Мицкоски: Овој проект е симбол на нашата визија за модерна и поврзана Македонија

Денеска е пуштен е во употреба експресниот пат Куманово (Страцин) - Крива Паланка на коридор 8.

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска присуствува на пуштањето во употреба на експресен пат Куманово (Страцин) - Крива Паланка на Коридор 8. Изградбата на експресен пат Крива Паланка – Длабочица – Страцин (Чатал) започна во мај 2018 година и е во должина од 25,55 километри.

Инвестициона вредност за изградба е во вкупно вредност од 93,7 милиони евра од кои 80,20 милиони евра се финансира со средства од Светска Банка и грант средства 13,50 милиони евра.

Како што посочуваат од Владата, експресниот пат се градеше во две фази и тоа: Лот 1 делница, Длабочица – Страцин (Чатал) во должина од 15.55 километри Инвестициона вредност на изградба е 43,75 милиони евра, финансиран со средства од Светска Банка и грант средства, и Лот 2 делница, Крива Паланка – Длабочица во должина од 10 километри е завршено во рок. Инвестициона вредност на изградба е 50,54 милиони евра, финансиран со средства од Светска Банка и грант средства.

Изведувач на работите на Длабочица-Чатал првично беше италијанската „Tirrena Scavi“ но поради слабиот прогрес договорот беше раскинат и работите ги продолжи Страбаг, а втората делница ја градеше „Гранит“. Надзорот над двете делници го вршеше ДИВИ Македонија.


УНРВА: Седум бебиња починаа во Газа од студ бидејќи немале засолниште

Најмалку седум бебиња починаа од студеното време бидејќи немале засолниште во Газа, соопшти Агенцијата за помош на палестинските бегалци при ОН (УНРВА).

Според објавата на УНРВА на платформата Икс, до 7.700 новороденчиња во конфликтната зона живеат во несоодветни услови, резултат на судирите меѓу Израел и милитантната група Хамас, пренесува денеска ДПА.

Палестинската новинска агенција WAFA во декември објави дека четири бебиња починале од хипотермија.

Повеќе од 15 месеци борби оставија стотици илјади Палестинци без домови. Раселените живеат во шатори кои не нудат соодветна заштита од студот и дождот, со температури што паѓаат под 10 степени Целзиусови.

Израелската управа за палестински прашања (COGAT) објави на Икс дека соработува со меѓународни хуманитарни организации како Rahma Worldwide за обезбедување шатори, ќебиња, топла облека и хигиенски производи за жителите. /МИА

Конгресот на САД ќе го потврди изборниот резултат и ќе го отвори патот за Трамп

Конгресот на САД денеска во Вашингтон ќе се состане за официјално да го потврди резултатот од претседателските избори, што е последниот чекор во процедурата пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата подоцна овој месец.

Пред четири години, поддржувачите на Трамп насилно упаднаа во Капитол, обидувајќи се да спречат потврда на победата на демократот Џо Бајден на изборите во 2020 година. Оваа година, по неспорната победа на Трамп на ноемвриските избори, се очекува седницата да помине мирно, пишува ДПА.

Демократката Камала Харис, која изгуби на изборите од Трамп, ќе го објави конечниот резултат на крајот од нејзиниот мандат како потпретседателка. Како претседавач на Сенатот, Харис ќе ја води заедничката седница на двата дома на Конгресот.

Трамп освои 312 изборни гласови, додека Харис обезбеди 226. На состанокот, ќе бидат прочитани и преброени резултатите од поединечните сојузни држави.

Иако членовите на Конгресот теоретски можат да вложат приговори на резултатите, тоа не се очекува оваа година. Инаугурацијата на Трамп е закажана за 20 јануари.

Почнува судењето против Саркози поради незаконско финансирање на изборна кампања

Во Париз денеска започнува судењето против поранешниот француски претседател Никола Саркози за наводно незаконско финансирање на неговата претседателска кампања во 2007 година од страна на режимот на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи.

Саркози, кој ја предводеше Франција од 2007 до 2012 година, постојано ги негира овие обвиненија. На обвинителна клупа заедно со него се уште 12 лица, меѓу кои и поранешни министри. Обвиненијата вклучуваат незаконско финансирање на кампања, злоупотреба на јавни средства и поткуп, пренесува ДПА.

Ако биде прогласен за виновен, Саркози се соочува со казна затвор до 10 години и значителна парична казна. Судскиот процес треба да трае до 10 април.

Франција побара правна помош од 21 земја во рамки на обемната истрага за овој случај, која вклучува 73 судски записи. /МИА

притисни ентер