Пензиите од март повисоки за 2.500 денари, старосната граница за пензионирање останува иста

Пензионерите со исплатата на мартовската пензија на 1 април треба да го добијат вториот дел од ветените 5.000 денари што владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги најави во предизборната кампања за парламентарните избори. 

Првиот дел од 2.500 денари од линеарното зголемување, пензионерите го добија со октомвриската пензија.

Од Владата велат дека парите за оваа намена се обезбедени во Буџетот и не очекуваат турбуленции во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Уверуваат дека Фондот на ПИОМ е стабилен и дека буџетска дупка во ПИОМ ќе има уште шест до седум години додека не почне поробусна исплата на пензиите од Вториот пензиски фонд.

За исплата на пензиите во Буџетот за 2025 година се предвидени 105,5 милијарди денари со кои се обезбедени средства за најавеното зголемување на пензиите за 2.500 денари.

Директорот на Фондот за ПИОМ Никола Мемов на последниот брифинг со новинарите најави дека ќе се продолжи со краткорочни и среднорочни мерки за стабилизирање на буџетскиот дефицит. Очекува приходите по основ на плаќање на придонеси да растат, а за придонесот за пензиско осоигурување, рече, дека останува 18,8 проценти.

Експертите остануваат на ставот дека целосното исполнување на ветувањето за линеарно зголрмување, ќе предизвика дополнителен притисок врз буџетот и ќе генерира дополнителен трошок од околу 200 милиони евра на годишно ниво. Вакви ад хок решенија, според експертите, треба да се избегнуваат затоа што постојат системски прилагодувања на пензиите два пати годишно, но дека се оправдани во услови на зголемена инфлација.

Од Сојузот на здруженија на пезнионери на Македонија го поздравија зголемувањето на пензиите посочувајќи дека секое зголемување е добредојдено за корисниците на пензија, но дека треба да се има предвид и фискалната стабилност на Пензискиот фонд затоа што значајно е да има доволно средства за редовна исплата на пензиите.

Стабилноста на Пензискиот фонд го наметна и прашањето за зголемување на старосната граница за пензионирање од сегашните 62 години за жени и 64 за мажи на 67 години и за мажи и за жени. Со ваков предлог излезе Фискалниот совет како независно тело што изработува анализи и мислења за макроекономските и за фискалните претпоставки користени за изработка на Буџетот на државата и фискалната стратегија.

Во нивното мислење доставено како предлог кон Фискалната стратегија 2025-2029 година се предлага од 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензинско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5 проценти. Според нив, ваквите мерки се потребни за одржување на Фондот на ПИОМ, намалување на фискалните ризици и за консолидација на буџетот во наредниот среднорочен период.

Премиерот Христијан Мицкоски во новогодишното интервју за МИА уверува дека нема да има зголемување на старосната граница и зголемување на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување. Вели дека политиките нема да ги менуваат инстант и оти акцентот ќе биде ставен на сузбивање на сивата економија и намалување на даночната евазија со цел да се соберат повеќе пари во Буџетот.

- Најлесно е да се направи ова кое што е препорака на Фискалниот совет и дел од експертите на Светска банка дека треба да се зголеми данокот на додадена вредност, придонесите за здравствено и пензиско, да се зголеми старосната граница и слично. Ние сме фокусирани на политики коишто ќе значат намалување на сивата економија, намалување на даночната евазија, повеќе пари да собереме во буџетот, истовремено раст на економијата и повеќе пари да собереме на тој начин во буџетот како би можеле сето ова да го сервисираме за што во моментот морам да кажам дека сме апсолутно ликвидни, вели Мицкоски во интервјуто.

Предлогот на Фискалниот совет наиде на реакции и кај јавноста, експертите и синдикати.

Од Сојузот на синдикати на Македонија во изјава за МИА потенцираа дека пензиските реформи во сериозни држави се прават врз основа на сеопфатни анализи за целокупната општествено – економска состојба со сите предности и клучни предизвици во насока на социјално згрижување и сигурност за најголем број од населението.

