Маск и Рамасвами се сложуваат на петдневна работна недела во канцеларија

Маск и Рамасвами се сложуваат на петдневна работна недела во канцеларија за федералните службеници.

Американскиот милијардер Илон Маск и претприемачот и поранешен претседателски кандидат Вивек Рамасвами, кои беа номинирани од новоизбраниот претседател Доналд Трамп да го водат новоформираниот Оддел за владина ефикасност, соопштија дека го поддржуваат предлогот вработените во федералните органи на власта да работат од канцеларија пет дена во неделата.

Повеќе од половина од 2,3 милиони вработени во американската влада во моментов не работат од далечина поради спецификите на нивните позиции, кои бараат присуство на лице место за следење на квалитетот на работата, а останатите поминуваат околу 61 отсто од своето работно време во канцеларија, информира Волстрит Џурнал повикувајќи се на извештај на Канцеларијата за управување и буџет.

Предлогот доаѓа како дел од широката ревизија на државната администрација, а најавената промена може да доведе до „бран доброволни откази што го поздравуваме“, напишаа Маск и Рамасвами во колумна за Волстрит Џурнал.

- Ако федералните службеници не сакаат да се појават на работа, американските даночни обврзници не треба да им плаќаат за привилегијата од Ковид ерата да останат дома, велат тие во колумната, истакнувајќи дека ова се некои од првите цели на одделот, за кој Трамп рече дека ќе дејствува надвор од владата и ќе им понуди придонес на федералните службеници.

Во рамките на законот, претседателот има право да воспостави правила со кои се регулира работата на државните службеници со цел да се ограничи административниот апарат.

Маск вети дека ќе елиминира два трилиони долари од годишниот буџет на Соединетите Американски Држави и рече дека на владата и требаат само 99 агенции, не повеќе од 400.

„Вкоренетата и растечка бирократија е егзистенцијална закана за нашата земја, а политичарите предолго ја поддржуваа. Затоа ние ги правиме работите поинаку. Ние сме претприемачи, а не политичари. Ќе служиме како надворешни волонтери, а не како федерални службеници или вработени. За разлика од владините комисии или советодавните одбори, нема само да пишуваме извештаи или да сечеме ленсти. Ќе ги намалиме трошоците, велат Маск и Рамасвами.

Тие наведоа дека посебно ќе се фокусираат на иницирање промени преку извршна акција врз основа на постојното законодавство, наместо да се носат нови закони. Што се однесува до најавеното намалување на бројот на федерални регулативи, целта е да се обезбеди „здрава индустриска логика за масовно намалување на бројот на вработени во сојузната администрација“, се посочува во колумната.

Зборувајќи за потребата да се намалат трошоците за државните службеници, Маск и Рамасвами го привлекоа вниманието на законодавните мерки насочени кон заштита на службениците од отпуштање по налог на претседателот и лицата што тој ги назначува.

Истовремено, потсетија претприемачите, целта на законот е да се заштити од персонализирана политичка одмазда, додека претседателот го задржува правото да отпушти вработени без да именува конкретни лица. Според извор запознаен со плановите за спроведување на оваа иницијатива, американските власти би можеле да направат таков чекор што е можно поскоро по инаугурацијата на новата администрација, која ќе се одржи на 20 јануари, пишува Волстрит Џурнал.

Претставниците на синдикалното движење се спротивставија на најавените реформи и порачаа дека за промената на условите за работа треба да се разговара преку колективно преговарање. Во моментов, синдикатот, кој обединува околу 110.000 државни службеници, се консултира со адвокати, рече лидерот на синдикатот Ренди Ервин.

На улиците само 25 автобуси, нервозни граѓани, ученици кои доцнат на училиште

Оние кои имаа среќа, утринава ги начекаа 25те градски автобуси на ЈСП кои сообраќаа за да стигнат каде што тргнале, останатите беа приморани да се самоорганизираат за да најдат превоз.

Оние кои имаа среќа, утринава ги начекаа 25те градски автобуси на ЈСП кои сообраќаа за да стигнат каде што тргнале, останатите беа приморани да се самоорганизираат за да најдат превоз, кој се нудеше и се бараше дури и преку социјалните мрежи, други пак нервозни, и покрај купен месечен билет за градскиот превоз, велат морале да плаќаат такси или да одат пеш. На постојките, кои во среде работна недела беа невообичаено празни, затекнавме и граѓани кои чекале со часови, оти друг избор немале...

