Мицкоски: Добро е да имаме соседи кои што имаат стабилна политичка влада

Премиерот Христијан Мицкоски не сакаше да коментира за процесот на преговори околу формирањето нова влада во Бугарија, но оцени дека би било добро Софија да добие стабилна политичка влада

- Добро е да имаме соседи кои што имаат стабилна политичка влада. Ако е состојбата таму таква, јас не би сакал да давам коментари и да се мешам во внатрешните работи на друга држава, исто како што не сакам ни мене да ми се мешаат во внатрешните работи на мојата земја. Им посакувам да се надминат разликите и да се формира политичка влада, изјави Мицкоски на новинарско прашање по свечената божествена литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски" во Скопје.

Преговорите на четирите партии во бугарското Собрание за кои се чинеше дека се на чекор до конечен договор за стабилна влада, во неделата беа прекинати од партијата ГЕРБ на Борко Борисов поради несогласување со „Демократска Бугарија“ кој треба да биде следниот премиер.

Бугарскиот претседател Румен Радев вчера изјави дека ќе им даде повеќе време на политичките лидери пред да го предаде првиот мандат, оценувајќи дека тие се однесуваат неодговорно.

- Ги повикувам политичките партии да престанат да си играат со судбината на народот и иднината на државата. Ќе дадам уште малку време - неколку дена, со надеж дека преговарачите ќе сфатат дека нивната одговорност не е само пред нивната партија и гласачите, туку и пред целиот бугарски народ, изјави Радев.

Според бугарските медиуми, големи се шансите Бугарија да оди на нови избори напролет, бидејќи по повлекувањето на партијата на Борисов како партија со најсилен мандат, речиси е невозможна веројатноста коалицијата на „Продолжуваме со промената“ и „Демократска Бугарија“, како втори на изборите, да обезбедат поддршка за нивниот владин состав.

Македонската Влада за деблокада на евроинтеграциите, останува на ставот за уставни измени со одложено дејство и е во очекување на формирање стабилна политичка Влада во Софија за дијалог во однос на продолжувањето на евроинтегративниот пат на земјава.

Во новогодишното интервју за МИА, Мицкоски порача дека е подготвен во 2025. да се сретне со високи бугарски претставници за да ги разгледаат сите можности, но вели истовремено по секоја цена нема да бара решение, кое што дополнително ќе ни го отежне овој процес. Вели дека секој договор мора да има јасен и предвидлив крај и затоа се обидуваат да репреговарат почетокот на процесот да биде и крај.

Ле Екип: Дешам ќе се повлече од француската репрезентација по СП 2026

Селекторот на Франција, Дидие Дешам планира да ја напушти функцијата по Светското првенство во 2026 година. 

Според „L'Equipe“, 56-годишниот стручњак денес ќе ја објави својата одлука за пензионирање по завршувањето на Мундијалот идната година.

Во квалификациите за СП 2026 година, Французите ќе играат во групата Д или Л, во зависност од натпреварите од Лигата на нации против Хрватска (20 и 23 март). Во случај на победа, триколорите ќе бидат во група со Украина, Исланд и Азербејџан, а во случај на пораз - со Чешка, Црна Гора, Фарски Острови и Гибралтар.

Светското првенство во 2026 година ќе се одржи во САД, Мексико и Канада од 11 јуни до 19 јули 2026 година.

Дешам е селектор на француската репрезентација од 2012 година. Под негово водство, тимот одигра 166 натпревари: 106 победи, 31 нерешени и 29 порази. Во 2018 година Французите го освоија Светското првенство, а во 2021 година - Лигата на нации./МИА

Градинката Пролет изградена по светски стандарди, прва по 50 години во општината

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека новата градинка Пролет која е прва по пет децении е изградена по највисоки светски стандарди за поквалитетен престој на дечињата и подостоинствени услови за работа на вработените.

-Градинката Пролет е прва во населбата Пролет и прва по 50 години во општината. Истата е енергетски ефикасна и модерна која треба да обезбеди опфат на 173 деца, сместени во 9 занимални. Горд сум што инклузивноста и пристапноста на децата со попреченост е воспоставена во проектот на градба. Градинката ќе располага со лифт и надворешно игралиште до кое можат да пристапат и деца со попречености. Изградбата се одвиваше според предвидената динамика, брзо и непречено. Во месец март се надевам дека дечињата од населбите Пролет и Маџир Маало ќе бидат згрижени во оваа предучилишна установа, рече Герасимовски.

Новата градинка Пролет има вкупна бруто површина од 3.276 метри квадратни и целосно е финансирана од Општина Центар во висина од околу 2.5 милиони евра.

Општина Центар

ЦУК: Вкупно 1.359 повици на 112 изминатото деноноќие, мостот на Вардар кај Башино Село затворен

Вкупно 1.359 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи - 112 се евидентирани изминатото деноноќие. 

Пожарникарите гаснеа пожари во урбани и населени места. Не се регистрирани пожари на отворен простор. Кога станува збор за проодност на патишта, мостот на реката Вардар кај Башино Село е затворен за секаков вид сообраќај, се потенцира во денешното соопштение на Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од повиците на 112 изминатите 24 часа, како „реални“ биле категоризирани 54.38 отсто. Останатите 45.62 отсто биле за други потреби на граѓаните, што не се сметале за итни.

- Кон полиција биле упатени 69,64 отсто, кон Итната медицинска помош - 27,53 проценти, а кон пожарникарите - 1,62 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК, се додава во соопштението.

притисни ентер