- Добро е да имаме соседи кои што имаат стабилна политичка влада. Ако е состојбата таму таква, јас не би сакал да давам коментари и да се мешам во внатрешните работи на друга држава, исто како што не сакам ни мене да ми се мешаат во внатрешните работи на мојата земја. Им посакувам да се надминат разликите и да се формира политичка влада, изјави Мицкоски на новинарско прашање по свечената божествена литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски" во Скопје.
Преговорите на четирите партии во бугарското Собрание за кои се чинеше дека се на чекор до конечен договор за стабилна влада, во неделата беа прекинати од партијата ГЕРБ на Борко Борисов поради несогласување со „Демократска Бугарија“ кој треба да биде следниот премиер.
Бугарскиот претседател Румен Радев вчера изјави дека ќе им даде повеќе време на политичките лидери пред да го предаде првиот мандат, оценувајќи дека тие се однесуваат неодговорно.
- Ги повикувам политичките партии да престанат да си играат со судбината на народот и иднината на државата. Ќе дадам уште малку време - неколку дена, со надеж дека преговарачите ќе сфатат дека нивната одговорност не е само пред нивната партија и гласачите, туку и пред целиот бугарски народ, изјави Радев.
Според бугарските медиуми, големи се шансите Бугарија да оди на нови избори напролет, бидејќи по повлекувањето на партијата на Борисов како партија со најсилен мандат, речиси е невозможна веројатноста коалицијата на „Продолжуваме со промената“ и „Демократска Бугарија“, како втори на изборите, да обезбедат поддршка за нивниот владин состав.
Македонската Влада за деблокада на евроинтеграциите, останува на ставот за уставни измени со одложено дејство и е во очекување на формирање стабилна политичка Влада во Софија за дијалог во однос на продолжувањето на евроинтегративниот пат на земјава.
Во новогодишното интервју за МИА, Мицкоски порача дека е подготвен во 2025. да се сретне со високи бугарски претставници за да ги разгледаат сите можности, но вели истовремено по секоја цена нема да бара решение, кое што дополнително ќе ни го отежне овој процес. Вели дека секој договор мора да има јасен и предвидлив крај и затоа се обидуваат да репреговарат почетокот на процесот да биде и крај.