Трамп: САД треба да се повлечат од војната во Украина

 Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп изјави синоќа дека САД треба да се повлечат од војната во Украина и дека демократската потпретседателка Камала Харис и претседателот Џо Бајден немаат намера да го сторат тоа.

-Бајден и Камала не воведоа во војната во Украина и сега не можат да не извлечат. Не можат да не извлечат, рече Трамп во својот говор во државата Џорџија.

САД немаат војска во Украина, но обезбедија воена и хуманитарна помош вредна милијарди долари.

-Мислам дека сме заглавени во таа војна, освен ако не станам претседател. Ќе ја прекинам. Ќе преговарам и ќе излеземе. Мораме да излеземе. Бајден вели ’не заминуваме додека не победиме’. Што ќе се случи ако победат, рече Трамп.

In memoriam: Почина оперската пејачка Ирена Кавкалевска

Во Скопје синоќа почина Ирена Кавкалевска, мецосопран, првенка на Националната опера и балет. Родена на 12 февруари 1973 година, таа беше една од највпечатливите солистки на нашата Опера.

Кавкалевска е добитничка на неколку награди и школувана во Македониіа, Софија, Грац, Загреб, Кавкалевска дебитира на сцената на МОБ во 1996 година со улогата на Мадалена во „Риголето”. Настапувала на многу фестивали и оперски сцени, а нејзиниот репертоар зборуваше за успешни креации во „Кармен”, „Аида”, „Набуко”, „Моќта на судбината”, „Сестра Анџелика”, „Јулиј Цезар во Египет”, „Севилскиот берберин”, „Лилјакот”, „Иван Сусањин”, „Цар Самоил”.

-Уште во првата нејзина појава, Ирена Кавкалевска беше вистинско олицетворение на Кармен, бескрупулозната заводничка. Таа апсолутно пленеше со сценичноста, владееше со целото дејство, очигледно се чувствуваше удобно во улогата што ја толкува. Комотна и самоуверена на сцената, мошне маркантно ja долови фаталната женска привлечност” – зборуваше музичката критика за креацијата на нашата уметница во познатата опера на Жорж Бизе.

Таа го имаше својот последен настап во ноември 2023 година во „Набуко“ на матичната сцена. Погребот ќе биде извршен в петок, на гробиштата Бутел.

Почна МТФ „Денови на комедија“ во Куманово

Во Куманово вчера свечено беше отворен 27-тиот меѓународент фестивал „Денови на комедија“.

На отворањето на фестивалот беше доделена наградата „Васил Иљоски“ на актерот Сашко Коцев, за неговиот особен придонес во комедијата. Лауреатот Коцев пред кумановци рече дека за него најважна е реакцијата на публиката.

- За театар се потребни двајца, едниот од оваа сцена да игра, а другиот да гледа тоа сте вие. Ние никогаш не би можеле да постоиме без вас. После ова за мене е уште потешко, затоа што одговорноста е уште поголема и очекувања ссе уште поголеми. Верувам дека нема да ја изневерам публиката и тука сакам да се заблагодарам на советот на фестивалот, на публиката за огромното признание, рече Коцев.

Фестивалот го отвори кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски кој рече дека фестивалот го отсликува градот и менталитетот на кумановци.

- Сака да се заблагодарам на сите актери кои се вградија во овој фестивал, на гостите кои изминативе 27 години беа гости на фестивалот, рече Димитриевски.

Први пред кумановската публика на првата вечер настапи велешкиот театар со „Вечера за глупаци“, вечерва е претставата „Секс, лаги и љубомора“ на народен театар Охрид. Кумановци ќе ги видат и комедиите „Фустан за бегство“ на драматичен куклен театар од Враца, Република Бугарија, „Автопат Сагбама“ на Позориште „Бора Станковиќ“ од Врање, Србија, „Пар распар“ на Театар Комедија од Скопје, „Итроштините на Патук“ од тетовскиот театар, „Се бара нов маж“ од драмско куклен театар Плевен, Бугарија, „Мажи во влечки“ на албанската драма на Театар Куманово, „Женидба“ на Народен театар Штип, „Кокошке“-Народен театар од Ниш. На 8 октомври ќе биде изведена премиерата на „Ноќ спроти Водици (Како што сакате)“ на Театар Куманово во режија на Срѓан Јаниќиевиќ кој традиционално ја затвора фестивалската програма со нова претстава на репертоарот. Освен, официјалната програма на фестивалот како новина е планирана и изведба на студентски претстави. Гледачите ќе имаат можност да проследат две претстави на 30 септември и на 7 октомври

Традиционалниот фестивал е поддржан од Министерството за култура со 600.000 денари, а општината со 350.000 денари.

МТЕЛ станува генерален спонзор на кошаркарската Прва машка лига

МТЕЛ станува генерален спонзор на кошаркарската Прва машка лига, продолжува партнерството со КК Работнички и КК МЗТ Скопје.

Телекомуникацискиот оператор МТЕЛ, дел од групацијата Телеком Србија, со гордост ја најавува својата нова улога како генерален спонзор на најдоброто клупско кошаркарско натпреварување во Македонија.

„Среќни сме и почестени што станавме генерален спонзор на најдоброто натпреварување во македонската кошарка кое отсега ќе се именува како МТЕЛ Прва машка лига. Како компанија, сме длабоко посветени да соработуваме со спортските федерации и клубови за да ги поттикнуваме заедничките вредности и да промовираме активна, здрава заедница која ги инспирира младите луѓе. Уверени сме дека нашата поддршка ќе придонесе за возбудлива и успешна сезона, каде и клубовите и навивачите ќе уживаат во извонредни спортски достигнувања,“ вели генералниот директор на МТЕЛ, Марко Лопичиќ.

Покрај спонзорството на лигата, МТЕЛ го проширува и партнерството со актуелниот шампион КК МЗТ Скопје, станувајќи генерален спонзор на клубот за претстојната сезона. Ова означува континуирана заложба за зајакнување на локалниот спорт, а особено македонската кошарка.

МТЕЛ, исто така, со големо задоволство ја продолжува својата тековна соработка со најтрофејниот клуб на македонската кошаркарска сцена, КК Работнички чиј генерален спонзор е веќе трета година по ред.

Следејќи ги светските вредности за општествена одговорност, како и корпоративниот код на Телеком Србија групацијата, МТЕЛ во рамки на своите активности продолжува и во иднина да биде поддршка за различни хуманитарни и спортски настани, соопштуваат од компанијата.

притисни ентер