Онлајн купувањето во изминатата година бележи раст од 10%, што во бројки би значело дека над 60 проценти од интернет корисници направиле барем една онлајн нарачка во последната година. Најмногу се купува облека и спортска опрема, потоа мебел, производи за домакинство, компјутери, мобилни телефони, козметика, испорака од ресторани, брза храна, додатоци во исхраната.. Сепак граѓаните кои ги анкетиравме велат дека преферираат купување на традиционалниот начин, во продавница, поради можноста да го увидат квалитетот на производот, а има и граѓани кои стравуваат од измами или дека нема да го добијат нарачаното.
- Не, не сум за онјалн пазарување јас сакам лично да го видам и да го допрам тоа што го купувам и сакам да осетам дали е квалитетно и дека е вредно.
- Не пазарам онлајн. Попрактично ми е да го видам производот вака во живо.
- Ми е непријатно да не згрешам, велат дека има доста грешки при купување на интернет. Измамени или да не погрешам да платам а да не го добијам тоа што го посакувам.
Од Асоцијацијата за е-трговија апелираат граѓаните да купуваат од регистрирани онјалн купувачи, за да избегнат сценарија во кои не би можеле да им бидат рефундирани средствата доколку не биле задоволни од производот.
- Измамите најчесто се всушност нарачки од не регистрирани ентитети кои се прават најчесто на социјални медиуми затоа ние секогаш апелираме граѓаните да внимаваат од каде нарачуваат, може да ги проверат податоците, дали станува збор за регистрирана е-продавница. Асоцијацијата за е-трговија има објавено регистар на сите е-продавници кои се регистрирани во земјава- Нина Ангеловска Станков – претседателка на Асоцијација за е-трговија.
Податоците покажуваат и дека зголемен е бројот на интернет корисници во земјава, па така за една година од 85 процентот пораснал на 91. Македонците интернетот го користат најмногу за соицијални мрежи, а преку нив испраќање пораки телефонирање и видео повици.. Зголемено е и користењето на интернет за пракање на е-маил, барање на информации за производи и услуги и користење на интернет банкарство.