Јавен допис до Владата на РМ и Министерство за здравство, во кое изразуваме особено незадоволство од Буџетот за 2025 година за инсулунска терапија, во година кога следи нов тендер за набавка на инсулинска терапија, планирани се исти средства 860 мил. денари, кои се истите од 2022 година за набавка 2023 и 2024 година!
Се надеваме дека ова наше барање и предупредување ќе најде можност да допре до јавноста.
Сојузот на Здруженија на лица со дијабетес на Македонија (СЗДСМ), во името на 23 локални организации на лица со дијабетес и во името на над 130.000 лица со дијабетес во државата, ИЗРАЗУВА ОГРОМНО НЕЗАДОВОЛСТВО од усвоениот Буџет на РМ во делот за програмата за инсулинска терапија. Имено сумата од 860 милиони денари е оставена истата како и претходната година, а во 2025 очекуваме распишување на нов тендер за набавка на инсулинска терапија за периодот 2025-2027, а имавме и ветувања и од Mинистерот за здравство д-р Таравари, за зголемување на опфатот на бројот на лица со дијабетес со модерни помагала (CGM сензори и инсулински пумпи) кои се соочуваат со сериозни здравствени компликации од оваа хронична болест.
Со ваков буџет нема да можат да се покријат и досегашните потреби од инсулин и терапија за лицата со дијабетес, да не зборуваме за помагала кои веќе се достапни во земјите околу нас (Босна и Херцеговина, Косово и Србија). Согласно искуството од претходните години буџетот се зголемувал од година во година, а сега е оставен ист како од претходната година, во година кога знаеме дека ќе требаат поголеми средства. Како Сојуз семе загрижени дека, поради недостаток на буџет, ќе се намали квалитетот на инсулин и терапија за лицата со дијабетес, што ќе предизвика трагични последици по здравјето и животот на 8% од населението (а претпоставките од лекарскиот кадар се дека има не-дијагностицирани уште минимум 2-3%). Трендот на појава на дијабетесот во нашата држава е нагорен, а за жал не гледаме дека Владата има соодветен одговор за да оваа популација да има најсовремена терапија и помагала за живот.
Како најголема пациентска организација во Македонија во изминатиот период ги следевме и објавуваме реакција на наши членови за периодични недостатоци на инсулинска и анти-дијабетна терапија. Од нашите локални здруженија се добиени очекувања дека ќе биде зголемен бројот на пациенти кои се поставени или ќе бидат поставени на терапија со најновата генерација на инсулини и на анти –дијабетна терапија и дека конечно ќе може да добиеме, CGM за сите со Тип 1 дијабтес (тоа се околу 3.500 лица во МК) и модерни глукомери и ленти од најновата генерација (кои во согласнотс со ISO стандардите, и тие на ЕМА и ADA) кои се со подобар квалитет.
Апелирме до сите инволвирани страни при проекцијата на новиот тендер да ги следат нашите потреби и очекувања и да го запазиме континуитетот во подоврувањето на третманот на нашите пациенти. Ние како СЗСДМ сме сериозен и посветен партнер во грижата за пациентите со дијабетес и поради тоа бараме и очекуваме да бидеме активно вклучени во сите чекори при дефинирањето на новиот тендер. Бараме наш претсавник/ци да биде дел на средбите и работата на Националната комисија за дијабтес. Само со ваква соработка ќе покажеме дека декларативната поддршка на сите наши партнери и владини институции ќе биде демонстрирана во реалност.
Во спротивно, Сојузот, локалните здруженија, ќе ги организира сите над 130.000 лица со дијабетес и членовите на нивните семејства, во активно покажување на нашиот револт пред здравствените и владините институции во Македонија.
Дополнително, ќе ги известиме сите меѓународни здравствени институции на Европско и светско ниво за третманот на лицата со дијабетес во МК, како и за не обезбедувањето предуслови за задржување и зголемување на потребниот квалитет на терапија и помагала за лицата со дијабетес во нашата држава.
Ви се нудиме на располагање со сите свои ресурси (и логистички и човечки), во зедничко решавање и надминување оваа состојба и проблеми на лицата со дијабетес во Република Македонија.
Сојуз на здруженија на дијабетичари на Македонија