Голготата, како што велат и самите, утринава ја поминаа и учениците и студентите, едните доцнеа на часовите, некои пак воопшто и не се појавиле, другите пак беа во трка со времето да стигнат на предавањата и испитите, оти колапсот со јавниот превоз поради недостаток на гориво се случи во колоквиумска недела.

Отсуството на учениците утринава го потврдија и неколку директори на средни училишта за Канал 5. Велат покажале разбирање за новонастанатата сосотјба која во текот на денот се стабилизирала, па неоправдани не се пишувале, но побараа од надлежните да се надмине ситуацијата, оти трпи наставата на децата.

На ставот да се покаже разбирање за учениците е и министерката за образование – Весна Јаневска која посочи дека оневозможувањето на учениците да стигнат на настава поради неорганизираност на градските власти е срамно за главниот град на Македонија, со што, вели, се крши и Уставот.

Целата ситуација во меѓувреме е и под лупа на ОЈО Скопје. Тие веќе издале насоки до инспекторите на финансова полиција да ги истражат постапките за јавни набавки на мазут за потребите на ЈСП.

Претходниот тендер за набавка на мазут е поништен од страна на бирото за јавни набавки, бидејќи на истиот, според информациите се пријавил само Пуцко петрол, кој понудил да точи еден литар мазут за 100 денари без вклучен ДДВ.

Доналд Трамп ги продава своите брендирани гитари, познати се цените

Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, одобри продажба на ограничена серија гитари кои го носат името на неговиот бренд.

Трамп објави фотографија на социјалната мрежа „Вистина“ на која тој држи гитара „ограничено издание „45“, електричен модел украсен со американско знаме и орел, со неговиот слоган „Make America Great Again“ на вратот на инструментот.

Достапни за купување се акустични и електрични гитари, за 1.250 и 1.500 долари, како и моделите „Presidential“ и „God Bless USA“, како и гитарите „Signature Edition“, кои по цена од 10.000 долари го вклучуваат и потписот на Трамп.

Форбс вели дека не е јасно каква е финансиската врска помеѓу Трамп и приходите од продажбата на неговите брендирани гитари на GetTrumpGuitars.com.

Од почетокот на претседателската кампања, Трамп објави голем број брендирани производи.

Во март, тој ги покани своите поддржувачи да ја купат Библијата „Бог да ги благослови САД“, која беше инспирирана од патриотската балада на кантри пејачот Ли Гринвуд.

„Да ја натераме Америка повторно да се моли“, напиша тогаш Трамп на својата социјална мрежа Truth Social. Таа книга се продава за 59,99 долари.

Потоа, тој ги повика поддржувачите да купат црвен молив со неговото име и маици на кои пишува „ Pencil-Neck Adam Schiff “, исмејувајќи го новоизбраниот сенатор од Калифорнија со кого често се судираше.

Азизи: Владата донесе одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви

Владата се вклучи во решавањето на проблемот со недостигот на нафта за автобусите на ЈСП Скопје. 

На денешната вонредна седница е донесена одлука со која ќе се овоможи на градот Скопје да му се позајмат дел од нафтените резерви на државата.

- Владата вонредно расправаше поради недостигот на енергенси за обавување на јавниот сообраќај на територијата на Град Скопје, при што беше констатирана лошата состојба и недостиг на гориво за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие при што Владата се вклучи во решавање на овој проблем. Се донесе одлука со која се утврдува постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија, изјави по вонредната седница портпаролката на Владата Венера Љатифи Азизи.

Со ова, како што појасни таа, се овозможува да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата.

- Денес меѓудругото Бирото за јавни набавки донесе одлука со која се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на градот Скопје. Со ова Владата го затвора прашањето со настаната потешкотија во работењето на градското претпријатие за јавен сообраќај, посочи Љатифи Азизи.

Во главниот град веќе втор ден сообраќаат само околу 30-тина автобуси поради недостиг на нафта.


притисни ентер