По турбулентната 2023 година и преземањето на Credit Suisse, Серхио Ермоти најавува дека ќе остане на чело на банката до 2027 година.
- Иако веќе постигнав многу, морам повторно да се докажам. Ова е голема одговорност – изјави Серџо Ермоти во неодамнешното интервју за швајцарскиот Мигрос-Магазин.
Неговиот работен ден започнува во 5:45 часот наутро, а работното време често му трае и до 14 часа дневно. Двапати неделно не пропушта тренинзи во теретана, одржувајќи ја дисциплината која го донесе на врвот на групата UBS.
Враќајќи се на чело на UBS по драматичното преземање на болниот Credit Suisse во март 2023 година, Серџо Ермоти го виде тоа како своја должност.
- Бев привлечен од можноста да учествувам во пишувањето на едно од најважните поглавја на глобалната финансиска индустрија - објаснува Серџо Ермоти, банкар кој веќе успешно ја водеше UBS низ кризни времиња од 2011 до 2020 година.
Неговата годишна плата од околу 15 милиони евра предизвика бурни реакции во швајцарската јавност.
Сепак, Серџо Ермоти, кој се сеќава на своите почетоци и првата плата од 360 евра месечно како практикант во банката Корнер, не гледа проблем, пишува Блик.
-Ја знам вредноста на парите и разбирам дека на многумина мојата сегашна плата не им изгледа нормална. Понекогаш се прашувам зошто високите плати во економијата предизвикуваат толкаво внимание, додека истите суми во спортот и забавата поминуваат без коментар - вели првиот човек на УБС, Серџо Ермоти.
Во врска со спојувањето на Credit Suisse со UBS, Серџо Ермоти истакнува дека најголем предизвик е поврзувањето на компјутерските системи на двете банки во едно. Новата, обединета банка денес има значително помалку средства отколку пред финансиската криза од 2008 година, што ја прави постабилна и побезбедна.
Со капитал од речиси 200 милијарди долари за покривање на можните загуби, Серџо Ермоти убедливо тврди дека ризикот за даночните обврзници е минимален:
- Дури и да има проблеми UBS, речиси е невозможно даночните обврзници да загубат дури и франк.
Серџо Ермоти ги отфрла критиките за прекумерна концентрација на моќ во рацете на УБС, потсетувајќи дека повеќе од 200 домашни и странски банки работат во швајцарскиот банкарски сектор.
- Конкуренцијата е жива и здрава - нагласува тој, додавајќи дека големите банки денес претставуваат фактор на стабилност, а не на ризик во време на криза, пренесува Вечерњи лист.