Телото на исчезнатиот рабин е најдено во ОАЕ- Нетанјаху: Ова е антисемитски чин на терор

Властите на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) го пронајдоа телото на рабинот Зви Коган, кој исчезна во четвртокот.

Властите на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) го пронајдоа телото на рабинот Зви Коган, кој исчезна во четвртокот, соопшти денеска канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а Советот за национална безбедност на Израел издаде предупредување до граѓаните да не патуваат во ОАЕ.

Во заедничкото соопштение од кабинетот на Нетанјаху и израелското Министерство за надворешни работи, се наведува дека израелската амбасада во Абу Даби била во контакт со семејството на Коган во ОАЕ и дека се информирани членовите на неговото семејство кои живеат во Израел, објави Times of Israel.

Израел го нарече убиството „гнасен антисемитски чин на терор“ и вети дека ќе ги искористи сите расположливи средства за да ги изведе убијците пред лицето на правдата.

Канцеларијата на Нетанјаху претходно соопшти дека Коган бил емисар на Чабад, ортодоксна еврејска организација со ограноци ширум светот, додека израелските разузнавачи рекоа дека веруваат дека најверојатно станува збор за терористички акт и дека рабинот бил следен на кошер пазар во Абу Даби.

Коган е двоен израелско-молдавски државјанин и е во Абу Даби како емисар на Чабад откако Израел ги нормализираше врските со земјата кон крајот на 2020 година.

Советот за национална безбедност на Израел издаде предупредување за патување до граѓаните во ОАЕ, наведувајќи дека сè уште постои закана за Израел и Евреите во земјата.

Се повикуваат Израелците да избегнуваат „ бизнис посети, места за собирање и места за забава идентификувани со израелското и еврејското население“ и да избегнуваат истакнување на израелски симболи.

Патниците, кои се веќе во ОАЕ, исто така, се предупредени да избегнуваат објавување информации за тоа на социјалните мрежи и да ги заклучат своите онлајн профили.

„Фаненшл тајмс“: Русија регрутира платеници од Јемен за да се борат во Украина

Руските вооружени сили регрутираа стотици Јеменци да се борат во Украина, што доведе до операција за шверц на луѓе што ги истакнува растечките врски меѓу Москва и бунтовничката група Хути.

Јеменските регрути кои отпатувале во Русија изјавиле за британскиот дневен весник дека им биле ветени високо платени работни места, па дури и руско државјанство, но дека кога пристигнале во земјата со помош на компанија поврзана со Хутите, биле насилно примени во руската армија. и испратени на фронтот во Украина, објави денеска „Фајненшл тајмс“.

Американскиот специјален пратеник за Јемен, Тим Лендеркинг, за весникот изјави дека Русија работи на зајакнување на врските со Хутите и дека се разговара за трансфер на оружје.

„Знаеме дека во Сана има руски персонал кој помага да се продлабочи овој дијалог. Видовите на оружје за кои се разговара се многу алармантни и би им овозможиле на Хутите попрецизно да ги таргетираат бродовите во Црвеното Море, а можеби и пошироко“, рече Лендеркинг.

Хутите поддржани од Иран, кои контролираат огромни делови од Јемен, почнаа да таргетираат комерцијални бродови во Црвеното Море во знак на, како што рекоа, солидарност со Палестинците во војната во Газа, предизвикана од терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.

Магед Алмадаџи, шеф на Центарот за стратешки студии во Сана, истражувачки центар фокусиран на Јемен, исто така рече дека Русија се интересира „за која било група во Црвеното Море или на Блискиот Исток, која е непријателски настроена кон САД. Тој потврди дека платениците се организирани од Хутите, како дел од напорите за градење врски со Русија.

Тиквеш и Камник со трофеи за најдобри вина на „Винска Визија на Отворен Балкан“

Српската вицепремеирка Ирена Вујовиќ на третиот саем „Винска визија на Отворен Балкан“ синоќа ги додели трофејните награди за најдобри вина на саемот, меѓу кои се и наградите за македонските винарии Камник и Тиквеш.

Меѓу наградените во повеќе категории, а по одлука на меѓународно стручно жири кое оценуваше над 900 примероци вина, во категоријата Национален трофеј на Отворен Балкан за најдобро вино од Македонија беше прогласено виното на Тиквеш- Bela voda red 2021 Tikveš Chateaux&Domanines.

За најдобро црвено вино од автохтона сорта прогласен е Вранец на винаријата Камник- Terroir grand rezerva 2020 Chateau Kamnik.

Оваа винарија доби уште една награда за најдобро розе вино- Pure elegance rose 2023 Chateau Kamnik.

Вицепремиерката Вујовиќ, која во име на Владата на Србија ги додели наградите на најдобрите винари, рече дека на стручното жири не му било лесно да донесе одлука меѓу многуте успешни винари од целиот регион кои ги собрала визијата на Отворен Балкан и што ја претвори оваа винска манифестација во еден од најдобрите саеми во Европа.

-Важно е овде да се соберат луѓето од Отворениот Балкан и сите оние кои ја поддржуваат таа визија, токму за да покажеме дека заедно можеме да направиме добра работа и голем резултат, да ги подигнеме нашите економии и да работиме за доброто на нашите народи, рече Вујовиќ на доделувањето на наградите.

Саемот Винска Визија на Отворен Балкан кој се одржува под покровителство на владите на Србија, Македонија и Албанија, собра околу 650 изложувачи од 38 земји од светот. Половината од изложувачите беа од земјите на Отворен Балкан, од кои 80 винарии и дестилерии беа од Македонија.

Саемот го отворија српскиот претседател Александар Вучиќ, македонскиот премиер Христијан Мицкоски и премиерот на Албанија Еди Рама (преку видео врска).

Саемот за вино важи за трет по големина вински саем во Европа.

Физичка пресметка меѓу татко и син во неготинското село Долни Дисан

Пријава за физичка пресметка помеѓу татко и син во неготинско, пристигнала вчера во неготинската полициска станица, информираа денеска од СВР Велес.

– Вчера во 13.00 во Полициска станица Неготино од Итна медицинска помош Неготино било пријавено дека добиле повик од лице кое пријавило дека во село Долни Дисан, неготинско, имало физичка пресметка. По излегување на самото место, од страна на полициски службеници било констатирано дека во дворот од семејниот дом, С.Ш.(71) и неговиот син Т.Ш.(36) по кратка расправија го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка. По документирање на настанот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави, соопштија од СВР Велес.

Нешто подоцна, во 15.45 часот од страна на Територијална против пожарна единица Неготино било пријавено дека на автопат Демир Капија-Неготино кај место наречено Острово, настанал пожар на патничко возило „мазда“ со кичевски регистарски ознаки, во движење, сопственост и управувано до Г.Г.(45) од Кичево. Повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од екипа на Територијална противпожарна единица Неготино. Од страна на увидна екипа од ОВР Неготино бил извршен увид.

притисни ентер