Тренчевска: Кошничката е прескапа, ДПМНЕ да прифати 0 отсто ДДВ на храна

Кошничката е прескапа, ДПМНЕ да прифати 0 отсто ДДВ на храна и минимална плата 450 евра.

Цените на храната и основните производи секојдневно растат, додека платите стагнираат, а Владата не презема никакви мерки за заштита на стандардот на граѓаните.

Вкупната вредност на синдикалната кошничка во месец ноември се зголеми и достигна огромни 62.021 денари. Има ново зголемување за 772 денари во однос на минатиот месец.

Семејствата сè потешко ги покриваат основните трошоци и се принудени да се откажуваат од потреби кои до вчера беа основни.

Ова е резултат на неспособноста и незаинтересираноста на Владата на Мицкоски, која ги игнорира проблемите со кои граѓаните се соочуваат секојдневно.

СДСМ ја изразува својата длабока загриженост за осиромашувањето на народот и неодговорноста на власта, која продолжува да ги става партиските интереси над интересите на граѓаните.

Наместо конкретни и итни мерки за справување со ценовниот шок, власта со својата пасивност и неспособност дополнително ја влошува ситуацијата.

СДСМ предложи две конкретни законски решенија, клучни мерки кои веднаш ќе донесат олеснување за граѓаните:

Укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, со што семејствата би заштедиле до 2.000 денари месечно.

Зголемување на минималната плата на 450 евра, што ќе обезбеди достоинствена заработка за секој работник.

Но, што прави Мицкоски и неговата влада и мнозинството во Собранието? Со политички инает и без емпатија кон народот, тие ги блокираат овие решенија и одбиваат да ги поддржат.

Наместо помош и поддршка, граѓаните не добиваат ништо и влегуваат во уште поголема неизвесност.

Не може граѓаните да бидат жртва на партиската ароганција на ДПМНЕ.

Бараме власта веднаш да ги прифати решенијата на СДСМ.

Треба да се одговори на потребите на народот, да се одговори на нивните потреби и да преземе одговорност.

Време е за акција, време е за вистински мерки кои ќе го подобрат животот на граѓаните и ќе ја вратат економската стабилност!

Прес-конференција на Јована Тренчевска, пратеничка на СДСМ

Петрушевски: Пудлицата и насилникот на Филипче, Апасиев се активира кога СДС нема аргументи

Насилството е работа која Левица ја посакува во недостаток на нормална дискусија и аргументи. И народот и пратениците не треба да наседнуваат на тоа.

Ова е договор меѓу Левица, СДС и ДУИ. Да се одвлекува внимание од суштински работи и аргументирана дискусија. Ова е план на Левица со СДС и ДУИ за провоцирање во недостаток на аргументи за да можат да спинуваат. Такви беа првите пратенички прашања така и сега. Не смее да се паѓа на провокации кои се единствена алатка на ограничени и нецивилизирани умови.

Насилството и провокациите се единствениот начин на опозициските партии да свртат внимание кон себе. ВМРО ДПМНЕ со жалење и разочарување гледа на денешниот инцидент осудувајќи ги намерите на поедини пратеници од опозицијата да предизвикаат инцидент.

Македонија е посилна од нивните замки и погубно и нецивилизирано однесување.

Што се однесува до однесувањето на некои пратеници од владејачката коалиција ВМРО ДПМНЕ иако ја сфаќа реакцијата не се согласува дека треба да се наседнува на овие смислени провокации од циркузанти кои не знаат како поинаку продуктивни и конструктивно да создаваат за државата и народот и да се има цивилизирана дискусија со нив, туку се склони кон егзибиционизам и претворање на политиката во циркус, а тие самите себе си во кловнови.

Сето тоа можеби некому му е интересно и забавно, но сепак сите се свесни за какви непредвидливи и нестабилни личности се работи, чија основна цел е деструкција наместо проекти и подобар живот. Сега таквите кловнови одлучиле да им бидат измеќари на СДС и ДУИ и тоа е нивен избор, но на сите им е јасно дека таквите луѓе никој не може да ги смета за сериозни и да им ја довери својата иднина.

Секогаш кога СДС се во паника на тастер ја пуштаат пудлицата и насилникот Апасиев да навредува пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Апасиев денеска вреѓаше семејства и деца на пратеници.

