Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека веќе се изготвени и доставени предлози за измени на Законите за семејство, основно и средно образование со кои доколку некое дете направи штета на јавните добра ќе врши општествено корисна работа како метење улици, фарбање на огради.. Покрај ова од општината на темата вандализам се држат и обуки и работилници на наставниот кадар и учениците.
-Почнавме одредени програми за држење на обуки и на наставниот кадар, ќе продолжиме со учениците за да се подигне свеста. Отпочнавме одредени предлог законски измени со цел да се вметнат поригорозни мерки за прекршување односно оштетување на јавното добро.. Законски измени не само во делот на зголемување на казните за оштетување на урбана опрема, туку општествено одговорна работа каде што би се вклучиле и децата и родителите за да ја подигнеме свеста на што повисоко ниво, - Горан Герасимовски – градоначалник на општина Центар.
Иако општествено корисната работа е добра воспитна мерка, во пракса таа ретко наоѓа примена, а за нејзино користење во вакви случаи неопходни се законски измени - објаснува адвокатот Јанаки Митровски. Она што во моментов постои како санција на малолетни лица при уништување на урбанистичка опрема е посебна одредба од Законот за прекршоци на јавен ред и мир, со која родителот на малолетното лице кој го извршил прекршокот, одговара поради запуштеност. Сепак, Митровски вели дека и ова ретко се случува во пракса, па смета дека е потребно да се генерираат повеќе вакви постапки.
-Општествено корисна работа е алтернативна мерка која што се дава наместо казна затвор и е предвидена со Кривичен законик од тие причини не може да се изрекува за прекршоците за јавен ред и мир, меѓутоа треба да се размислува во правец да се направат законски измени на тој закон и како санкција покрај глоба да биде и општо корисна работа која воглавно се прави во слободни, денови празници, викенди,- Јанаки Митровски – адвокат.
Градоначалникот на општина центар Горан Герасимовски на брифинг со новинарите покрај справувањето со вандализмот кај младите, кажа дека приоритетни проекти на општината во периодот кој следи се и изградба на нова општинска зграда, поставување на смарт улично осветлување, изградба на подземни паркинзи, реконстукција на спортски сали, училишта и градинки..