Се повеќе млади бараат спас од зависноста од коцкање. Најмладиот коцкар кој побарал стручна помош има само 19 години, а во светот на игрите на среќа навлегол уште пред неколку години, што според невропсихијатарката Павлина Васкова, е показател дека пороците им се на дофат на децата уште на прагот на младоста.
Васкова, која 40 години лекува зависници, вели дека рапидно расте бројот на зависници од игри на среќа, односно половина од вкупниот број пациенти кои бараат помош, се коцкарите.
Дека игрите на среќа можат да прераснат во зависност им беше посочено токму на најмладите, односно средношколците, на трибина под мотото „Направи го вистинскиот избор“, во која учество зема и Државната видео лотарија. Вакви трибини ќе се реализираат и во другите градови, а веќе се отворени и три советувалишта.
Според неодамнешното истражување на здружението ХОПС опции за здрав живот, кое во фокус групата имале 214 лица помлади од 25 години, дури 71% од учесниците се изјасниле дека играле игри на среќа, а 17,8% од нив рекле дека се зависни од играње. Дури 50% од испитаниците од фокус групата играат игри на среќа секој ден.