Според ССМ, наместо продолжување на границата за пензионирање, потребно е воведување на повеќе услови за пензионирање, како пензионирање со навршени 40 години работен стаж за мажи и 35 години работен стаж за жени, предвремено пензионирање, воведување на бенефициран стаж за градежните работници и за други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови за работа кои штетно се одразуваат на животот и здравјето на работниците, старосна пензија - по возраст или работен стаж - по дејности, предвремена старосна пензија по возраст, неполна старосна пензија по возраст обезбедување на можност за докуп на стаж.

И дел од експертите се против ваквиот предлог затоа што според нив зголемувањето на старосната граница за пензионирање нема да ги реши проблемите со кои се соочува Пензискиот фонд и на краток рок нема да даде ефект бидејќи резултатите од зголемувањето на границата за пензионирање се гледаат дури по 10-тина години. До тогаш, според универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, дел од проблемите со дефицитот на Пензискиот фонд ќе почнат да се решаваат природно со исплатата на пензии од Вториот пензиски столб.

Наместо вакви мерки, според Јовановиќ, треба да се укинат сите ослободувања од плаќање даноци и придонеси бидејќи тие креираат дел од дупката во Фондот за ПИОМ, а за придонесот за пензиско осигурување вели дека треба да се зголеми бидејќи тој е еден од најниските во Европа.

- Кога станува збор за границата за пензионирање, главното прашање за мене е колку долго луѓето живеат по пензионирањето. Во Македонија, тоа во просек изнесува само 10 години, што е меѓу најкратките во Европа – границата за пензионирање е 63 години, а животниот век е 73. Ако се зголеми границата за пензионирање на 67 години, луѓето би живееле во пензија само 6 години, што веројатно ќе биде најкратко во светот. За споредба, во Австрија луѓето живеат во просек 18 години по пензионирањето – границата за пензионирање е исто така 63 години, но животниот век е 81. Слична е состојбата и во другите земји од ЕУ. Кога животниот век во Македонија ќе се доближи до 80 години, тогаш можеме да размислуваме за вакви промени, но не сега, изјави Јовановиќ неодамна во изјава за МИА.

Покрај Фискалниот совет, и Светска банка оцени дека без реформа, пензискиот дефицит се повеќе ќе се зголемува. За справување со овие предизвици, од Светска банка предложија постепено зголемување и изедначувањее на возраста на пензионерање на мажите и жените и постепено зголемување на стапката на придонесот.

Старосната граница за пензионирање се зголемува и во дел од европските држави. Во Белгијаод 65 година старосната граница се зголемува на 66 години, за потоа од 2030 година да има уште едно зголемување на 67 години. Слична е ситуацијата и во Германија каде границата за старосна пензија постепено ќе се зголемува за до 2031 година да достигне до 67 години.

Лепче со паричка на Бадник или на Василица?

Историјата на „василопитата“ е еден настан, кој се случи во IV век во градот Кесарија Кападокиска, во Мала Азија.

Во тоа време, Свети Василиј Велики беше епископ на Кесарија и живееше во единство со неговите сограѓани, со љубов, разбирање и помагање еден на друг.

Еден ден, кога Јулијан Отстапникот, нечесен цар и гонител на Христијаните, сакаше да оди за Персија и да војува со Сасанидите, тој помина близу Кесарија. Тогаш Св. Василиј, кој добро го познаваше, бидејќи беа соученици во Атина, излезе заедно со народот да го пречека и почести. Јулијан побара дарови, очекувајќи злато и скапоцености. Но, светиот немаше ништо друго, освен три леба од јачмен, кои му ги принесе на злобниот цар. Треба да се знае дека тој не принесе скапоцености, бидејќи не сакаше да даде нешто повредно, туку бидејќи мнозинството на жители во Кесарија беше навистина сиромашно. Кога го виде тоа, Јулијан им нареди на своите слуги да соберат трева од ливадата и да му ја дадат на епископот за возврат. Тогаш светиот праведно му одговори на Јулијан: „Ние, цару, откако ни побара, ти принесовме од нашата храна, па и ти, очигледно, ни возврати од тоа што и самиот го јадеш.“ Кога ги слушна овие зборови, Јулијан многу се налути и вети дека кога ќе извојува победа во Персија, ќе се врати во Кесарија, ќе го запали градот и ќе ги пороби неговите жители, а Василиј ќе го награди со иста мера.

