Зеленски тврди дека Лукашенко му се извинил на почетокот на војната

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека белорускиот претседател Александар Лукашенко му се извинил веднаш по почетокот на војната, бидејќи Русија ја нападнала Украина преку белоруска територија, пренесува „Укринформ“.

- Разговарав со Лукашенко на телефон во првите денови од војната и тој се извини. Ми рече: ‘Не бев јас, Путин испалуваше ракети од мојата територија.’ Ова се негови зборови, а имам и сведоци. Тој кажа: ‘Извини’,“ објасни Зеленски во интервју за американскиот подкастер Лекс Фридман.

Како одговор, Зеленски го обвинил Лукашенко дека е ист како рускиот лидер Владимир Путин. „Му реков: ‘Ти си ист убиец.’ А тој ми одговори: ‘Разбери, не можеш да се бориш против Русите.’“

Како компензација, Лукашенко предложил Украина да ја нападне рафинеријата за нафта во белорускиот град Мозир, на што Зеленски му одговорил: „Што зборуваш?“

До овој момент нема реакција од белорускиот лидер.

Минатиот месец Лукашенко потпиша договор со Путин во Минск, со кој Русија гарантира безбедност за Белорусија. Лукашенко побарал од Русија да распореди нови оружени системи, вклучувајќи хиперсонични ракети „Орешник“, пренесува „Укринформ“. /МИА

ОН: Минатата година во Иран биле егзекутирани најмалку 901 лице

 Минатата година во Иран беа егзекутирани најмалку 901 лице, од кои околу 40 беа погубени за само една недела во декември, изјави денеска високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Волкер Турк.

„Многу е алармантно да се забележи дека бројот на луѓе кои подлежат на смртна казна во Иран се зголемува секоја измината година“, рече Турк.

Тој додаде дека „крајно време е Иран да стави крај на овој бран на егзекуции“.

Според врховниот комесар во 2023 година во Иран биле егзекутирани најмалку 853 лица.

На прес-конференцијата, портпаролката на Високиот комесаријат за човекови права на ОН, Лиз Тросел, објасни дека податоците доаѓаат „од различни организации за човекови права [...] кои ги сметаат за веродостојни“.

Според соопштението, повеќето од егзекуциите во 2024 година се однесувале на случаи поврзани со наркотици, но биле егзекутирани и дисиденти и луѓе поврзани со протестите во 2022-2023 година. Од канцеларијата за заштита на правата на човекот соопштуваат за зголемување на бројот на погубени жени./МИА

Баро: Условите во кои се притворени француските граѓани во Иран наликуваат на тортура

Ситуацијата со тројцата француски државјани приведени во Иран се влошува, а некои од нив се во услови кои наликуваат на тортура, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан Ноел Баро.

„Ситуацијата на нашите сограѓани кои се притворени во Иран е едноставно неприфатлива.

Тие се неправедно затворени неколку години, во услови кои се дефиниција за тортура според меѓународното право“, рече Баро на конференцијата на француските амбасадор.

Тој додаде дека идните односи со Иран и евентуалното укинување на санкциите ќе зависат од нивното ослободување.

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера изјави дека Иран е „голем стратешки и безбедносен предизвик“ за Франција и Европа, бидејќи сè повеќе се приближува до точката од која нема враќање во својата нуклеарна програма./МИА

Минатата година во Грција биле уапсени 13.000 лица за семејно насилство

Надлежниот министер истакна дека потребно е дополнително да се заострат законските одредби за да не може насилникот да ѝ се приближи на жртвата или на потенцијалната жртва.

Во 2024 година имавме 13.000 апсења на насилници, оние кои на еден или друг начин биле насилни кон своите сопруги, нивните деца, нивните партнери, многу пати и нивните родители, посочи министерот за заштита на граѓаните на Грција Михалис Хрисохоидис говорејќи за семејно насилство во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Во интервјуто за телевизијата „Мега“, Хрисохоидис истакна дека овие 13.000 апсења се во околу 20.000 случаи, за што нагласи дека „станува збор за огромна бројка“ и дека е речиси двојно поголема споредбено со една година претходно, што според него се должи и на тоа што жртвите ги пријавуваат насилниците.

Надлежниот министер истакна дека потребно е дополнително да се заострат законските одредби за да не може насилникот да ѝ се приближи на жртвата или на потенцијалната жртва./МИА

притисни ентер