Нискобуџетната епска драма The Brutalist, која ја раскажува приказната за архитект кој го преживеал холокаустот, освои три награди: најдобар филм во категоријата драма, награда за најдобар актер (Адријан Броди) и награда за најдобра режија (Брејди Корбет). На крајот од својот говор, Корбет му оддаде почит на режисерот Џеф Баена, кој почина оваа недела.
Броди, кој претходно го загуби „Златниот глобус“ за улогата во Пијанистот пред да освои Оскар, го опиша филмот како „приказна за човечката способност за создавање.“
Крими-мјузиклот на Нетфликс Емилија Перез, кој беше најмногу номиниран филм на вечерта, освои четири награди: за најдобар филм – мјузикл или комедија, најдобра споредна женска улога за Зои Салдана, оригинална песна и најдобар филм кој не е на англиски јазик.
Салдана ја победи својата колешка Селена Гомез и Аријана Гранде од Wicked за наградата за споредна улога.
Изненадување беше и наградата за најдобра актерка во драма, која ја освои бразилската ѕвезда Фернанда Торес за нејзината улога во драмата I'm Still Here, сместена во 70-тите години на минатиот век. Таа ги победи Никол Кидман, Анџелина Џоли и Кејт Винслет. Торес наградата ѝ ја посвети на својата мајка, актерката Фернанда Монтенегро, која пред 25 години беше номинирана за „Златен глобус“ за улогата во Central Station.
Деми Мур ја освои наградата за најдобра актерка во мјузикл или комедија за The Substance, победувајќи ги Синтија Ериво и Мајки Медисон. - Не го очекував ова, изјави Мур, додавајќи дека досега ништо не освоила. Таа сподели емотивна приказна за недостигот на самодоверба поради тоа што не била сфатена сериозно.
Себастијан Стен ја изгуби наградата за најдобар актер во драма, но го освои „Златниот глобус“ за најдобар актер во мјузикл или комедија за улогата во A Different Man.
Историската епска серија Шогун доминираше во категоријата ТВ драми, додека хит-серијата Baby Reindeer освои две награди.
Иако Wicked беше исклучен од главните категории, му беше доделена награда за кинематографски и бокс-офис достигнувања – категорија која беше воведена минатата година и првпат ја освои филмот Barbie.
Водителката на вечерта, Ники Глејсер, која оваа година беше номинирана за својот стенд-ап специјал, во својот воведен монолог вечерта ја нарече „најголемата вечер на Оземпик“.
Златните глобуси ги освоија:
Најдобар филм – мјузикл или комедија – „Емилија Перез“
Најдобра актерка во филм - мјузикл или комедија - Деми Мур („Супстанција“)
Најдобар актер во филм - мјузикл или комедија - Себастијан Стен („A Different Man“)
Најдобар филм – драма – „Бруталист“
Најдобар актер во филм - драма - Адриен Броди („Бруталист“)
Најдобра актерка во филм - драма - Фернанда Торес („Сè уште сум тука“)
Најдобра споредна женска улога во филм - Зои Салдања („Емилија Перез“)
Најдобра споредна машка улога во филм - Киеран Калкин („A Real Pain“)
Најдобар режисер - Брејди Корбет („Бруталист“)
Најдобар филм (неанглиски јазик) - „Емилија Перез“
Најдобар анимиран филм - „Flow“
Најдобро сценарио - „Конклава“
Најдобра оригинална песна - „Ел Мал“ („Емилија Перез“)
Достигнување на благајните - „Wicked“
Најдобра телевизиска серија – мјузикл или комедија – „Hacks“
Најдобра актерка во телевизиска серија – мјузикл или комедија Жан Смарт („Hacks“)
Најдобра телевизиска серија – драма – „Шогун“
Најдобар актер во телевизиска серија – драма – Хиројуки Санада („Шогун“)
Најдобра актерка во телевизиска серија - драма - Ана Саваи („Шогун“)
Најдобар актер во телевизиска серија - мјузикл или комедија - Џереми Ален Вајт („Мечката“)
Најдобра ограничена серија, антологија или ТВ филм - „Baby Reindeer“
Најдобар актер во ограничена серија, антологиска серија или ТВ филм - Колин Фарел („The Penguin“)
Најдобра изведба на актерка во ограничена серија, антологија или ТВ филм - Џоди Фостер („True Detective: Night Country“)
Најдобра споредна женска улога во ТВ серија - Џесика Ганинг („Baby Reindeer“)
Најдобра споредна машка улога во ТВ серија - Таданобу Асано („Шогун“). /МИА