Татко и ќерка дешифрирале „вонземски“ сигнал од Марс, цела година ги збунувал научниците

Бели точки распоредени во пет групи на црна позадина.

Станува збор за симулација на вонземски сигнал испратен од Марс, кој го дешифрирале татко и ќерка по речиси една година напор, објави Европската вселенска агенција (ESA).

- Уметникот Даниела де Полис на 7 јуни 2024 година ја доби оваа едноставна, ретро слика која ги прикажува петте амино киселини. Тоа беше решението на космичката загатка испратена на земјата од орбитерот Егзомарс ТГО во мај 2023 година. Европското вселенско летало играше улога на вонземјанин во овој мултидисциплинарен уметнички проект наречен „Sign in Space“ – се вели во објавата.

Откако три радио астрономски опсерватории на Земјата го зедоа сигналот, предизвикот беше прво да се извлече точната порака од необработените податоци на радио сигналот, а потоа да се дешифрира. За само 10 дена, повеќе од 5.000 граѓани-научници успеаја да го извлечат сигналот, но втората задача беше многу потешка.

Американските државјани Кен и Кели Шофин, татко и ќерка, успеале да го дешифрираат благодарение на интуицијата, но и со изведување симулации. Откриле дека пораката има движења, кои им сугерираат некаква клеточна формација и еден вид жив организам. Амино киселините и протеините се градежни блокови на животот.

- Сега кога криптичниот сигнал е дешифриран, започнува потрагата по значењето. Интерпретациите на оваа порака, како и секое уметничко дело, остануваат отворени. Дали овој знак на вонземска интелигенција може да биде рецепт за уништување или е порака за мир? Дали сме подготвени за првиот контакт со вонземска цивилизација – се вели во соопштението на ЕСА.

Ирина Шајк се претвори во Лара Крофт, сите се воодушевени (ВИДЕО)

Манекенката која со години не симнува од „тронот“ на најпопуларните и најубавите жени во светот, Ирина Шајк, се приклучи на овогодинешното маскирање за Ноќта на вештерките.

Имено, таа максимално ја искористи својата природна убавина и комбинацијата на темна коса и сини очи, па реши да се облече како Лара Крофт, познатата хероина која ја глуми Анџелина Џоли. Ова е класика кога станува збор за Ноќта на вештерките, но сепак нејзиниот костим не можеше да не воодушеви.

Со долга плетенка, остар изглед и опрема која Џоли ја носеше и на легендарен начин, Ирина доминираше пред камерите. Таа максимално ги покажа мускулите, а многумина велат дека изгледа речиси идентично како оригиналот.

Еден од повредените во престрелката во Арачиново им подлегнал на повредите

Во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ примени се двете повредени лица во оружениот инцедент што попладнето се случи во селото Арачиново. 

Еден од повредените починал, а кај другиот ќе биде извршена хируршка интервенција, потврдија за МИА од Ургентниот центар.

Оттаму информираа дека починатиот пациент е на 50-годишна возраст, а другиот е 19-годишен.

- Заради сериозноста на состојбата на 50- годишниот пациент, веднаш е извршена реанимација, но за жал и покрај сите напори на дежурните медицинските тимови, кај овој пациент настапила смрт, посочуваат од Ургентниот центар.

Како што информираат, 19-годишното момче веднаш е примено во Одделот за интензивна нега, направена е дијагностика и ќе биде извршена хируршка интервенција.

Од МВР за МИА претходно информираа дека две лица се здобиле со повреди од огнено оружје во инцидент што се случил вечерва во селото Арачиново.

- На 01.11.2024 околу 19 часот од Ургентен центар Мајка Тереза во СВР Скопје е пријавено дека со повреди од огнено оружје биле донесени С.А. и А.А. од с. Арачиново. Според пријавеното, во нив во с.Арачиново било пукано со огнено оружје од страна на две лица кои биле со возило “Ауди”, наведуваат од МВР.

Од МВР потенцираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Сиљановска Давкова изрази сочувство до семејствата на загинатите во несреќата во Нови Сад

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вечерва изрази сочувство до семејствата чии членови загинаа во денешната несреќа во Нови Сад.

- Нашите мисли се со сите погодени од трагичната несреќа што се случи денеска на железничката станица во Нови Сад. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата кои ги загубија своите најблиски, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување, напиша Сиљановска Давкова на Фејсбук.

На железничката станица во Нови Сад денеска во 11:50 часот се урна бетонската настрешница на зградата на станицата. Под настрешницата имало клупи и на нив во моментот на падот имало голем број граѓани.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад соопшти дека во текот на истрагата по уривањето на дел од зградата на Железничката станица во Нови Сад, од урнатините досега се извлечени 14 тела.

Во Србија утре е прогласен Ден на жалост.

притисни ентер