МТЕЛ станува генерален спонзор на кошаркарската Прва машка лига

МТЕЛ станува генерален спонзор на кошаркарската Прва машка лига, продолжува партнерството со КК Работнички и КК МЗТ Скопје.

Телекомуникацискиот оператор МТЕЛ, дел од групацијата Телеком Србија, со гордост ја најавува својата нова улога како генерален спонзор на најдоброто клупско кошаркарско натпреварување во Македонија.

„Среќни сме и почестени што станавме генерален спонзор на најдоброто натпреварување во македонската кошарка кое отсега ќе се именува како МТЕЛ Прва машка лига. Како компанија, сме длабоко посветени да соработуваме со спортските федерации и клубови за да ги поттикнуваме заедничките вредности и да промовираме активна, здрава заедница која ги инспирира младите луѓе. Уверени сме дека нашата поддршка ќе придонесе за возбудлива и успешна сезона, каде и клубовите и навивачите ќе уживаат во извонредни спортски достигнувања,“ вели генералниот директор на МТЕЛ, Марко Лопичиќ.

Покрај спонзорството на лигата, МТЕЛ го проширува и партнерството со актуелниот шампион КК МЗТ Скопје, станувајќи генерален спонзор на клубот за претстојната сезона. Ова означува континуирана заложба за зајакнување на локалниот спорт, а особено македонската кошарка.

МТЕЛ, исто така, со големо задоволство ја продолжува својата тековна соработка со најтрофејниот клуб на македонската кошаркарска сцена, КК Работнички чиј генерален спонзор е веќе трета година по ред.

Следејќи ги светските вредности за општествена одговорност, како и корпоративниот код на Телеком Србија групацијата, МТЕЛ во рамки на своите активности продолжува и во иднина да биде поддршка за различни хуманитарни и спортски настани, соопштуваат од компанијата.

„Кока-кола“ го повлекува новиот сок „Спајсд“

„Кока-кола“ го прекинува производството на својот сок „Спајсд“ (Coca-Cola Spiced), само шест месеци откако новиот вкус првпат се појави на полиците. Ова е, всушност, крајот на разочарувачкиот обид да се привлечат помлади купувачи.

„'Кока-кола' секогаш гледа што сакаат нашите купувачи и ги прилагодува своите вкусови според нив. Како дел од оваа стратегија, планираме постепено да ја укинеме 'Кока-кола спајсд',, за да воведеме нов возбудлив вкус во 2025 година“, изјави гласноговорникот на компанијата.

Новиот сок беше претставен во февруари со раскошна рекламна кампања. Пијалакот го спојуваше традиционалниот „Кока-кола“ вкус со ноти од малина (нема други зачини, како што можеби посочува називот). Целта беше, пред сѐ - генерацијата З, која не се покажа доволно заинтересирана.

Инаку, општ впечаток е дека консументите сѐ почесто ги заменуваат своите зашеќерени газирани напивки со газирани води и пијалаци за хидратација. /МИА

Недановски: Ако се случи нешто лошо со Пелистер, ќе преземам одговорност

Ако се случи нешто лошо со Пелистер, ќе преземам одговорност, но размислувам само на најдоброто.

Тренерот на Вардар, Владо Недановски ги искажа своите очекувања за претстојниот дерби-натпревар за Еурофарм Пелистер од 4. коло на македонскиот ракометен шампионат.

- Кога се игра со најголемиот ривал, посебно на домашен терен, притисок секогаш постои. Ако се случи нешто лошо на дуелот со Пелистер, односно две изгубени дерби средби по само четири кола, ќе преземам одговорност и ќе одлучам што понатаму. Сепак, размислувам само на најдоброто и се надевам на победа, изјави Недановски на денешната прес-конференција.

Предводникот на „црвено-црните“ направи рекапитулар од неговото доаѓање на тренерското место. Тој како успешни ги оцени првите две години со оглед на сите проблеми со кои се соочи клубот.

За оваа сезоната рече: „Ако не се освои титулата ќе биде неуспех за Вардар. Задоволен сум од сите играчи кои дојдоа. Направивме силен ти и наша цел е титула во првенството и купот, и што подалеку да стигнеме на евро-сцената“.

Натпреварот Вардар – Еурофарм Пелистер ќе се игра в сабота од 17:45 часот. Најавени се и околу 200 навивачи на битолскиот клуб.

Фолксваген почнува преговори со синдикатите, можно е затворање на фабриките во Германија

Раководството на Фолксваген денеска започнува преговори со претставниците на синдикатот за платите во сенка на најавата за отпуштања и затворање на фабрики во Германија.

Влијателниот синдикат IG Metal вети дека ќе се бори против какво било намалување на работните места и ќе преговара за нови договори за 130.000 работници на Volkswagen во Германија.

Преговорите се водат во замокот Херенхаузен во Хановер.

Производителот на автомобили Фолксваген вели дека е во неповолна положба во споредба со конкуренцијата од другите европски земји и Кина поради високите трошоци за енергија и работна сила во Германија и тврди дека намалувањето на трошоците е неизбежно, пренесува Ројтерс.

- Мораме да работиме на реструктуирање на нашата компанија. Ситуацијата е сериозна - изјави Арне Мајсвинкел, шеф на брендовите на Фолксваген.

Германскиот деловен портал Менаџер минатата недела објави дека Фолксваген сака да укине до 30.000 работни места во Германија и значително да ги намали инвестициите.

Како што се наведува, поддржувачите на радикалните мерки во раководството на Фолксваген очекуваат бројот на работници да се намали од сегашните 130.000 за речиси една четвртина.

- Економското опкружување повторно се влоши, нови добавувачи доаѓаат во Европа. Покрај тоа, Германија особено заостанува во однос на конкурентноста. Ние како компанија сега мораме да дејствуваме доследно во оваа средина - неодамна објави извршниот директор на Volkswagen, Оливер Блуме.

притисни ентер