Градоначалничката Арсовска го посети првороденото бебе во Скопје

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска го посети првороденото бебе родено една минута по полноќ на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство. 

- На мајката за која ова е прво дете и бебето Јаков во новата година им посакавме многу здравје и радости, со штедна книшка и пригодни подароци. Наша желба за младата Сања Талевска и за целото семејство е заедно да се радуваат на успесите на Јаков во годините кои претстојат, напиша Арсовска во објава на Фејсбук.

Првороденото бебе во Скопје го посетија и министерот за здравство Арбен Таравари со сопругата и сопругата на претседателот на Владата Христијан Мицкоски.

Годинава почнуваат активностите за филмот, серијата и документарецот за Тоше Проески

Подготовките и првичните активности поврзани со снимањето на играниот филм, серијата и документарниот филм за Тоше Проески, според најавите, треба да почнат во текот на оваа година.

Конкурсот во врска со снимањето ќе биде објавен од Македонската радио-телевизија, а станува збор за проект којшто треба да се реализира во рок од две години.

Во проектот ќе бидат вклучени повеќе копродуценти, а министерот за култура и туризам Зоран Љутков се надева дека ќе има копродуценти речиси од сите национални телевизии на Балканот, бидејќи постои многу голема заинтересираност.

- Средствата ќе бидат обезбедени од буџетот на државата преку Министерството за дигитализација, а проектот ќе го води Македонската радио-телевизија. Во проектот ќе бидат вклучени многу повеќе копродуценти, се надевам дека ќе бидат копродуценти речиси сите национални телевизии од Балканот, бидејќи навистина има многу голема заинтересираност, изјави неодамна Љутков на брифинг со новинарите.

Дополнително, се размислува и за музичко шоу за млади таленти кое што би го носело името на Тоше Проески.

Тоше беше еден од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена. Роден е на 25 јануари 1981 година во Прилеп, како второ дете на Никола и Доминика Проески. Неговиот талент првпат е забележан на детскиот фестивал „Златно славејче“ во 1992 година, на кој настапува со песната „ Јас и мојот дедо“, испеана на влашки јазик и компонирана од Христо Христовски – Муларот.

Под мотото „Образованието е одговорност на сите“ на 5 октомври 2007 година го одржува својот последен концерт на Градскиот стадион во Скопје. Концертот беше поддржан од УСАИД, а имаше хуманитарен карактер. Парите од билетите се искористија за петгодишниот проект за основно образование финансиран од фондацијата. По неговата смрт на истиот датум беа одржани уште неколку концерти во негова чест.

Загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа на автопатот Загреб – Липовац, кај местото Нова Градишка во Република Хрватска, на возраст од 26 години.

Секоја година во неговото родно Крушево се одбележува годишнината од смртта, а во негова чест маратонци го трчаат ултрамаратонот од Нова Градишка до Крушево.

Постхумно, е прогласен за почесен граѓанин на земјава и е погребан со најголеми државни почести. Од тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов, постхумно е одликуван со Орден за заслуги.

Во неговото родно Крушево на 25 април во 2011 година беше отворена националната установа „Спомен куќата за Тоше Проески“ која што до ден денешен е посетувана од неговите обожаватели и бројни музички ѕвезди.

Спомен куќата претставува материјализација на целиот негов животен пат и низ содржините обезбедува хронолошки приказ на неговото детство, тинејџерските години и периодот кога го достигна врвот на својата музичка уметничка кариера./МИА

Зеленски: Русија ја нападна Украина со над 300 дрона и 20 ракети во првите три дена од 2025.

Русија изврши над 300 напади со дронови и лансираше околу 20 ракети, вклучително и балистички, врз Украина во првите три дена од 2025 година, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на својот канал на „Телеграм“, пренесува Укринформ.

„Нашите сили успеаја да соборат или да ги неутрализираат со средства за електронска војна значителен дел од овие напади. Но, за жал, имаше погодени цели, повредени и загинати. Им изразувам сочувство на семејствата и пријателите на жртвите. Покрај тоа, секојдневно има напади со руски насочувани авионски бомби,“ истакна Зеленски.

Тој додаде дека „овој руски терор, кој не губи интензитет, бара од нас и од нашите партнери да го засилиме развојот на воздушната одбрана, од системите ‘Патриот’ до мобилните противпожарни тимови“.

Зеленски им се заблагодари на сите партнери за поддршката и истакна дека е потребно континуирано снабдување со системи за противвоздушна одбрана и зголемување на капацитетот на мобилните тимови.

Пензиите од март повисоки за 2.500 денари, старосната граница за пензионирање останува иста

Пензионерите со исплатата на мартовската пензија на 1 април треба да го добијат вториот дел од ветените 5.000 денари што владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги најави во предизборната кампања за парламентарните избори. 

Првиот дел од 2.500 денари од линеарното зголемување, пензионерите го добија со октомвриската пензија.

Од Владата велат дека парите за оваа намена се обезбедени во Буџетот и не очекуваат турбуленции во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Уверуваат дека Фондот на ПИОМ е стабилен и дека буџетска дупка во ПИОМ ќе има уште шест до седум години додека не почне поробусна исплата на пензиите од Вториот пензиски фонд.

За исплата на пензиите во Буџетот за 2025 година се предвидени 105,5 милијарди денари со кои се обезбедени средства за најавеното зголемување на пензиите за 2.500 денари.

Директорот на Фондот за ПИОМ Никола Мемов на последниот брифинг со новинарите најави дека ќе се продолжи со краткорочни и среднорочни мерки за стабилизирање на буџетскиот дефицит. Очекува приходите по основ на плаќање на придонеси да растат, а за придонесот за пензиско осоигурување, рече, дека останува 18,8 проценти.

