Д-р Мари Гдалевич ги продолжува нозете и интересот е огромен, сепак, таа беше принудена привремено да ја затвори својата клиника во Квебек откако канадската влада го забрани овој вид на интервенција.
Д-р Мари Гдалевич е специјалист по ортопедија која има приватна клиника во Квебек, Канада. Таа повеќе од 10 години прави остеотомија - операција за издолжување на нозе кај пациенти кои сакаат да „пораснат“ и да добијат висина. Операцијата чини 90.000 долари, а висината може да се зголеми за 7,62 см. Овој вид на операција, која се смета за најболна естетска интервенција, вклучува кршење на коските на нозете и потоа вметнување на метални шипки во нивната с’рж, која потоа постепено се издолжува за да ја принуди коската на ногата да расте.
Интересот за овој вид операција кај д-р Гдалевич е огромен и таа ги има пополнето сите термини до мај 2025 година. Таа врши операции кај луѓе со џуџест раст и деформитети на екстремитетите преку канадскиот јавен здравствен систем, но и приватно, кај млади мажи и жени кои сакаат да бидат повисоки.
Меѓутоа, неодамна властите во Квебек го отстраниле ваквиот тип на операции од списокот на одобрени хируршки интервенции, што практично значи дека на д-р Гдалевич ѝ е забрането да продолжи да ги изведува овие интервенции. Во спротивно, таа ќе биде принудена да ги сноси последиците и да плати огромни казни.
- Ортопедското здружение на Квебек се согласува да се изведуваат ваквите операции. Остеотомијата нуди можност за корекција на деформитетите, издолжување на екстремитетите, па дури и за продолжување на растот – изјави д-р Мари.
Не се наведува зошто овие операции се укинати, но не е тајна дека ваквиот тип на интервенција носи висок ризик и дека многу пациенти се пожалиле на компликации и на екстремна болка. Оваа постапка носи голем број ризици, а само некои од нив се:
оштетување на нервите
оштетување на мускулите
дислокации и артритис
траен инвалидитет
Џеферсон Косио (29), кој беше опериран на крајот на минатата година, призна дека не очекувал екстремни болки по интервенцијата. Болката била неподнослива, па не можел да стои, да седи, да јаде или да спие. На крајот, очајно молел да му ги извадат шипките од коските, но и сега е само делумно подобар. Тој сè уште трпи исклучително јаки болки, но како што изјавил, може да спие барем два часа секоја вечер.
Работата на д-р Гдалевич ѝ оди одлично, па таа неодамна отвори уште една клиника, но сега е принудена привремено да ја затвори или да ја пресели надвор од Квебек доколку сака да продолжи да ги изведува овие операции. Таа признава дека досега ги користела „дупките во законот“ и дека најчесто ѝ прогледувале низ прсти, но сега веќе добила строга забрана.
– Сериозно бев предупредена, па ако ја прекршам забраната, можам да завршам во затвор – признала таа, пренесува Дејли меил.