Двата млазни авиони приземјени на Тумбе Кафе оставени на забот на времето

Два американски млазни авиони-ловци, приземјени на Тумбе Кафе, половина век немо ја набљудуваат Битола од најатрактивната локација на градот. 

Под историското џепане, во поранешната касарна која се движи кон генерациски заборав, а денеска најубава урбана зона на јужната страна од градот, се уште сведочат војничките ровови, бункери и два авиони положени на зелена писта на познатиот рид, Тумбе Кафе во Битола.

Хроничарите на градот потсетуваат дека касарната на поранешната југословенска армија беше недопирлива територија за битолчани, но авионите, заради поставеноста, во средишниот појас на Тумбе Кафе, веднаш под радарот, беа и се, лесно видливи од повеќе страни на градот.

- Двата авиони F-86 Sabre, се од американско потекло и според моите истражувања нивното производство датира од периодот меѓу 1947-1949 година. Млазните авиони ловци имаат едно седиште и еден мотор, што е лесно видливо и на авионите во Битола. Во поранешната држава, тогашната армија располагаше со над 200 авиони од овој тип и беа користени се до 1974 година, кога според моите информации заради скапа набавка и одржување, беа исклучени од воената опрема на армијата, односно авијацијата. Но, за нас посебно важно, особено со независноста на Македонија, беше тоа што двата авиони останаа во кругот на битолската касарна и ни служеа за обука. Токму на сегашната локација учевме, а потоа и пренесувавме знаења за борбените карактеристики на авионите, за време на воена вежба беше спроведувано боево гаѓање со школска муниција, организиравме курсеви, изработувавме макети и што уште не, вели Перица Поповски, поранешен пилот, едрилиричар, воздухополовец и истакнат член на Аеро клубот во Битола.

Поповски, некогашен член на едриличарската база на Битола, пензионер на Воздухопловниот сојуз на Македонија и меѓудругото, автор на книгата „Воздухопловни радио управувани модели“, посочува дека е добро што авионите останале во градот затоа што со распадот на СФРЈ, тогашниот Генералштаб одзел се што било исправно за користење.

За зачувување, но и репарација на авионите, се залага и професорот по едриличарство Ило Трајков, кој своите пензионерски денови ги користи да пешачи низ Тумбе Кафе, но како што вели, се почесто ја заобиколува локацијата кај авионите затоа што жали да гледа како пропаѓаат.

- Во својата професионална кариера како наставник обучив околу 300 едриличари и стотина пилоти. Љубовта кон едрилиците и авионите е преголема и затоа во минатото, или како викаме ние по битолски, на времето додека бев активен, се интересирав и барав барем еден од двата авиони да биде целосен и технички исправен. Ако ништо друго, сакав барем еден од авионите да биде репрезентативен експонат. Ние сеуште неможеме да прежалиме дека во Битола имавме една едрилица изработена во Македонија која беше многу убава и се викаше Илинденка. Едрилицата беше реставрирана во Белград, пред извесно време беше донесена на аеро митинг во Битола за да ја видиме, и повторно ја вратија во Белград. За тоа да не се случува сакав барем еден авион да се реконструира. Последниот пат кога шетајќи по Тумбе Кафе повторно ги видов авионите, забележав дека се многу оштетени, исчкртани, деца се качуваа врз нив не знаејќи колку тоа може да биде опасно. Затоа одлучив повеќе да не одам на тој дел од Тумбе Кафе, но не се откажувам од желбата авионите да се заштитат, да не им се повтори судбината како на многу други спортски авиони кои пропаднале. Можеби треба да се следи примерот со скопската населба Аеродром каде што во тамошниот парк е изложен еден авион и тоа е симпатично и примамливо за посетители, вели Трајков.

Според битолчанецот Миле Димитровски, авионите никому непречат и се интересни, посебно за младите, за рекреативците кои често се движат низ Тумбе Кафе, Тоа што врз нив има многу графити, креативни и некреативни цртежи, вели, не го намалува вниманието, но потребни се неколку активности за промена на ситуацијата.