Експертите остануваат на ставот дека целосното исполнување на ветувањето за линеарно зголрмување, ќе предизвика дополнителен притисок врз буџетот и ќе генерира дополнителен трошок од околу 200 милиони евра на годишно ниво. Вакви ад хок решенија, според експертите, треба да се избегнуваат затоа што постојат системски прилагодувања на пензиите два пати годишно, но дека се оправдани во услови на зголемена инфлација.

Од Сојузот на здруженија на пезнионери на Македонија го поздравија зголемувањето на пензиите посочувајќи дека секое зголемување е добредојдено за корисниците на пензија, но дека треба да се има предвид и фискалната стабилност на Пензискиот фонд затоа што значајно е да има доволно средства за редовна исплата на пензиите.

Стабилноста на Пензискиот фонд го наметна и прашањето за зголемување на старосната граница за пензионирање од сегашните 62 години за жени и 64 за мажи на 67 години и за мажи и за жени. Со ваков предлог излезе Фискалниот совет како независно тело што изработува анализи и мислења за макроекономските и за фискалните претпоставки користени за изработка на Буџетот на државата и фискалната стратегија.

Во нивното мислење доставено како предлог кон Фискалната стратегија 2025-2029 година се предлага од 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензинско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5 проценти. Според нив, ваквите мерки се потребни за одржување на Фондот на ПИОМ, намалување на фискалните ризици и за консолидација на буџетот во наредниот среднорочен период.

Премиерот Христијан Мицкоски во новогодишното интервју за МИА уверува дека нема да има зголемување на старосната граница и зголемување на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување. Вели дека политиките нема да ги менуваат инстант и оти акцентот ќе биде ставен на сузбивање на сивата економија и намалување на даночната евазија со цел да се соберат повеќе пари во Буџетот.

- Најлесно е да се направи ова кое што е препорака на Фискалниот совет и дел од експертите на Светска банка дека треба да се зголеми данокот на додадена вредност, придонесите за здравствено и пензиско, да се зголеми старосната граница и слично. Ние сме фокусирани на политики коишто ќе значат намалување на сивата економија, намалување на даночната евазија, повеќе пари да собереме во буџетот, истовремено раст на економијата и повеќе пари да собереме на тој начин во буџетот како би можеле сето ова да го сервисираме за што во моментот морам да кажам дека сме апсолутно ликвидни, вели Мицкоски во интервјуто.

Предлогот на Фискалниот совет наиде на реакции и кај јавноста, експертите и синдикати.

Од Сојузот на синдикати на Македонија во изјава за МИА потенцираа дека пензиските реформи во сериозни држави се прават врз основа на сеопфатни анализи за целокупната општествено – економска состојба со сите предности и клучни предизвици во насока на социјално згрижување и сигурност за најголем број од населението.

Според ССМ, наместо продолжување на границата за пензионирање, потребно е воведување на повеќе услови за пензионирање, како пензионирање со навршени 40 години работен стаж за мажи и 35 години работен стаж за жени, предвремено пензионирање, воведување на бенефициран стаж за градежните работници и за други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови за работа кои штетно се одразуваат на животот и здравјето на работниците, старосна пензија - по возраст или работен стаж - по дејности, предвремена старосна пензија по возраст, неполна старосна пензија по возраст обезбедување на можност за докуп на стаж.

И дел од експертите се против ваквиот предлог затоа што според нив зголемувањето на старосната граница за пензионирање нема да ги реши проблемите со кои се соочува Пензискиот фонд и на краток рок нема да даде ефект бидејќи резултатите од зголемувањето на границата за пензионирање се гледаат дури по 10-тина години. До тогаш, според универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, дел од проблемите со дефицитот на Пензискиот фонд ќе почнат да се решаваат природно со исплатата на пензии од Вториот пензиски столб.

Наместо вакви мерки, според Јовановиќ, треба да се укинат сите ослободувања од плаќање даноци и придонеси бидејќи тие креираат дел од дупката во Фондот за ПИОМ, а за придонесот за пензиско осигурување вели дека треба да се зголеми бидејќи тој е еден од најниските во Европа.

- Кога станува збор за границата за пензионирање, главното прашање за мене е колку долго луѓето живеат по пензионирањето. Во Македонија, тоа во просек изнесува само 10 години, што е меѓу најкратките во Европа – границата за пензионирање е 63 години, а животниот век е 73. Ако се зголеми границата за пензионирање на 67 години, луѓето би живееле во пензија само 6 години, што веројатно ќе биде најкратко во светот. За споредба, во Австрија луѓето живеат во просек 18 години по пензионирањето – границата за пензионирање е исто така 63 години, но животниот век е 81. Слична е состојбата и во другите земји од ЕУ. Кога животниот век во Македонија ќе се доближи до 80 години, тогаш можеме да размислуваме за вакви промени, но не сега, изјави Јовановиќ неодамна во изјава за МИА.

Покрај Фискалниот совет, и Светска банка оцени дека без реформа, пензискиот дефицит се повеќе ќе се зголемува. За справување со овие предизвици, од Светска банка предложија постепено зголемување и изедначувањее на возраста на пензионерање на мажите и жените и постепено зголемување на стапката на придонесот.

Старосната граница за пензионирање се зголемува и во дел од европските држави. Во Белгијаод 65 година старосната граница се зголемува на 66 години, за потоа од 2030 година да има уште едно зголемување на 67 години. Слична е ситуацијата и во Германија каде границата за старосна пензија постепено ќе се зголемува за до 2031 година да достигне до 67 години.

притисни ентер