Велиај: Истрагата на СПАК ја поддржувам на секој чекор, презирам лажни вести од медиумите

 Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, реагираше во врска со истрагата што ја започна Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, против него, неговата сопруга и други членови од семејството.

Во реакција на социјалните мрежи подвлекува дека ги поздравува и ги поддржува процедуралните чекори што ги презема Специјалното обвинителство во врска со овој случај.

- Врз основа на процедуралните чекори што ги презема Специјалното обвинителство во врска со имотната истрага што се води против мене и членовите на моето семејство не само што се добредојдени, туку и ги поддржувам на секој чекор. Помина долго време откако истрага и судење спроведува опозицијата заглавена во калта на корупцијата и т.н. "медиуми“, кои се борат со секој јавен функционер кој не подлегнува на нивните притисоци и уцени за неправедна корист, стои во објавата.

Јас и членовите на моето семејство, како граѓанин на оваа земја, но во исто време и во својство на градоначалник на Тирана, додава понатаму, секогаш ќе бидеме отворени за секаква постапка и одлука на институциите на правдата.

-Но, истовремено и за презир кон секоја невистина, која има за цел да го наруши мојот имиџ и на членовите на моето семејство, како и ширење, пред се, дезинформации за работата на самите овие институции, наведува Велиај.

Посочува дека "не припаѓа на старата политичка каста која се става над законот, правдата и институционалната одговорност".

СПАК го истражува за аферата со инценаторите, аферата „5Д“ во која се притворени најмалку десеттина високи општински раководители, но и истрагата за имотната состојба, заедно со сопругата Ајола Џоџа, и членови на нивните семејства.

По налог на СПАК агенти на Националното биро за истраги вчера вршеле претрес во неговиот дом, при што го одзеле телефонот на Џоџа, како и во седиштето на галеријата „Харабел“ во Тирана, чиј директор е таа.

Дел од медиумите шпекулираа дека тој бил информиран за налогот на СПАК и оти побегнал во Германија. Всушност, како што самиот објави бил во посета на Хамбург на покана на тамошниот градоначалник.

На барање на медиумите од СПАК, само кусо одговориле дека станува збор за почетни постапки и оти во интерес на истрагата не даваат информации. /МИА

Мистерија на Тајланд:По невреме, нашле црни камења во дворот- лекуваат и даваат енергија(ВИДЕО)

Мистериозните црни камења кои „паднаа од небо“ при невреме во тајландската провинција Паталунгу, целосно го збунија локалното население.

Пронајдени се во дворот на Вичета и Манерат Сирипувадон, а тежат околу 20 килограми. Сопружниците веруваат дека тоа „дошло од вселената“, пренесува New York Post.

„Врнеше многу дожд, а два часа удираа громови, што предизвика пожар. Утрото најдовме паднато дрво и траги од горење на земјата. Имаше и необична јама од која нешто чадеше. Го покрив со земја и си заминав“, изјави Вичета.

Две недели подоцна, повторно ја посетил јамата и ги пронашол мистериозните црни камења. Манерат се исекла додека ги собирала, но крварењето брзо престанало.

Камењата ги чуваат во својата куќа и тврдат дека по еден месец се чувствуваат поздрави, поенергични и ментално поконцентрирани.

Затоа ги повикуваат надлежните да ги истражат „невообичаените предмети“ и да го утврдат нивното потекло.

Инаку, мештаните ги забележале шарите на камењата и ги протолкувале како „среќни бројки“ со кои планираат да играат лотарија. Тие мислат дека тоа ќе им донесе среќа.

Властите во Газа: Во израелски напад се убиени петмина новинари

Властите во Газа соопштија дека во израелски воздушен напад загинале пет палестински новинари пред болница, но израелската војска соопшти дека нападнала возило со милитанти на Исламски џихад.

Лекарите рекоа дека најмалку 21 лице загинало во израелските воздушни напади врз палестинската енклава додека Хамас и Израел меѓусебно се обвинуваат за одложување на постигнувањето договор за прекин на огнот.

Синдикатот на палестинските новинари објави дека пет новинари на каналот Ал-Кудс Тудеј биле убиени во напад пред болницата Ал-Авда во бегалскиот камп Ал-Нусеират во центарот на Газа.

Од почетокот на војната во октомври 2023 година, убиени се повеќе од 190 палестински новинари. Израелската армија објави дека „извршила прецизен напад врз возило со терористичка група Исламски џихад во областа Нусејрат“.

Израел редовно ги негираше нападите врз новинарите и тврди дека презема чекори за да избегне напади врз цивили.

Групата Исламски џихад, поддржана од Иран и сојузник на Хамас, се приклучи на борбата против Израел во октомври 2023 година.

На видеото од местото на нападот се гледаат остатоци од бело комбе со, како што изгледа, остатоците од зборот ПРЕСС на задната врата.

На погребот на петтемина новинари присуствуваа десетици роднини и колеги новинари. На нивните тела бил ставен панцир со натпис PRESS.

„Израелската армија го оправдува овој напад со тврдењето дека е насочен кон поединци вклучени во палестински организации и групи. Сепак, овие лица биле на задачи, во возила за новинари и известувале за настани“, рече дописникот на каналот Ал-Араби, Абед Мекдад за време на погребот.

Лекарите во енклавата соопштија дека уште осум лица се убиени, а 20 се ранети во израелски воздушен напад врз куќа во населбата Зејтун во Газа. Тие додадоа дека бројот на жртвите може да се зголеми бидејќи многу луѓе се заробени под урнатините.

Хамас и Израел меѓусебно се обвинуваат за неуспехот да се постигне договор за прекин на огнот и покрај напредокот што го пријавија двете страни.

Хамас рече дека Израел поставил нови услови, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја обвини групата дека се откажува од веќе постигнатите договори.

Перу прогласи еколошка катастрофа по излевање на нафта во океанот (ВИДЕО)

Владата на Перу денеска прогласи еколошка катастрофа во крајбрежната област на северот на земјата, каде што минатиот викенд пратката сурова нафта од државната нафтена компанија се излеа во Тихиот Океан.

Брод кој маневрирал пред да испушти нафта предизвика излевање во саботата на терминалот на перуанската рафинерија Талара во северниот дел на Перу.

Петроперу не откриваат колку сурова нафта се излеала во океанот, но перуанската еколошка организација ОЕФА во првичниот извештај рече дека околу 10.000 квадратни метри вода се контаминирани, а Министерството за животна средина соопшти дека се погодени најмалку седум плажи и локална фауна.

Локалните власти соопштија дека нафтата се излеала врз крајбрежни растенија и загрозени животни како што се раковите. Рибарите, пак, се пожалија дека не можат да работат поради инцидентот.

„Не можеме да одиме на риболов веќе шест дена“, изјави рибарот Мартин Пасос за локалното радио РПП. „Она што се случи во Лобитос е хаос“.


притисни ентер