поинтензивно на многу места“, изјави дежурниот метеоролог Марит Бергер за новинската агенција НТБ.

Во општината Уленсванг, источно од вториот по големина град во Норвешка, Берген, ситуацијата е опишана како драматична. Познат хотел е поплавен, а централниот град Ода со околу 5.000 жители е отсечен поради затворање на патиштата.

„Сите три патишта во и надвор од градот се затворени. Имаше неколку одрони, а реката е блиску до излевање од коритото“, објави градоначалникот Роалд Ага Хауг.

Речиси 50 луѓе се иселени во таа област.

„Сега гледаме дали има други области кои треба да се евакуираат бидејќи нивото на водата продолжува да расте“, рече Хауг.

Во општина Ардал, малку посеверно, евакуирани се околу 100 лица од 25 домаќинства поради брзиот пораст на водата.

Затворени се голем број патишта во западна Норвешка, а неколку мостови се однесени од поројот. Покрај тоа, во близина на неколку патни правци имало помали одрони. Поради лошото време откажани се поаѓањата на возовите, а затворени се неколку патишта, објави националната телевизија НРК.

Нема извештаи за повредени.

Пронајден е автомобилот на убиецот на градоначалник и уште едно лице во Австрија

Пронајден е автомобилот на Роналд Дрекслер, кој е осомничен за убиството на две лица во Австрија во понеделникот, меѓу кои и градоначалникот Кирхберг.

Според Кроне, автомобилот бил пронајден во шумата меѓу Арнрајт и Алтенфелден.

Сето ова се наоѓа недалеку од местото на злосторството, а на терен е и специјалната полициска единица Кобра која го пребарува теренот.

Случаен минувач во утрово го пронашол автомобилот во шумата и веднаш ја известил полицијата.

Медиумите јавуваат дека меѓу жителите на тоа место кружат пораки дека не треба да ги напуштаат куќите, а во потрагата повторно е вклучен хеликоптер и оклопни возила.

Да потсетиме, потрагата по Роланд Дрекслер сега ја држи во неизвесност цела Австрија: во средата, по дојава, во Бургенланд се трага по осомничениот двоен убиец. Неговиот автомобил наводно бил виден во областа Оберпулендорф, во општина Никич - место кое се наоѓа веднаш до границата со Унгарија, каде што биле извршени контроли.

Полицијата го пребарала теренот со дронови и кучиња трагачи. Сепак, 56-годишникот не бил пронајден. Исто така, околу пладне бил вклучен аларм во Државната болница во Велс, но и оваа трага се покажа како лажна.

Во двата случаи, полицијата пришла тешко вооружена - пронаоѓањето на вооружениот Дрекслер за полицијата би значело животна опасност.

Фановите во дебата: Дали Хајди Клум или Жанел Моне е „кралица“ на Ноќта на вештерките (ВИДЕО)

Хајди Клум и нејзиниот сопруг Том Каулиц ги воодушевија фановите со нивните вонземјански костими од истоимениот филм од 1982 година, но не беа единствените кои ја имаа оваа идеја.

Впрочем, истата маска ја избрала и уметницата Жанел Моне, а нивната сличност предизвика многу коментари на социјалните мрежи.

Многумина се прашуваа дали оваа сличност е случајна или тоа е некаква конкуренција меѓу нив. Како и Хајди, Жанел е позната по нејзините костими за Ноќта на вештерките. Белиот зајак од Алиса во земјата на чудата, мувата и невестата без глава се само дел од костимите со кои таа ги израдува фановите во последните години. Оваа година таа го претстави својот костим на шоуто на Џенифер Хадсон.

„Може да има две кралици за Ноќта на вештерките. Навистина ја сакам Хајди“, изјави Жанел за Association Press.

"Верувам дека Хајди Клум беше болна и лута кога го виде костимот на Жанел", "Не само што го имаат истиот костим, туку Жанел го откри 24 часа пред Хајди. Сигурно го изгубила умот", "Ми се чини дека ова е премногу смешно" , продолжија коментарите на Х. Многумина се согласија дека и двете завршиле одлична работа и ги надминаа сите други костими оваа Ноќ на вештерките.

Објавени се имињата на 7 загинати во Нови Сад, Македонецот Васко Саздовски е еден од жртвите

Од 14-те жртви во страшната трагедија во Нови Сад, засега е познат идентитетот на седуммина.

Во Клиничкиот центар во Војводина лекарите се борат за животот на тројца посериозно повредени лица - две жени и еден маж, објави српски Информер.

Во несреќата загинало и шестгодишно девојче чиј идентитет не е познат.

Засега идентификуваните жртви се:

Анѓела Руман, родена 2004 година од Стара Пазова

Сања Арбутина Ќириќ, родена 1989 година од Каќ

Стефан Хрка, роден 1997 година од Белград-Ѕвездара

Милош Милосављевиќ, роден 2003 година од Криќанин-Зрењанин.

Ѓуро Швоња, роден 1947 година од Степановиќево

Вукашин Раковиќ, роден 1955 година од Буковац

Васко Саздовски, државјанин на Македонија

Работите на идентификација на останатите продолжуваат.

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека спасувачката акција во Нови Сад е завршена, а дефинитивниот биланс од несреќата е 14 загинати и тројца повредени.

Утре во Србија ќе биде Ден на жалост поради смртта и страдањето на граѓаните поради уривањето на железничката станица во Нови Сад.

притисни ентер