Никако да започне главната расправа во судот, веќе втор пат по барање на одбраната се одложува рочиштето каде кривично се гонат Тотал ТВ Македонија и поранешниот управител на компанијата Никола Тасев за нелегално реемитување на телевизиската програма на Канал 5. Овој пат причината за одложувањето е што немаше претставник на Тотал ТВ, а нивната одбрана која беше во судницата посочи и дека немале време да се подготват за процесот бидејќи како адвокати биле ангажирани непосредно пред рочиштето.
Обвинителката Елена Жакула која во судницата посочи дека барањата на одбраната се конфузни пак побара во најкус рок да се закаже следното рочиште. Таа вели дека обвинителниот акт се темели врз цврсти докази кои очекува во постапката да ги докажат наводите во обвинението, а новото одглагање по барањето на одбраната го смета само за одолговлекување на постапката.
„Во однос на денешното одлагање на главната расправа сметам дека и покрај доволниот рок кој го определи судот за да се подготви одбраната, а исто така да определи и претставник тоа не го сторија и сметам дека е во насока на одолговлекување на постапката. Верувам дека судот на следното рочиште ќе утврди, покрај динамиката на останатите судења и текот на целата постапка. “
Директорот на Канал 5 – Иван Мирчевски исто така верува дека станува збор за одолговлекување на процесот, за да се одложи спроведувањето на правдата, бидејќи како што кажа, аргументите и доказите се на страната ан Канал 5.
„Очигледно е и јасно е и многу видливо е дека правното лице Тотал ТВ кое што е членка на големата групација Јунајтед Груп од Србија сака да одлговлекува, не знам зошто, но претпоставувам зошто, затоа што сите аргументи се на страната на Канал 5 и мислам дека судијата направи максимален напор да во краток рок го презакаже повторно судењето, главната расправа каде што јас ќе треба да дадам исказ и сметам дека тогаш веќе ќе немаат шанса да го одголговлекуваат и конечно и судијата и сите страни но и јавноста ќе ги слушнат фактите со кои што располагаме, а тоа е дека сториле кривично дело за нелаглно емитување на телевизиска програма.“
Судијката Ана Давчевска следното рочиште го закажа за 8 ноември, а на одбраната и посочи дека согласно законот, безразлика дали ќе се појави претставник или нема да се појави рочиштето ќе се одржи, бидејќи на овој начин како што кажа, може да трае до недоглед.