Поради тоа, Св. Василиј побара од народот да го соберат сето злато што го имаат и да го зачуваат некаде, за да му го дадат на среброљубивиот Јулијан кога ќе се врати, па така, можеби, да го намалат неговиот гнев. Исто така, епископот им наложи на Христијаните да постат и да се молат, додека не се врати Јулијан. За време на богослужбата, светиот имаше небесно видение: Пресветата Мајка Божја, носена на ангелски престоли, нареди да го повикаат маченикот Меркуриј и го испрати со војска од ангели против Јулијан, непријателот на нејзиниот Син. Тогаш го виде и св. Меркуриј, вооружен и јавнат на коњ, како заедно со ангелските војски, тргна против безумниот цар и го уби со своето копје. Освестувајќи се од ова видение, св. Василиј, во придружба на неколку клирици, побрза во храмот на свети Меркуриј, кој сто години пред тоа имаше пострадано во Кападокија и видоа дека од храмот беа исчезнати неговите мошти и копјето, кои таму се чуваа. Подоцна дојдоа во градот вести дека Јулијан е убиен. Всушност, тоа што го виде великиот Василиј, беше токму тоа, што во истиот миг, навистина се случи на едно место недалеку од Кесарија.

Така се спаси градот Кесарија. Но, тогаш свети Василиј се најде во многу тешка положба. Требаше да го подели златото, кое граѓаните го собраа за да се избават од гневот на Јулијан, но таа поделба да е праведна, односно, секој да си го добие своето. Се помоли светителот и Бог го просвети што да направи. Тој ги повика своите ѓакони и помошници и им рече да замесат лебови и во секој леб да стават по малку од златните предмети. Кога лебовите беа готови, епископот ги подели како благослов на сите жители на градот Кесарија. Во почетокот сите се зачудија, а потоа нивното изненадување стана уште поголемо: кога секое семејство го пресече лебот, во него најде злато, но не било кое, туку токму она што му го имаше дадено на својот епископ.

Така значи, со тогашната „василопита“, Св. Василиј им донесе и благослов на луѓето и радост заради избавувањето. Оттогаш и ние, на денот на свети Василиј, 1ви јануари, месиме василопита и внатре ставаме златник, во спомен на чудото, кое се случи во Кесарија.

МААЕ информира за силни експлозии близу Запорожје АЕЦ

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) информира за силни експлозии во близина на Запорожје АЕЦ.

Оваа информација се совпаѓа со извештаите за напад со дрон врз тренинг центарот поврзан со украинската атомска централа, која е под контрола на Русија од март 2022 година – веднаш по почетокот на војната.

- Нема жртви ниту оштетувања на Запорожје АЕЦ, изјави генералниот директор на МААЕ, Рафаел Мариано Гроси. Тој прецизира дека тренинг центарот се наоѓа надвор од периметарот на најголемата атомска централа во Европа.

Во регионот на Запорожје АЕЦ често има гранатирања, за кои двете страни во конфликтот си ја префрлаат вината./МИА

Зеленски тврди дека Лукашенко му се извинил на почетокот на војната

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека белорускиот претседател Александар Лукашенко му се извинил веднаш по почетокот на војната, бидејќи Русија ја нападнала Украина преку белоруска територија, пренесува „Укринформ“.

- Разговарав со Лукашенко на телефон во првите денови од војната и тој се извини. Ми рече: ‘Не бев јас, Путин испалуваше ракети од мојата територија.’ Ова се негови зборови, а имам и сведоци. Тој кажа: ‘Извини’,“ објасни Зеленски во интервју за американскиот подкастер Лекс Фридман.

Како одговор, Зеленски го обвинил Лукашенко дека е ист како рускиот лидер Владимир Путин. „Му реков: ‘Ти си ист убиец.’ А тој ми одговори: ‘Разбери, не можеш да се бориш против Русите.’“

Како компензација, Лукашенко предложил Украина да ја нападне рафинеријата за нафта во белорускиот град Мозир, на што Зеленски му одговорил: „Што зборуваш?“

До овој момент нема реакција од белорускиот лидер.

Минатиот месец Лукашенко потпиша договор со Путин во Минск, со кој Русија гарантира безбедност за Белорусија. Лукашенко побарал од Русија да распореди нови оружени системи, вклучувајќи хиперсонични ракети „Орешник“, пренесува „Укринформ“. /МИА

притисни ентер