- Предлагам да се постави информативна табла на која секој ќе прочита за какви авиони станува збор, како се нашле на оваа зелена писта, исклучително рамна површина на овој дел од ридот. Потребно е да се стават знаци со предупредување, осветлување или да има бариери кај стрмнината. Зошто е тоа важно!? Затоа што површината е небезбедна! Пристапот до авионите порано беше целосно слободен и вистинска среќа е што некое возило во романтична ноќ, или млади кои што не го познаваат теренот, несакајќи можеле да паднат под височинката, каде што има канал. Потребно е јасно предупредување пред локацијата за да не се случи несакан инцидент и авионите да ги гледаме безбедно, вели Димитровски, кого го затекнавме додека ги фотографиравме авионите.

Гледано од денешен аспект, веројатноста за нова туристичка атракција во градот е мала, затоа што според новиот урбанистичкиот план за овој дел на поранешната касарна, предвидена е маркица за изградба на хотел. Авионите на Тумбе Кафе не се заштитени со закон, не претставуваат културно историско наследство и може да бидат дислоцирани во првата прилика кога ќе се појави првиот инвеститор за градба на хотел, едногласни се битолските архитекти и урбанисти.

- Не треба да се дозволи авионите преку ноќ да „одлетаат“ од Битола. Тоа ќе биде најголемата загуба без разлика на регулативите и можностите од урбанистики аспект. На територијата на поранешната касарна никнува нов град, но лично сметам дека непречи авионите да бидат згрижени и заштитени. Неодамна млади луѓе лично и на своја иницијатива ги подигнаа паднатите крилја на авионите, а скоро никогаш никој не оставил смет околу нив. Тоа значи дека посетителите ја сакаат оваа локација, пред се заради авионите, но и заради градот кој токму од ова место ви е како на дланка. И, конечно мислам дека град како Битола со традиција во воздухопловството и едриличарството, со многу пилоти кои пораснале на ова поднебје, а ќе ги има и во иднина, треба со факти да потсетува на своето вредно минато, вели Никола Ристевски.

Млазните авиони-ловци и понатаму се ловци на погледи и љубопитност за битолчани и други посетители на Тумбе Кафе. Авионите сведочат за моќта на железните птици, за хероите на небото, но и за традицијата на ова поднебје, за Битола како колевка на едриличарството и моторното летање./МИА

Нова Горица и Кемниц ја презедоа титулата европски престолнини на културата за 2025 година

Официјалната инаугурација на Кемниц за европска престолнина на културата за 2025 година ќе се одржи на 18 јануари, а на Нова Горица на 8 февруари. 

Со почетокот на новата година словенечкиот град Нова Горица и германскиот Кемниц ја презедоа титулата европски престолнини на културата за 2025-та, со што во следните 12 месеци тие ќе бидат домаќини на повеќе културни настани, изложби и перформанси со кои ќе биде истакнато заедничкото богатството на европски култури.

Како што соопшти денеска Европската комисија, дополнителна димензија на овие активности ќе им додаде и фактот што годинава се одбележуваат 40 години од покренувањето на иницијативата за прогласување на европски престолнини на културата.

Според еврокомесарот за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт, Глен Микалеф, Нова Горица и Кемниц ќе имаат можност да ги покажат различностите, идентитетите и вредностите на европските култури, истовремено истакнувајќи го она што ги зближува европските граѓани во славењето на различност, идентитети и вредности на ЕУ.

- Честитки за нашите европски престолнини на културата во 2025 година, Кемниц и Нова Горица, изјави Микалеф, додавајќи дека ова претставува и можност „да се размислува за влијанието на оваа престижна иницијатива во изминатите 40 години“.

Официјалната инаугурација на Кемниц за европска престолнина на културата за 2025 година ќе се одржи на 18 јануари, а на Нова Горица на 8 февруари.

