Од вторник голема промена во училиштата во Загреб по убиството на прваче и нападот со нож

По неодамнешниот трагичен настан во основното училиште „Пречко“ во Загреб, кога еден ученик загина, а тројца наставници беа повредени со остар предмет, од вторник, кога почнува второто полугодие, влезовите ќе ги чува професионално обезбедување.

Ова го соопшти заменик-градоначалничката на Загреб, Данијела Доленец и додаде дека Градот како основач ќе ги покрие трошоците за ангажирање фирми до крајот на учебната година.

Во меѓувреме, додаде таа, Министерството за наука и образование ќе обучува и вработува лица во училиштата кои ќе бидат задолжени за безбедноста.

Министерството за наука и образование вчера го објави Протоколот за контрола на влез и излез во училишните установи, со кој се утврдува дека влезната врата на училиштето треба да биде заклучена и дека училиштето е должно да обезбеди безусловно дежурство на работниците на влезот за време на часовите.

Наведениот Протокол го регулира и влезот на родителите во училиштата и на сите посетители, така што тие можат да влезат во училиштето само со претходна најава или на покана на училиштето.

Аморим по ремито со Ливерпул: Има причина да бидам лут

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим беше разочаран по ремито 2:2 на гостувањето кај Ливерпул.

Португалецот смета дека неговиот тим ја заслужил победата.

-Дозволено ми е да бидам единствената личност која е вознемирена од тимот. Очекувањата пред натпреварот беа сосема поинакви од она што се случи. На другите натпревари повеќе се лутам бидејќи се уште не можам да сфатам некои работи. Проблемот не е во шемата на игра или во техниката, но јасно е дека нешто друго не кочи, но тешко ми е да го разберам. Добивме бод, но мораме да бидеме полути и разочарани отколку што бевме по поразот на Њукасл. Има причина да бидам лут, но сакам да се смирам за да можам да ги кажам вистинските работи. Се наоѓаме во тешка ситуација и мора да продолжиме да се бориме за да излеземе од неа, изјави Аморим.

Трент Александар-Арнолд не е расеан од гласините за трансфер во Реал Мадрид, вели Слот

Трент Александер-Арнолд не е расеан од гласините за преселба во Реал Мадрид, изјави менаџерот на Ливерпул, Арне Слот откако англискиот репрезентативец одигра далеку под неговите стандарди во ремито 2-2 со Манчестер Јунајтед во Премиер лигата.

Александар-Арнолд привлече критики за несигурниот настап, а најгласен беше стручњакот на „Скај спортс“, Рој Кин.

-Постојано зборуваме за тоа колку добар играч е Трент и колку може да биде подобар. Сепак, начинот на кој тој играше во одбраната беше на ниво на ученик. Се шпекулира дека претстои преселба во Реал Мадрид, но со својот настап попрво треба да оди во Транмере Роверс, тој треба да игра далеку подобро од тоа, рече Кин.

Запрашан дали Александар-Арнолд бил деконцентриран од извештаите за трансфери или новиот договор со Ливерпул, Слот рече: „Мислам дека не. Веројатно 9 од 10 луѓе би рекле дека е, но јас сум десетти. На него влијаеше играњето против Бруно Фернандеш и Диого Далот, кои се португалски интернационалци и одлични фудбалери“.

Коди Гакпо и Мохамед Салах ги постигнаа головите за „црвените“, кои остануваат на врвот на табелата во Премиер лигата со 46 бодови, шест повеќе од второпласираниот Арсенал. „Црвените“ имаат и натпревар помалку, откако средбата со Евертон во декември беше одложена поради лошите временски услови. Единствениот пораз на тимот дојде против Нотингем Форест во средината на септември.

-Се чувствуваме како да сме испуштиле два поени. Сепак, тоа беше тежок натпревар. Беше слично на Нотингем Форест бидејќи стилот на двата тима е сличен. Тие се бранат длабоко и со многу луѓе. Тие не ризикуваат кога ја имаат топката во свои нозе. Не е лесно да се игра против такви тимови, додаде Слот. /МИА

УНРВА: Седум бебиња починаа во Газа од студ бидејќи немале засолниште

Најмалку седум бебиња починаа од студеното време бидејќи немале засолниште во Газа, соопшти Агенцијата за помош на палестинските бегалци при ОН (УНРВА).

Според објавата на УНРВА на платформата Икс, до 7.700 новороденчиња во конфликтната зона живеат во несоодветни услови, резултат на судирите меѓу Израел и милитантната група Хамас, пренесува денеска ДПА.

Палестинската новинска агенција WAFA во декември објави дека четири бебиња починале од хипотермија.

Повеќе од 15 месеци борби оставија стотици илјади Палестинци без домови. Раселените живеат во шатори кои не нудат соодветна заштита од студот и дождот, со температури што паѓаат под 10 степени Целзиусови.

Израелската управа за палестински прашања (COGAT) објави на Икс дека соработува со меѓународни хуманитарни организации како Rahma Worldwide за обезбедување шатори, ќебиња, топла облека и хигиенски производи за жителите. /МИА

притисни ентер