Нема потреба од повеќе зборови, доволно е граѓаните да го погледнат следното видео и да го видат примитивизмот на СДС и Венко Филипче преку неговата пудлица и насилник Апасиев, рече Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Муцунски на владина донаторска конференција „Ромите и пријателите“

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше и се обрати на владината донаторска конференција „Ромите и пријателите“.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше и се обрати на владината донаторска конференција „Ромите и пријателите“, посветена на проекти за подобрување на интеграцијата на Ромите во општеството, со акцент на домувањето, културата и образованието.

„Ми претставува особена чест што денес учествувам на овој значаен настан, чија цел е поддршка на поголема инклузија на Ромите во нашето општество. Како мултиетничко демократско општество, Македонија е целосно посветена на промоција на инклузијата и еднаквоста, со акцент на заштитата на човековите права за сите наши граѓани,“ истакна министерот Муцунски во своето обраќање.

Министерот го потенцираше значењето на Националната стратегија за инклузија на Ромите 2022-2030, која адресира клучни области како образование, вработување, домување, социјална и здравствена заштита. Тој нагласи дека Владата ќе продолжи со напорите за постигнување социјална кохезија и еднаков развој и цврсто ќе стои на ветувањето ,,никој да не биде изоставен”, во согласност со Агендата 2030 на Обединетите нации.

Во своето обраќање, министерот потсети дека нашата држава е лидер во регионот во унапредувањето на правата на Ромите, со долгогодишен придонес во спроведувањето на Декадата на Ромите. „Затоа, апелирам да продолжиме да го градиме нашето општество на принципите на инклузија и еднаквост, создавајќи услови за целосна социјална интеграција и економско зајакнување на ромската заедница,“ заклучи министерот Муцунски, соопштуваат од МНРМТ.

МОН: Се одржа 15. состанок на Секторската работна група за образование, вработување и социјала

Оптимизација на училишната мрежа и подобрување на инфраструктурните услови,  воведување на едносменско работење и продолжен престој за учениците, нови наставни програми и учебници, дигитализација.

Оптимизација на училишната мрежа и подобрување на инфраструктурните услови, воведување на едносменско работење и продолжен престој за учениците, нови наставни програми и учебници, дигитализација, како и обезбедување повисоки плати за наставниците се меѓу клучните приоритети на кои во моментов е фокусирано Министерството за образование и наука. Ова го истакна Елена Ивановска, државен секретар во МОН на денешниот 15ти состанок на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика, на кој дискутираше за активностите насочени кон остварување на целите од Реформската агенда 2025 – 2027.

„Во моментов реализираме 36 капитални инвестиции и 40тина помали санации во училишни објекти. На ова ќе го надоврзам и процесот на оптимизација на училишната мрежа кој го спроведуваме заедно со УНИЦЕФ, Светската банка и локалните самоуправи, со цел рационално искористување на расположливите материјални и човечки ресурси“, рече Ивановска.

Нагласи дека МОН се залага за воведување на едносменска настава во сите училишта, затоа што докажано дава позитивни ефекти, а новото раководство има интенција преку продолжен престој, со повеќе наставни и воннаставни активности, да овозможи учениците да минуваат подолго време на училиште, бидејќи како што рече, децата на 15 годишна возраст во Македонија имаат 900 часови помалку од европскиот просек.

„Приоритет е и унапредувањето на законската регулатива, заради повеќе права и можности за македонските ученици и студенти, но и за градење на мирна и хармонична средина во која ќе нема место за насилство и дискриминација по ниеден основ. Шест законски решенија го минаа филтерот на јавноста, а уште толку нацрт верзии на други закони ќе бидат дадени на јавна расправа во многу скоро време“, информираше Ивановска.

Платите на наставниците во училиштата, во следните четири години ќе се зголемат до 60%, додека професорите во високото образование веќе од следната година добиваат 30% повисоки плати.

Ивановска рече дека е започната темелна реформа на гимназиското образование, додека средното стручно образование дополнително се зајакнува со основање на 8 регионални центри за стручно образование и обука, од кои 5 се веќе формирани. Посочи и дека се интензивира процесот на дигитализација на образованието и постапките за остварување на права во оваа област.

Изразувајќи благодарност до сите кои помагаат во заложбите за поквалитетен образовен систем, Ивановска рече дека очекува добрата соработка со другите институции, како и со граѓанскиот сектор да продолжи и понатаму, во интерес на севкупен напредок на државата.

На состанокот на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика кој се одржа во Владата, покрај претставници на државните институции, учествуваа и претставници на повеќе граѓански организации.

Министерство за образование и наука

притисни ентер