Според најавите на властите, како носител на оваа титулата Нова Горица има намера да расте заедно со соседниот пограничниот италијански град Горица, станувајќи „европска престолнина на културата без граници“. На овој начин, според најавите, концептот на границите ќе може да се истражи од повеќе димензии си помош на културни и уметнички средства,

Кемниц, пак, титулата европска престолнина на културата за 2025 година ќе ја одбележи под мотото „Види го невиденото“ и има за цел да ја зајакне улогата на граѓанското општество преку културни проекти и да изгради мрежа на „европски креатори на демократијата“.

Како признание за квалитетот на нивните подготовки за одбележување на титулата европска престолнина на културата, Европската комисија донесе одлука на Нова Горица и Кемниц да им ја додели наградата „Мелина Меркури“, чија парична вредност изнесува 1,5 милиони евра и е финансирана во рамки на програмата „Креативна Европа“.

Според ЕК, титулата европска престолнина на културата им овозможува на градовите што ја носат да го засилат својот локален и регионален развој преку културата и им обезбедува долгорочни културни, економски и социјални придобивки, како за самите нив, така и за околните региони.

- За да бидат избрани, градовите мораа да постават културна програма со силна европска димензија, промовирајќи го активното вклучување на заедниците во нивниот град, се додава во соопштението.

Инаку, титулата европска престолнина на културата во 2028 година ќе ја носи Скопје, заедно со францускиот град Бурж и чешкиот Чешке Будејовице. /МИА

СДСМ нема добиено одговор од партиите за понудената државна стратегија

СДСМ не добила конкретен одговор од парламентарните политички партии за натпартиската државна стратегија за долгорочен развој што пред новогодишните празници на прес-конференција ја соопшти лидерот на партијата Венко Филипче. 

- Чекаме одговор затоа што конкретен одговор на конкретниот предлог што го изнесовме не добивме, изјави денеска портпаролката на партијата Богданка Кузеска на прес-конференција во седиштето на партијата.

Кузеска рече дека во изминатите шест месеци имало понуди за повеќе национални платформи, декларации и повици за обединување и повтори оти жално е да се гледа како партиите од власта го користат терминот за обединување за политичка поделба.

- Но, бидејќи СДСМ како што кажав не била и нема да биде неконструктивна опозиција, претседателот на партијата Филипче и на последната прес-конференција изнесе реална понуда, а не лажна, која што би служела за поделби. Понудивме формирање тимови од сите парламентарни партии кои ќе работат на платформа за да се дефинираат стратешките позиции во сите области, платформа која ќе биде надпартиска, наднационална и надетничка. Со тоа ќе може да се создаде платформа во која сите партии ќе имаат придонес и секако дека никој нема да ја поседува таа платформа. И дефинитивно тоа според нас е рецепт за вистинско обединување. Не слушмавме одговор за оваа наша понуда, а граѓаните токму тоа го бараат од политичарите. Се друго сметаме дека е една дневна манипулација, рече портпаролката на СДСМ.

Реакција на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Богданка Кузеска

СДС треба конечно да си погледне во своите редови и да види што се правеле, а и прават, односно не прават како опозиција.

СДС е партијата во Македонија која стави печат на се што подразбира партизација во државата, но и пошироко во општеството.

СДС партизираше се по ред, а во последните седум години владеење ги имаше докажаните партиски кадри во судството, како судиите Дамева и Георгиев, обвинителката Русковска и ова се имиња само за илустрација.

СДС не ги остави на страна ниту безбедносните служби, па така тука ги имаше докажаните партиски кадри како Димовски, Муслиу, Зечевиќ. И ова се само неколку од низата партијци во безбедносните служби.

СДС со Каранфилова Пановска го партизира дури и невладиниот сектор.

Сега ВМРО-ДПМНЕ работи на професионализација на службите и тоа на сите по ред. ВМРО-ДПМНЕ има кадри за кои од институции е потврдено дека се соодветни на функциите кои ги вршат. Да потсетиме, Антикорупциска не виде причина за постапка за Христовски, а Христовски има сертификат според сите стандарди.

СДС има единства грижа како да ја пресече врската со докажаниот корупционер Заев.

ВМРО-ДПМНЕ работи постојано за доброто на сите граѓани во Македонија.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

притисни ентер