Минатата година во Грција биле уапсени 13.000 лица за семејно насилство

Надлежниот министер истакна дека потребно е дополнително да се заострат законските одредби за да не може насилникот да ѝ се приближи на жртвата или на потенцијалната жртва.

Во 2024 година имавме 13.000 апсења на насилници, оние кои на еден или друг начин биле насилни кон своите сопруги, нивните деца, нивните партнери, многу пати и нивните родители, посочи министерот за заштита на граѓаните на Грција Михалис Хрисохоидис говорејќи за семејно насилство во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Во интервјуто за телевизијата „Мега“, Хрисохоидис истакна дека овие 13.000 апсења се во околу 20.000 случаи, за што нагласи дека „станува збор за огромна бројка“ и дека е речиси двојно поголема споредбено со една година претходно, што според него се должи и на тоа што жртвите ги пријавуваат насилниците.

Надлежниот министер истакна дека потребно е дополнително да се заострат законските одредби за да не може насилникот да ѝ се приближи на жртвата или на потенцијалната жртва./МИА

Постојаното „пукање“ на прстите има долгорочни штетни последици

Навиката на крцкање на зглобовите, најчесто во прстите, е доста честа кај многу луѓе. Некои тоа го прават и „несвесно“ - како начин за ослободување од напнатост или, едноставно, поради миг на нервоза. 

Сепак, тоа може да има и сериозни долгорочни последици, а според некои стручњаци и теории, може, на пр., да се добие и артритис.

При крцкање на прстите, на пр., она што всушност се случува е ослободување на гас насобран во синовијалната течност којашто ги подмачкува зглобовите. Оваа течност содржи кислород, азот и јаглерод-диоксид. Со истегнување или свиткување на спојот се создава вакуум што предизвикува создавање меурчиња од гас коишто, всушност, го создаваат тој карактеристичен звук на „пукање“. Некои луѓе, следствено, може да развијат зголемена чувствителност на болка во рацете или во друг дел од телото поради постојаното оштетување на зглобовите предизвикано од оваа навика, пишува босанскиот портал „Кликс“.

Иако тоа „пукање“ не е нужно штетно ако е поретко, и не предизвикува веднаш болка, честопати води до долгорочни и долготрајни проблеми со зглобовите и мускулите.

Имено, тоа крцкање може да доведе до хронично воспаление на зглобовите. Честото повторување на оваа навика, може да го иритира ткивото. Тоа ги ослабува мускулите и лигаментите околу зглобот, затоа што долгорочно ја менува природната биомеханика на прстот. И, тоа влијае на неговата стабилност.

Постојаното оптоварување на зглобовите, исто така, може да го зголеми ризикот од повреди, исчашување или истегнување. Ослабените зглобови се поподложни на оштетување во секојдневните работи.

Иако не постојат убедливи докази коишто директно го поврзуваат крцкањето на зглобовите со артритисот, некои доктори веруваат дека прекумерното „пукање“ на прстите може да придонесе за „трошење“, па и кинење на зглобовите со текот на времето. /МИА

Дешам: Во одреден момент треба да кажете доста е

Селекторот на француската фудбалска репрезентација, Дидие Дешамп зборуваше за неговата одлука да ја напушти функцијата  во 2026 година.

- Овде сум од 2012 година, имам планови до 2026 година, следното Светско првенство. Ќе застанам таму затоа што во одреден момент мора да се каже доста е. Не знам што ќе биде понатаму, но исто така ќе испадне многу добро, изјави Дешам за „RMC Sport“.

Педесет и шестгодишниот специјалист ја предводи француската репрезентација од 2012 година.

Под водство на Дешам „Триколорите“ ги освоија Светското првенство 2018 и Лигата на нации 2020/21, а исто така стигнаа до финалето на Евро 2016 и Светското првенство 2022 година./МИА

Село во јужна Италија „им забрани“ на жителите да се разболат

Селото Белкастро во јужна Италија, коешто е оддалечено 45 километри од најблиската болница, издаде декрет којшто „им забранува“ на жителите да се разболуваат, објави „Би-би-си“.

Во селото со 1.200 жители, Управата „им наредила“ на селаните да избегнуваат болести поради коишто може да треба итна медицинска помош. Притоа, луѓето „се задолжени“ да не се впуштаат во потенцијално штетно однесување, да избегнуваат несреќи во домаќинството, да не излегуваат од дома премногу често, да не патуваат и спортуваат, туку просто - да се одмораат.

Градоначалникот Антонио Торчија изјави дека оваа уредба е донесена со цел да се откријат недостатоците во здравствениот систем. Вели дека „овој потег е очигледно хумористична провокација“, но може да има поголем ефект од итните известувања што ги испратил до регионалните власти за да укаже на недостатоците на локалниот здравствен систем.

Посочувајќи дека повеќе од половина од населението во селото е над 65 години, првиот човек во Општината нагласи дека патот до болница претставува поголема опасност од која било болест. /МИА

притисни ентер