Новогодишен концерт на Филхармонија со најпознатите валцери и полки од Штраус

Традиционалниот новогодишен концерт насловен „Слушни! Доаѓа Новата...“ на македонската филхармонија ќе се одржи вечер со почеток во 20 часот. 

Оркестарот ќе го води Елена Митревска, македонска диригентка која во моментов работи во Операта во Малме, Шведска. На програмата се најпознатите валцери и полки од Јохан Штраус, како и дела од Бизе, Чајковски и Сен-Санс, информираат од Филхармонија.

- Митревска завршува студии по хорско и оркестарско диригирање на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, каде дипломира со почести. Член е на хорот „Арнолд Шенберг“ во Виена седум сезони, при што работи на оперска и концертна репертоар со диригенти како што се Николаус Харнонкурт, Клаудио Абадо, Бернард Хаитинк, Сајмон Ретл, Рене Јакобс и Корнелиус Мајстер, меѓу другите. Од 2012 година таа е асистент-диригент и хор-мајстор во истиот хор за концерти и оперски продукции во „Theater an der Wien“, се наведува во соопштението.

Во декември 2014 година, таа ја добила наградата од фондацијата „Ервин Ортнер“ за промовирање талентирани млади музичари во областа на хорското диригирање.

- Митревска диригира со оркестри како што се камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, Виенскиот камерен оркестар, Македонската филхармонија, Овиедо Филхармонија и Оркестарот на Операта во Малме. Во ноември 2022 година, поканета е како диригент во продукцијата на „Дон Џовани“ во Операта во Овиедо. Таа е хор-мајстор во истата од 2016 до 2020 година, а гостин хор-мајстор во Националната опера Лион, Франција во 2021 година. Од 2020 година ја врши истата функција во Операта во Малме, каде што има претстојни продукции, вклучувајќи ја улогата на диригент за операта „Кармен“ од Жорж Бизе во сезоната 2025/26. Митревска е редовно поканета да работи на проекти со хорот на Данското национално радио и Данскиот национален вокален ансамбл, се додава во соопштението на Филхармонија.

Хрватски актер запроси колешка пред преполната театарска сала: Знаев дека е луд (ВИДЕО)

На премиерата на претставата во Вараждин, актерот и комичар Александар Лазиќ ја изненади својата партнерка Наташа Поповиќ, која му беше колешка во претставата.

Актерот клекнал на едно колено пред полн театар и ја запросил.

Публиката беше воодушевена, а на Наташа ѝ требале неколку моменти да се свести и да ја прифати ненадејната понуда.

- Ова е најубавиот момент. Актерот ја запроси актерката на сцената. Честитки, Алекс и Бара, за големата љубов, за одличното шоу и на сите во публиката за прекрасните реакции - пишува на Фејсбук страницата на Театар Керекеш, која го сподели видеото.

- Знаев дека е луд, но ова не го очекував! Ова е она за што сонува секоја девојка, а јас во моментов го живеам мојот сон. И, реков да – изјавила самата актерка.

Мистерија на Тајланд:По невреме, нашле црни камења во дворот- лекуваат и даваат енергија(ВИДЕО)

Мистериозните црни камења кои „паднаа од небо“ при невреме во тајландската провинција Паталунгу, целосно го збунија локалното население.

Пронајдени се во дворот на Вичета и Манерат Сирипувадон, а тежат околу 20 килограми. Сопружниците веруваат дека тоа „дошло од вселената“, пренесува New York Post.

„Врнеше многу дожд, а два часа удираа громови, што предизвика пожар. Утрото најдовме паднато дрво и траги од горење на земјата. Имаше и необична јама од која нешто чадеше. Го покрив со земја и си заминав“, изјави Вичета.

Две недели подоцна, повторно ја посетил јамата и ги пронашол мистериозните црни камења. Манерат се исекла додека ги собирала, но крварењето брзо престанало.

Камењата ги чуваат во својата куќа и тврдат дека по еден месец се чувствуваат поздрави, поенергични и ментално поконцентрирани.

Затоа ги повикуваат надлежните да ги истражат „невообичаените предмети“ и да го утврдат нивното потекло.

Инаку, мештаните ги забележале шарите на камењата и ги протолкувале како „среќни бројки“ со кои планираат да играат лотарија. Тие мислат дека тоа ќе им донесе среќа.

Властите во Газа: Во израелски напад се убиени петмина новинари

Властите во Газа соопштија дека во израелски воздушен напад загинале пет палестински новинари пред болница, но израелската војска соопшти дека нападнала возило со милитанти на Исламски џихад.

Лекарите рекоа дека најмалку 21 лице загинало во израелските воздушни напади врз палестинската енклава додека Хамас и Израел меѓусебно се обвинуваат за одложување на постигнувањето договор за прекин на огнот.

Синдикатот на палестинските новинари објави дека пет новинари на каналот Ал-Кудс Тудеј биле убиени во напад пред болницата Ал-Авда во бегалскиот камп Ал-Нусеират во центарот на Газа.

Од почетокот на војната во октомври 2023 година, убиени се повеќе од 190 палестински новинари. Израелската армија објави дека „извршила прецизен напад врз возило со терористичка група Исламски џихад во областа Нусејрат“.

Израел редовно ги негираше нападите врз новинарите и тврди дека презема чекори за да избегне напади врз цивили.

Групата Исламски џихад, поддржана од Иран и сојузник на Хамас, се приклучи на борбата против Израел во октомври 2023 година.

На видеото од местото на нападот се гледаат остатоци од бело комбе со, како што изгледа, остатоците од зборот ПРЕСС на задната врата.

На погребот на петтемина новинари присуствуваа десетици роднини и колеги новинари. На нивните тела бил ставен панцир со натпис PRESS.

„Израелската армија го оправдува овој напад со тврдењето дека е насочен кон поединци вклучени во палестински организации и групи. Сепак, овие лица биле на задачи, во возила за новинари и известувале за настани“, рече дописникот на каналот Ал-Араби, Абед Мекдад за време на погребот.

Лекарите во енклавата соопштија дека уште осум лица се убиени, а 20 се ранети во израелски воздушен напад врз куќа во населбата Зејтун во Газа. Тие додадоа дека бројот на жртвите може да се зголеми бидејќи многу луѓе се заробени под урнатините.

Хамас и Израел меѓусебно се обвинуваат за неуспехот да се постигне договор за прекин на огнот и покрај напредокот што го пријавија двете страни.

Хамас рече дека Израел поставил нови услови, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја обвини групата дека се откажува од веќе постигнатите договори.

притисни ентер