Жителите на земјите од Европската унија треба да складираат храна и основни потреби во случај на војна и руска агресија или некоја друга вонредна ситуација, се вели во најновиот извештај на специјалниот советник на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Извештајот за цивилната и воената подготвеност на Европа го составил поранешниот фински претседател Саули Нинисто во својство на специјален советник, објави денеска Newsweek.
Во извештајот се посочува дека ЕУ не била подготвена за пандемијата „Ковид-19“, како и за руската агресија врз Украина и дека треба „од фазата на реакција да премине во состојба на проактивна подготвеност“.
Во извештајот не се наведува дека руската агресија е единствената можна закана, но се истакнува дека таа е најголема.
„Немаме јасен план што треба да направи ЕУ во случај на вооружена агресија врз една нејзина членка. Заканата од руската војна против европските безбедносни сили нѐ принудува да го ставиме ова прашање во центарот на нашата подготвеност за ваква ситуација, без да ги занемариме нашите подготовки за други големи закани“, се вели во извештајот на специјалниот советник на Урсула фон дер Лајен од 165 страници, кој го доставил во средата.
Во рамките на оваа стратегија, ЕУ треба да ги советува домаќинствата да бидат подготвени за во случај на вонредна состојба да можат да имаат достапни залихи за најмалку 72 часа.
Затоа, жителите на земјите од ЕУ треба да складираат основни потреби, а на членките на ЕУ им се советува да им дадат на своите граѓани насоки за складирање, евакуација и начини да стигнат до службите за итни случаи.
Во последниот извештај се посочува дека е неопходно да се набават залихи на храна, вода за пиење, лекови, како и батериски ламби и радија на батерии.
Целта на овие совети е да се подготват граѓаните на ЕУ за вонредни ситуации како што се нови пандемии, екстремни временски настани или вооружена агресија.
Во оваа насока се предложени и други мерки, како што е распределба на најмалку 20 отсто од вкупниот буџет на ЕУ за зголемување на безбедноста и подготвеноста за кризи, како и поголема размена на разузнавачки податоци меѓу членките на Унијата.