Во 2024 година најмногу пријави за труења со храна и за производи со поминат рок

Внатрешниот промет на храна од неживотинско и животинско потекло, од почетокот на 2024 година заклучно со ноември бил покриен со околу 30 000 контроли кај оператори во рамки на редовните, вонредните и реализирани надзори. 

Како небезбедни се уништени педесеттина тони храна, за отстранување поради утврдени недоследности се издадени околу 2 000 решенија, а изречени се и приближно 300 парични казни.

Анализите на податоците за спроведените надзори во 2024 година, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ќе ги евалуира во првите месеци од годинава. Тие ќе ја дадат и точната бројка - колку вкупно контроли спровеле официјалните ветеринари и инспекторите за храна во внатрешниот промет и при увоз.

Како што велат за МИА од АХВ, досега реализираните контроли во внатрешниот промет и при увоз, 117 465, ветуваат дека не само што ќе се достигнат, туку и ќе се надминат спроведените 125 909 контроли во 2023 година на операторите со храна во земјава и на пратки што се увезуваат и транзитираат низ државава.

Во втората половина од 2024 година, Агенцијата за храна и ветеринарство ги интензивираше вонредните инспекциски контроли, ставајќи акцент на контролите кои ги спроведе кај операторите со храна кои работат со ранливите категории граѓани: игротеки, домови за стари лица, кујни во градинки и основни и специјални училишта, пазари за стари работи, но и во угостителски објекти.

- При увоз на храна од неживотинско потекло се реализирани 44 137 инспекциски надзори, а при увоз на производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храната, 10 352. Инспекторите за храна на граничните премини како небезбедни, вратиле/уништиле седум пратки со над 74 тони небезбедна храна од неживотинско потекло, истакнуваат од АХВ.

Во однос на здравствената заштита и благосостојбата на животните, нивната идентификација и регистрација, спроведени се над 14 000 инспекциски контроли од страна на официјалните ветеринари. Издадени се 267 решенија за едукација и 136 наредби/забрани за отстранување недостатоци утврдени со контролите.

-Во врска со контролите на официјалните ветеринари на граничните премини при увоз на храна од животинско потекло, добиточна храна и увоз на живи животни, од јануари се спроведени 20 479 надзори од кои 15 431 на пратки за увоз и 5 048 контроли во однос на пратките кои транзитираат низ земјава, напоменуваат од Агенцијата.

Вкупно 14 од пратките биле небезбедни. Вратени се девет, а нештетно се уништени пет пратки од увоз.

- Годинава, во Базата на податоци за вршење вонреден инспекциски надзор на Одделението за заштита на потрошувачите се евидентирани вкупно 317 иницијативи. Најчести наводи во иницијативите остануваат пријавите за неодговорно сопствеништво 36 и за напади и каснувања од куче 14. Што се однесува до храната, примат имаат иницијативите за сомнеж за труење со храна, 13, за производи со поминат рок на употреба, 12, за присуство на контаминенти, 8, како и за нехигиена, 7, информираат од АХВ за МИА.

Нема универзитети од ЕУ меѓу водечките во однос на патенти

 На листата на 50 водечки универзитети во светот според бројот на патенти, доминираат американски и кинески институции, додека универзитети од Европската Унија (ЕУ) воопшто нема, покажува студијата на Институтот за светска економија од Кил.<

Според истражувањето, 70 проценти од универзитетите во Европа воопшто немаат директни патентни активности, а најголемиот дел од патентите потекнуваат од универзитети во пет западноевропски држави, пренесува денеска Бета.

- Острата поларизација во патентната активност на европските универзитети предизвикува сериозна загриженост. Патентите се важен инструмент за трансфер на технологии и се клучен индикатор за пренос на знаења од универзитетите на пазарот, истакна Александра Партека, истражувачка на проектот од Универзитетот за технологија во Гдањск.

Таа нагласи дека за економска, социјална и политичка кохезија во Европа е неопходно да се спречи заостанување на одредени земји или региони во иновациите.

Во анализата се наведува дека, и покрај растот на бројот на патенти со текот на времето, само универзитетите Оксфорд и Империјал колеџ од Лондон успеале да влезат на листата на 50 водечки во светот. По Брегзит, на листата повеќе нема универзитети од земји-членки на ЕУ.

„Со трговските војни со САД и Кина на хоризонтот, ЕУ треба да делува брзо и сеопфатно – да ја промовира соработката со Британија и да ја забрза комерцијализацијата на истражувањата преку намалување на бирократијата и зголемување на финансирањето“, изјави Холгер Герг, лидер на проектот во рамките на кој е изготвена студијата. /МИА

ОН: Минатата година во Иран биле егзекутирани најмалку 901 лице

 Минатата година во Иран беа егзекутирани најмалку 901 лице, од кои околу 40 беа погубени за само една недела во декември, изјави денеска високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Волкер Турк.

„Многу е алармантно да се забележи дека бројот на луѓе кои подлежат на смртна казна во Иран се зголемува секоја измината година“, рече Турк.

Тој додаде дека „крајно време е Иран да стави крај на овој бран на егзекуции“.

Според врховниот комесар во 2023 година во Иран биле егзекутирани најмалку 853 лица.

На прес-конференцијата, портпаролката на Високиот комесаријат за човекови права на ОН, Лиз Тросел, објасни дека податоците доаѓаат „од различни организации за човекови права [...] кои ги сметаат за веродостојни“.

Според соопштението, повеќето од егзекуциите во 2024 година се однесувале на случаи поврзани со наркотици, но биле егзекутирани и дисиденти и луѓе поврзани со протестите во 2022-2023 година. Од канцеларијата за заштита на правата на човекот соопштуваат за зголемување на бројот на погубени жени./МИА

Баро: Условите во кои се притворени француските граѓани во Иран наликуваат на тортура

Ситуацијата со тројцата француски државјани приведени во Иран се влошува, а некои од нив се во услови кои наликуваат на тортура, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан Ноел Баро.

„Ситуацијата на нашите сограѓани кои се притворени во Иран е едноставно неприфатлива.

Тие се неправедно затворени неколку години, во услови кои се дефиниција за тортура според меѓународното право“, рече Баро на конференцијата на француските амбасадор.

Тој додаде дека идните односи со Иран и евентуалното укинување на санкциите ќе зависат од нивното ослободување.

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера изјави дека Иран е „голем стратешки и безбедносен предизвик“ за Франција и Европа, бидејќи сè повеќе се приближува до точката од која нема враќање во својата нуклеарна програма./МИА

притисни ентер