Дијамантски ѓердан со богат историјат оди на наддавање

Дијамантски ѓердан со богат историјат оди на наддавање, се очекува да достигне до 2,5 милиони евра.

Историски дијамантски ѓердан што бил носен и на крунисувањето на британската кралица Елизабета Втора, а којшто, како што се верува, е поврзан со познат скандал од времето на француската кралица Марија Антоанета, се очекува да достигне до 2,5 милиони евра на скоро објавената аукција.

Овој технички висококвалитетен ѓердан, се вели, најверојатно е изработен кусо пред Француската револуција. Во 1937 година, Марџори Паџет, маркиза од велшкиот отров Англси, го носела парчето накит на крунисувањето на кралот Џорџ Шести. Во 1953., нејзината снаа присуствувала на крунисувањето на кралицата Елизабета Втора, носејќи го истиот накит од семејната колекција. Андрес Вајт Коријал, претставник на „Сотби'с“ за Европа и Блискиот Исток, изјави:

- Мислам дека најважниот дел, освен вредноста на дијамантите, е фактот што ѓерданот опстанал до ден-денес. Такви нешта сè уште може да се видат само во музеите или во збирките на кралските семејства кои сè уште владеат или кога ќе ги посетите поранешните влладетелски збирки во Санкт Петербург или Москва.

Ѓерданот од 300 карати, со три низи и вкупно 500 дијаманти, кој не е виден во јавноста половина век, се проценува дека ќе достигне цена меѓу 1,6 и 2,5 милиони евра. Наддавањето е закажано за ноември, во огранокот на аукциската куќа „Сотби'с“ во Женева, Швајцарија.

Познатиот ѓердан претходно „оди“ на светска изложбена турнеја во Лондон, па Хонг Конг, Кина; Њујорк, САД; Сингапур; Тајпеј, Тајван, Кина; и Дубаи, Обединетите Арапски Емирати.

Историјатот говори дека овој ѓердан содржи дијаманти од познатата „Афера со ѓерданот“, кога Марија Антоанета била лажно обвинета дека не му платила на занаетчијата за накитот... Парите, всушност, ги зел измамник кој лажно се претставил како курир.

Коријал се надева дека ѓерданот ќе го купи институција или поединец кој ќе умее да ја цени историската вредност на овој накит и неговото потекло.

- Би сакал ѓерданот да влезе во безбедна и богата приватна колекција на некој кој ќе ја вреднува оваа скапоценост и ќе ја зачува за следните поколенија, додаде стручњакот.

Тој, исто така, забележува дека ваквите парчиња накит не се носат на свечености. Сопственикот треба да стане само чувар на бесценетиот предмет и да го пренесе или на следното поколение, да можат и луѓето после нас да уживаат во неговата убавина.

Пенелопе и Бердем „главни фаци“ на црвениот тепих во Сан Себастијан

 Холивудските актери Пенелопе Круз и нејзиниот сопруг Хавиер Бардем присуствуваа на отворањето на 72. филмски фестивал во Сан Себастијан. 

Пенелопе Круз и Хавиер Бардем заедно прошетаа на црвениот тепих на свеченото отворање на Филмскиот фестивал во Сан Себастијан, Шпанија и го привлекоа вниманието на сите присутни. За многумина Пенелопа и Хавиер беа главните „фаци“ на црвениот тепих.

Познатиот холивудски пар со години привлекува внимание, но ниту овој пат модното издание на убавата Пенелопе не остана незабележано.

Актерката за оваа пригода избра свечено бел фустан во стил на венчаница, украсен со мали извезени цветни мотиви, кој се шири од половината и станува проѕирен. Посебен детал во форма на машна на градите се истакна и ја разби едноставноста на целата креација.

Инаку, овој модел има подебели ремени од тул кои ги покриваат рамениците. Од друга страна, Бардем не заостануваше кога е во прашање елеганцијата, па ја избра најсигурната опција, црн костум со машна, пренесува Супержена.

Над сто компании го потпишаа Пактот за вештачка интелигенција на ЕУ

Повеќе од сто компании досега го потпишаа Пактот за вештачка интелигенција на ЕУ, со што доброволно се обврзуваат да ги почитуваат неговите одредби пред стартот на нивната законска примена, соопшти денеска Европската комисија. 

Меѓу потписниците се мултинационални корпорации и европски мали и средни претпријатија од различни сектори, вклучително и ИТ, телекомуникациите, здравството, банкарството, автомобилската индустрија и аеронаутиката.

- Пактот ги поддржува доброволните заложби на индустријата да започне со примена на принципите на Законот за вештачка интелигенција пред нивното влегување во сила и го подобрува ангажманот помеѓу Канцеларијата за вештачка интелигенција на ЕУ и сите релевантни чинители, вклучително индустријата, граѓанското општество и академската заедница, се наведува во соопштението.

Со потпишувањето на Пактот, потписниците се обврзуваат дека ќе се посветат на изработка на стратегија за управување со вештачката интелигенција, на мапирање на високоризичните системи за вештачка интелигенција и на промоција на писменоста и свеста за вештачката интелигенција меѓу нивниот персонал.

- Покрај овие основни заложби, повеќе од половина од потписниците се обврзаа на дополнителни ветувања, вклучително и на обезбедување човечки надзор, ублажување на ризиците и транспарентно означување на содржините генерирана од вештачка интелигенција, се додава во соопштението.

ЕК воедно упатува повик до останатите компаниите да се приклучат на Пактот за вештачка интелигенција и да се посветат на основните и дополнителните обврски во периодот до стапувањето во сила на сите одредби од Законот за вештачка интелигенција.

Законот за вештачка интелигенција на ЕУ официјално стапи во сила на 1 август 2024 година, но за старт на примената на некои негови одредби се оставени периоди на прилагодување. Така, предвидено е Законот да стане целосно оперативен две години по неговото стапување во сила, со тоа што има и некои исклучоци, како забраните, кои ќе почнат да се применуваат во рок од шест месеци, потоа правилата за управување и обврските за моделите за вештачка интелигенција за општа намена, кои стануваат применливи по 12 месеци, како и правилата за системите на вештачка интелигенција вградени во некои производи, што ќе почнат да се применуваат по 36 месеци.

Трагедија во Германија: Мајка им ги сушела косите на децата со фен, набргу сите загинале

Мајка и две мали деца загинале во пожар што избувнал во нивниот стан во Бремен, откако мајката испуштила жешка фен за коса врз играчки.

Од запалениот дом успеал да побегне само таткото, кој истрчал од куќата и повикал пожарна и брза помош, објави Билд.

Трагедијата во Бремен се случи минатата недела, а полицијата сега ја објави причината за пожарот кој ги однесе животите на 35-годишната мајка и нејзините 3 и 6-годишни деца.

Пожарникарите добиле повик околу 3 часот по полноќ и по доаѓањето на местото на настанот го пронашле таткото (36), кој претходно сам се обидел да го изгасне пожарот. Според истрагата, „низа несреќни околности“ довеле до смртоносниот пожар. Имено, мајката му ја сушела косата на детето и го ставила фенот, кој бил жежок од употреба, на кутијата во која биле плишаните играчки. Топлиот грејач за фен некако дошол во контакт со плишана играчка, предизвикувајќи пожар и испуштајќи многу отровни испарувања.

Утврдено е дека мајката и децата починале од задушување.

притисни ентер