Членовите на Комисијата од ВМРО ДПМНЕ рекоа дека не се против расправа за назначувањето на Христовски, точка на дневен ред предложена од СДСМ, но претходно побараа дневниот ред да се дополни со уште две точки по изјавите на премиерот Мицкоски дека бил незаконски следен. Прва точка да биде посета и надзор на Агенцијата за разузнавање на 3 декември и втора точка, посета и надзор на Агенцијата за разузнавање на 16 декември, а дури потоа да се разговора за именувањето на Христовски.
Но, претседателот на Комисијата Скендер Реџепи кажа дека и тој и неговиот заменик Блерим Беџети немале безбедносни сертификати,па затоа одби да го стави овој предлог на дневен ред, по што атмосферата во комисијата кулминираше со меѓусебни расправии.
-Јас ќе останам на истото дека нема да ги предложам овие точки. Барајте друг претседател,- изјави – Скендер Реџепи – Претседател на Комисија за надзор на АР и АНБ.
-Тоа е друга работа, вие сега морате да го дополните дневниот ред,- изјави – Никола Мицевски – ВМРО ДПМНЕ.
По ова Реџепи ја прекина седницата на комисијата на која јавноста очекуваше да се расчистат дилемите и контроверзите околу назначувањето на Христовски и валдиноста на ТОЕФЛ сертификатот.
Според опозициската СДСМ, владејачкото мнозинство намерно ја блокирале работата на комисијата.
-ДПМНЕ потврди, Бојан Христовски е незаконски поставен за директор на АНБ. Ова што денеска го видовме е чист доказ дека бегаат од соочување со јавноста по ова прашање. Злиупотребувајќи го мнозинството тие денес спречија одржување на седница и расправа за прашања чии одговори ги чека целата јавност,- изјави – Славјанка Петровска – СДСМ.
ВМРО ДПМНЕ пак прстот го впери кон Реџепи, ако СДСМ побараат замена на Реџепи тие ќе ги поддржат.
-Претседателот на Комисијата кој доаѓа од редовите на опозицијата воопшто не дозволи изјаснување за самиот предлог за точките на дневен ред и навистина не ми е јасно зошто колешката има несогласување и нешто не и е јасно. Доколку имаат несогласување со претседателот, ако имаат револт кон работата на комисијата, слободно нека поднесат интерпелација против претседателот која ние ќе ја поддржиме,- изјави – Тони Јаревски – ВМРО ДПМНЕ.
Дискусијата во комисијата Христовски ја следеше со молчење. На заминување од салата на барање на новинарите да даде изјава рече дека тоа што имал да го каже сакал да го стори на седницата.
Инаку неговото назначување за прв човек на АНБ го чешлаат и антикорупционерите, а предмет по допрен глас отвори и јавното обвинителство.