Поранешен фудбалер на Валенсија загинал во поплавите во Шпанија

28 годишниот Хозе Кастиљехо, поранешен играч на Валенсија, е една од жртвите на страшните поплави кои неодамна го погодија градот.

Кастиљехо ја започна кариерата во младинскиот тим на Валенсија, а клубот од Местаља веднаш имаше реакција на трагичната вест.

„Валенсија длабоко жали за смртта на Хозе Кастиље, кој стана жртва на катастрофалните последици од поплавите. Хозе беше дел од нашата Академија и играше за неколку други клубови“, соопштија од шпанскиот клуб.

Реагираше и неговиот друг клуб Елденсе.

„Елденсе длабоко жали за смртта на Хозе Кастиље, поранешен играч на сино-црвените во сезоната 2015/16. Упатуваме најдлабоко сочувство до неговото семејство и пријателите. Нека почива во мир“, рече Елденсе.

Инаку, Кастиљехо играше и за клубови од пониски рангови, Патерна, Буњол, Колон, Рода, Торе Леванте и Виљамарант.

Во катастрофата во Валенсија имаше повеќе од 150 жртви.

Русија воведе нов закон против мигрантите, од март полицијата ќе може да им упаѓа во домовите

Од март 2025 година, руските полицајци ќе имаат право слободно да влегуваат во домовите во кои живеат мигранти.

Овие мерки ќе важат за странците кои се под режим за протерување, пренесува info24.ru.

Според одредбите на законот, кој стапува на сила на 5 март, полициските службеници ќе можат да бараат информации и документи од државните органи и органи на други земји за да вршат државен надзор над мигрантите. Конкретно, тие ќе можат да бараат информации кои вклучуваат деловни, банкарски, даночни или други тајни заштитени со закон.

Спроведувањето на ваквите мерки ќе биде овозможено, според инфо24, со помош на технички средства. Оваа одредба се однесува и на физички и на правни лица кои обезбедуваат помош на таквите мигранти за време на нивниот престој на територијата на Русија. Полициските службеници ќе можат да користат податоци од мобилни уреди, геолокациски и платежни системи.

Од 5 март стапува на сила миграцискиот режим за протерување на странци или лица без државјанство кои се илегално на територијата на Русија или кои ги прекршиле законите на земјата. Одредени права и слободи ќе бидат ограничени на таквите мигранти, а против нив ќе бидат применети мерки за федерален државен надзор во сферата на миграцијата, пренесува ТАСС.

Претходно беше најавено дека илегалните мигранти во Руската Федерација мора да ја напуштат земјата или да го регулираат својот правен статус во рок од четири месеци, до 30 април. Соодветниот декрет беше потпишан од рускиот претседател Владимир Путин.

Легендарен модел на Ланчија се продава за над половина милион евра

Легендарниот модел Lancia Delta Integrale, рели автомобилот кој Карлос Саинц го прослави во раните деведесетти, моментално е на продажба, а сопственикот за него бара вистинско богатство.

Поминаа повеќе од 30 години откако Карлос Саинц доминираше во рели шампионатот, а во исто време оживеа приказната за легендарната Lancia Delta Integrale, која сè уште е вистинско богатство за секој љубител на автомобили.

Автомобилот, кој му припаѓаше на официјалниот тим на Lancia, е опремен со 2.0-литарски четирицилиндричен мотор кој произведува повеќе од 300 КС, има шест-брзински менувач Lancia Abarth R90 и, се разбира, погон на четири тркала.

Приказната за овој модел е повторно ажурирана откако сопственикот го реставрирал и го подготвил за продажба. Реставрацијата е направена во Франција во 2019 година, а сопственикот чекал пет години пред да одлучи да го продаде.

Преку британскиот дилер на автомобили Данкан Хамилтон Рофго, кој е специјализиран за најбараните рели автомобили, сопственикот бара 511.000 евра. Тоа е голема сума, иако не е претерано за некој што ја разбира вредноста на овој модел.

Обична Lancia Delta Integrale денес се продава за повеќе од 100.000 евра, а датира од периодот од 1987 до 1992 година. Меѓутоа, бидејќи овој модел го возеше двократниот шампион Карлос Саинз, неговата цена е добро оправдана.

Lancia Delta HF Integrale освои четири WRC титули за време на златното доба, кога ривали беа легендарните модели како што се Ford Sierra, Toyota Celica и Subaru Impreza. Лансија постигна уште поголема доминација во конкуренција на конструктори, освојувајќи шест последователни титули до 1992 година.

Цетиње е облепено со некролози за 12- те жртви на пијаниот Мартиновиќ, меѓу нив и за братчињата

Цетиње и Црна Гора тагуваат. На улиците на главниот град се појавија посмртници со имињата на жртвите на безумниот Ацо Мартиновиќ, кој вчера уби 12 лица, а рани четворица.

Меѓу неговите жртви има и две момчиња, на возраст од девет и 14 години, Јован и Вукан Вулетиќ. Покрај нивните слики, на некрологот има и фотографија од Мирко Вулетиќ, нивниот чичко, објави Телеграф.

Погребот на момчињата ќе биде утре на новите гробишта во Цетиње. Истиот ден на тоа место ќе биде погребана и Драгана Драшковиќ.

Бранислав Бранко Мудреша ќе биде погребан утре во селото Боково, а Радивоје Беќо Марковиќ во Липа Цуцка.

Деветгодишниот Вукан и неговиот пет години постар брат Јован Вулетиќ се најмладите жртви на масовното злосторство извршено вчера попладне во Цетиње од Ацо Мартиновиќ (45).

Според полицијата, Мартиновиќ убил четири лица во куќата на роднина во Бајице - Радован и Радмила Мартиновиќ и нивните синови, близнаците Милош и Марко Мартиновиќ. Во куќата на Мартиновиќ тешко е ранета и сопругата на Марко, Марија (38).

Меѓу жртвите на Ацо Мартиновиќ се Радомир Марковиќ (70), Јошо Оташевиќ (55), Бранислав Мудреша (60), Драгана Драшковиќ (53) и сестрата на убиецот, Зорица Вулетиќ.

Мартиновиќ вчера нешто по 17 часот и 30 минути во кафаната „Велестово“ во близина на Спортскиот центар убил четири лица.

Потоа убил уште четворица Мартиновиќи во Бајице, а потоа ги убил двете деца во населбата Хумчи, а потоа го продолжил злосторството во Доњи Крај, каде ја убил својата сестра и уште едно лице.

Кога полицијата го опколила околу полноќ, Мартиновиќ си пукал во главата, а потоа починал на пат кон болница.

притисни ентер