Русија и Англија го одиграа првото реми на ЕУРО 2016

Фудбалерите на Русија и на Англија синоќа на „Велодром“ во Марсеј ремизираа играјќи 1:1, што претставува прв нерешен резултат на Европското првенство во Франција.

Англичаните поведоа во 73. минута со погодокот на Ерик Дајер од слободен удар, а бод за Русија донесе Василиј Березутски во судиското надополнување.

На овој дуел му претходеа низа инциденти меѓу навивачите на двете репрезентации предизвикани од англиските хулигани, судир имаше и на трибините по завршување на натпреварот.

На првиот меч од 1.коло во групата Б, Велс забележа победа над Словачка со 2:1.

Табела: Велс 3 бода, Русија 1, Англија 1, Словачка 0.

Три натпревари се играат и денеска на третиот ден од ЕУРО 2016.

Двојките се:

Турција – Хрватска (15 часот) и

Полска – Северна Ирска (18) од Ц-групата,

Украина – Германија (21) од Д-групата. /МИА

СДСМ: Дурмиши не бил во маркет, граѓаните „заштедиле“ 57 денари за еден месец

Со голема помпа најавуваната мерка на владата на Мицкоски за замрзнување на цените граѓаните не ја почувствуваа дека воопшто постоеше.

Единствено граѓаните почувствуваа само разочарување. Симболични 57 денари, ете толку била заштедата на граѓаните за еден месец.

Дурмиши очигледно не бил во маркет, не ги видел цените дека нема намалување и дека најголемиот дел од производите останаа со исти цени.

Тоа што само за неколку производи се намалија цените со незначителни суми е најголема потврда за неефикасната мерка, која беше лошо осмислена и им дозволи на трговците прво да ги зголемат цените пред да стапи на сила.

Нереалните трошоци кои ги имаат граѓаните заради слабите политики на Владата на Мицкоски и нереалните цени се товар семејствата и родителите секој ден.

Бидејќи власта не планира да преземе конкретни и реални мерки СДСМ ќе поднесе закон за вистинско намалување на цените.

Нема да дозволиме нашите граѓани да бидат жртви на празни ветувања и политички манипулации.

СДСМ

Словачка „тужена“ пред Еврокомисијата за варварски однос кон мечките

Зоолошката градина од јужно чешкиот град Табор поднесе жалба до Европската комисија поради новата регулатива во Словачка со која се олабавуваат правилата за контролиран отстрел на мечки. 

Според директорот на Зоолошката градина, Евжен Корец, ваквиот нивни потег се должи на фактот кафената мечка е заштитен вид во Европската Унија, која троши многу пари за заштита на сите загрозени животински видови.

- Словачка тргна по патот на средниот век, кога беше вообичаено да се пука во се што се движи во шумата и е само малку повлакнесто од човекот, изјави Корец, додавајќи дека според него, масовното убивање на загрозените видови претставува варварски чин.

Корец оцени дека Словачка избрала да го игнорира европското законодавство, нарекувајќи го словачкото Министерство за животна средина, кое е предлагач на новите правила за отстрел на мечки - „Министерство за непромислено истребување“.

Во мај годинава Словачка ги измени правилата за отстрел на мечки, по регистрирањето на зголемен број напади на овие животни врз луѓе во земјата.

Со новите правила, кога мечка ќе биде забележана како се приближува до населено место, во тој реон може да биде прогласена вонредна состојба, како во случај на земјотрес или терористички напад.

По усвојувањето на новите правила словачкиот министер за животна средина Томаш Тараба изјави дека успеале „да го надминат големиот правен проблем“ што спречуваше отстрел на мечка во случај ако таа не извршила напад врз лице.

- Повеќе нема да треба да реагираме по нападот. Отстрелот ќе се врши превентивно и однапред во интерес на заштита на животот, здравјето и имотот на граѓаните, рече Тараба.

Според правилата на ЕУ, за да биде овозможен отстрел на заштитен вид на животно, потребно е тоа да „покажува проблематично однесување“.

Иако оваа одредба повеќе не важи во словачките правила, Европската комисија реши да ги одобри во замена за, како што се тврдеше тогаш, поддршка од Словачка за Предлог-законот за обнова на природата, кој беше одобрен со тесно мнозинство благодарение на гласот „за“ на Братислава. Комисијата тогаш ги отфрли ваквите тврдења како инсинуации.

Во пресрет на изборите за шеф на државата во март и за Европскиот парламент во јуни годинава, проблемот со нападите на мечки стана еден од главните политички теми. Екстремно десничарската Словачка национална партија (СНС), од чии редови доаѓа и Тараба, обвини дека проблемот со мечките се должи на одлуките на „бирократите во Брисел и на зелените правила на ЕУ“.

Според проценките, во Словачка има меѓу 1.000 и 1.300 кафени мечки. По стапувањето во сила на новите правила, словачкото Министерство за животна средина издало околу 100 дозволи за отстрел на мечки, при што веќе се убиени 86.

„Гугл“ со нови функции на „Мапс“ и четботот „Џемини АИ“

Пребарувачот „Гугл“ воведе голем број нови функции на апликацијата „Мапс“, овозможени благодарение на четботот „Џемини АИ“ (Gemini AI).

Корисниците, имено, сега можат да бараат понуди и идеи за места, за посета и претпочитани активности. Со помош на „Џемини АИ“, апликацијата ќе може да планира активности за еден корисник, но и за група луѓе во одредена средина. Исто така, може да понуди резиме на искуствата на оние кои веќе биле на одредено место, да одговори дали има седење на отворено, тивка атмосфера, сообраќајните услови, и сл. Новите функции доаѓаат на оперативните системи „Андроид“ (Android) и „ИОС“ (iOS) во САД оваа недела, а подоцна и пошироко.

Возачите кои се потпираат на навигација сега можат да ја користат функцијата „Додај застанувања“ (add stops) за да ги видат знаменитости, живописни места и ресторани на нивниот пат.

Апликацијата „Мапс“ сега појасно ќе прикажува ленти, пешачки премини, паркиралишта и патни знаци при возење и ќе го означува вистинскиот излез. Конечно се воведува и можност за пријавување лоши временски услови.

Новата опција „Тридимензионален поглед“ (Immersive View) им овозможува на корисниците виртуелно да истражуваат стадиони, паркови и рути користејќи ја вештачката интелигенција.

„Имерзив вју“ за почеток ќе биде достапен во 150 градови ширум светот. „Гугл“ го подобрува и „Вејз“ (Waze) со нови функции, вклучително и можностите за пријавување сообраќајни несреќи, известување за ВИ-разговор со поприроден глас и за училишните зони.

притисни ентер