Според официјалните податоци на УНИЦЕФ, повеќе од 370 милиони девојки и жени, кои и денес се живи, биле жртви на сексуално насилство пред да наполнат 18 години, што значи дека една од осум, биле жртви на силување или сексуален напад пред да станат полнолетни. Ако се вбројат и случаите на „неконтактни“ облици на сексуално насилство, како насилство на интернет и вербално вознемирување, тогаш бројката е 650 милиони односно секоја петта жена била жртва на сексуално насилство.
Сексуалното насилство ги надминува географските, културните и економските граници и е присутно ширум светот. Но, голем број од нападите врз девојчињата и жените не се пријавени, поради срам, страв од осуда на околината, која често вината ја гледа кај жртвата, а не кај напаѓачот, како и долгите судски процеси.
Но, по 19 декември има надеж дека сето тоа може да се смени, пред сè благодарение на храброста на една Французинка, но и Судот во Авињон, кој за рекордно кратко време од 3,5 месеци го заврши судењето за масовното силување на Жизел Пелико.
Во овој случај никој не може да инсинуира дека жртвата „сама си го барала“, бидејќи таа била дрогирана и во бессознание. Уште помонструозно е тоа што главниот организатор на речиси една деценија силување е сопругот, со која била 50 години во брак.
Во септември, Франција, но и светската јавност беше згрозена од обелоденето злосторство врз жена која девет години била дрогирана и околу 200 пати силувана во нејзиниот дом од различни мажи додека била во бессознание. Но, јавноста ја поздрави и ја поддржа храброста на Жизел судењето против 51 маж, вклучително и нејзиниот, сега веќе, поранеше сопруг, да биде отворено за јавност.
- Одлучив да не се срамам, бидејќи не направив ништо лошо. Тие се тие кои треба да се срамат, изјави Пелико на почетокот од судењето.
Доминик Пелико од 2011 до 2020 година во храната на Жизел ставал лек против анксиозност и таблети за спиење и смирување. Кога ќе се онесвестела таа била жртва на силување на непознати мажи, регрутирани преку интернет од нејзиниот сопруг. Во тој период Жизел го губела помнењето, почнала да и паѓа косата и да губи тежина, но лекарите не можеле ја откриле причината за нејзината нарушена здравствена состојба.
Таа одлучи да се откаже од анонимноста како жртва на сексуален напад со цел да ја подигне свеста за употребата на дрога за силување и сексуална злоупотреба.
- Секоја жена која ќе се разбуди едно утро, а не се сеќава на претходната ноќ, треба да запамти што реков. Жените повеќе не би требало да станат жртви на хемиска потчинетост. Бев жртвувана на олтарот на гревот и ние мора да зборуваме за тоа, посочи Жизел на судењето.
Таа апелира да не се банализираат сексуалните напади.
- Време е мачо патријархалното општество да го смени ставот за силувањето. Патријахалното општество го банализира силувањето и тоа мора да се смени, истакна Пелико пред судот во Авињон.
Случајот Пелико иницираше дебата како во Франција, така и во други земји, за дефиницијата што е силување и дали во законот треба да биде одредено што е недвосмислена согласност на сексуален чин.
- На судењето слушнав дека речиси е безначајно да се силува. Видов луѓе кои го негираат силувањето и тие кои го признаваат. Сакам да ги прашам, кога влеговте во мојата спална соба, во кој момент ви дадов согласност, ги праша Жизел обвинетите за време на судскиот процес.
Во септември 2020 година Доминик Пелико е приведен поради вознемирување на жени односно снимал жени под здолниште во супермаркет. При претресот во неговиот телефон и компјутер пронајдени се вкупно 20.000 видео-снимки и фотографии од сексуалните напади врз Жизел. Иако на снимките се појавуваат 83 мажи, полицијата успеала да идентификува само 51 маж.
Најмладиот силувач имал 22 години, додека најстариот 68 години, од кои голем број биле во врска или во брак и имаат деца. Соучесниците на Доминик се со различни професии од пожарникари, фармацевти, работници и новинари. Сите тие живееле во радиус од 50 километри од домот на Жизел во село Мазан.
Против нив беа подигнати обвиненија за силување под дејство на дрога, но 35 од нив негирале дека се виновни. Некои од обвинетите се бранеа дека мислеле оти тоа е дел од сексуалната игра на сопружниците, а други тврделе дека не е силување ако дозволил сопругот, што укажува на патријархалниот став оти сопругата е сопственост на мажот. Некои обвинети тврдеа и оти не знаеле оти Жизел е дрогирана, но Доминик во сведочењето негираше дека мажите ги довел во заблуда, истакнувајќи оти точно знаеле што прават.
Јас сум силувач како и другите во оваа соба, изјави 71-годишниот Доминик Пелико.
На 19 декември судот во Авињон ги прогласува за виновни Доминик и 50 мажи, од кои 46 се виновни за силување, двајца за обид за силување и двајца за сексуален напад. Еден маж, кој не ја силувал Жизел е осуден поради силување на неговата сопруга со помош на Доминик. Друг маж е осуден во отсуство бидејќи е во бегство.
Но само Доминик кој е осуден на максимална затворска казна, согласно француските закони, неговите соучесници добија помали затворски казни од тоа што бараа обвинителите. Тие се осудени од три до 15 години за силување на Жизел додека била во несвесна состојба.
Доминик, покрај за силување е прогласен за виновен и за производство и дистрибуција на сексуални слики на својата возрасна ќерка Каролин и жените на неговите синови. Тој е осуден на максимална казна затвор од 20 години.
Жизел изјави дека нема да се жали, а се претпоставува дека и осудените нема да е жалат на судската одлука.
- Кога се почна на 2 септември, сакав да се осигурам дека општеството ќе види што се случува и никогаш не зажалив за таквата одлука. Сега имам доверба во нашата способност заедно да создадеме иднина во која сите, жени и мажи, можат да живеат во хармонија со почитување и меѓусебно разбирање, изјави Жизел по изрекувањето на пресудите.
Таа истакна дека судењето било многу „тежок испит“ за неа и за нејзините три деца и нејзините внуци, но оти тоа го направила за нивната иднина. Пелико ги поддржа и жртвите на сексуално насилство чии приказни не се раскажани.
- Мислам и на сите други семејства погодени од овој случај и на непризнаените жртви во приказните кои често се во сенка. Знајте дека водиме иста борба, наведе Жизел.
Таа повтори дека не жали поради одлуката судењето да биде јавно бидејќи само така општеството може да види што се случило.
Судењето ја откри темната страна на човекот. Експертите треба да дадат одговорат што доведе до масовно силување – дали неказнивоста или малите казни за сторителите, патријархалното општество, дплгите судски процеси, ревиктимизацијата на жртвата, осудата од јавноста што е насочена кон жртвата. Како толкав број на мажи на мал простор од 50 километри сакале да учествуваат во перверзиите на Доминик. Неколку мажи кога виделе за што се работи одбиле да не учествуваат, но не пријавиле во полиција. Исто така загрижувачко е што интернет-страницата каде Доминик регрутирал мажи за своите перверзии, што е затворена минатата година, имала 500.000 посетители месечно.
Годината што изминува ќе остане запомнета по храброста на Жизел Пелико, а нејзината изјава „Срамот треба да го чувствува другата страна“ стана мото на глобалната борбата против сексуалното насилство и неправдата кон девојчињата и жените.