Страшно невреме опустоши делови од Франција, невидено во последните 40 години (ВИДЕО)

По обилните дождови што вчера го зафатија југоисточниот дел на Франција, десет француски департмани денеска остануваат под портокалово предупредување за дождови и поплави.

По обилните дождови што вчера го зафатија југоисточниот дел на Франција, десет француски департмани денеска остануваат под портокалово предупредување за дождови и поплави, а премиерот Мишел Барние најави активирање на процесот на природна катастрофа во загрозените подрачја.

Најпогодена е областа Ардеш, каде во рок од 48 часа паднале повеќе од 600 милиметри дожд на квадратен метар, но од катастрофата биле погодени и областите на Приморските Алпи, Атлантските Пиринеи и Севените.

Барние рече дека 2.300 интервенции на спасувачките служби овозможиле да се спасат многу животи, пренесува телевизијата БФМ.

„Во изминатите 40 години во Франција не се забележани врнежи од ваков размер“, посочи тој во обраќањето пред медиумите во Оперативниот центар за меѓуресорско управување со кризи на МВР.

Барние истакна дека сега приоритет е воспоставувањето на патниот и железничкиот сообраќај меѓу Сент Етјен и Лион.

Тој рече и дека сега доаѓа проценката за причинетата штета која, како што истакна, е голема.

Тој најави и спроведување на процесот на елементарни непогоди во погодените општини со што ранливите жители ќе добијат отштета.

Тој испрати порака за солидарност и поддршка до сите погодени сонародници и спасувачките служби и предупреди дека, со климатските промени, сите мора да се подготват да се соочат со ризици и катастрофи во сите области и почесто, нагласувајќи дека „превенцијата е поевтина од елиминирањето на штетите“.

Според Барние, Министерството за внатрешни работи активирало нова услуга, наречена FR-Alert, која овозможува испраќање СМС пораки со предупредувачки сигнал до сите жители на ризичните подрачја.

„Овие превентивни системи ќе ни овозможат да го избегнеме најлошото сценарио. Ќе останеме будни“, заклучил тој.

Француската метеоролошка служба денеска укина четири црвени предупредувања за дожд и поплави - во областите Рона, Лоара, Горна Лоара и Лозер - додека југоисточниот дел на земјата и понатаму е под портокалова тревога.

Дождот се уште врне над Приморските Алпи, понекаде пропратен со невреме, а ќе продолжи да врне и над југозападните делови од земјата, на места во големи количини, соопшти Метеоролошката служба.

Во последен момент е одложена егзекуција во Тексас на затвореник кој си ја убил ќеркичката

Апелациониот суд во Тексас го укина одложувањето на егзекуцијата на Роберт Роберсон, кој би станал првиот човек во САД кој бил погубен за убиство поврзано со синдром на растреперено бебе, повреда што се јавува кога детето е насилно тресено.

Само неколку часа пред закажаното погубување, судијката на Окружниот суд на Тревис, Џесика Мангрум, издаде наредба за привремена забрана, објави Ројтерс.

Адвокатите на Роберсон планираат да поднесат жалба до Врховниот суд во Тексас.

Роберсон (56) во 2002 година беше осуден за убиство на својата двегодишна ќерка Ники.

Обвинителството тврдеше дека девојчето имало повреди на мозокот за кои верувале дека се предизвикани од насилно тресење.

Роберсон, неговите адвокати и поддржувачи долго време тврдат дека детето починало од компликации од пневмонија. Обвинителите, сепак, инсистирале на тоа дека новите докази не го побиваат нивното тврдење дека детето починало од повредите нанесени од нејзиниот татко.

Роберсон требало да биде погубен во четврток на 17 октомври во 18 часот по локално време. Неколку часа претходно, судијата на округот Тревис издал наредба за привремена забрана за запирање на егзекуцијата за Роберсон да може да сведочи следната недела на државното законодавно сослушување.

Се отвори дупка среде улица и „проголта“ 5- годишно дете, го спаси храбрата мајка (ВИДЕО)

На мрежите кружи клип од Букурешт, снимен на 9 октомври, каде среде бел ден се отвори дупка и за малку ќе предизвикаше трагедија.

Се гледа моментот кога една жена излегува од автомобилот за да го однесе синот во блиската градинка. Одеднаш, земјата под нејзините стапала се урива.

Дупката го „проголта“ малото момче кое во тој момент излегло на улица, како и дел од камионот за ѓубре.

Вознемирената жена веднаш скокнала во кратерот за да го спаси детето, а случајните минувачи ѝ помогнале, пишува Daily Mail.

Момчето е извлечено на безбедно, а локалните медиуми јавуваат дека не било тешко повредено. Полицијата и пожарникарите брзо пристигнале на местото на настанот.

По немилиот настан покрената е истрага.

Првичните извештаи сугерираат дека ерозијата на почвата била предизвикана од канализациони цевки, во комбинација со тежината на автомобилот и комуналните возила.

Полицијата со солзавец ги растера демонстрантите во Пакистан- протестирале против силувањата

Пакистанската полиција денеска употреби солзавец против студентите кои упаднале во зградата на универзитетот, гневни поради наводното силување во кампусот, принудувајќи ја владата да ги затвори училиштата и универзитетите на два дена.

Тензиите се високи во кампусите во Пакистан откако на социјалните мрежи се рашири веста за наводно силување во градот Лахоре, а протестите избија во четири града, објави АП.

Денешното насилство започнало кога стотици студенти демонстрирале пред кампусот во градот Равалпинди, во провинцијата Пенџаб. Тие запалиле мебел и го блокирале главниот пат, пред да упаднат во зградата на универзитетот, по што полицијата употребила солзавец.

Полицијата соопшти дека поради нарушување на редот биле уапсени околу 250 лица, главно студенти.

Во друг град Гуџарат, исто така во Пенџаб, во вчерашните судири меѓу студентите и полицијата, загина еден полицаец.Полицијата уапсила осомничен за ширење дезинформации на социјалните мрежи за наводно силување во кампусот на колеџ во Пенџаб и поттикнување студенти на насилство.

Претходно оваа недела, повеќе од 20 студенти биле повредени во судирите со полицијата во Лахоре на протестите против наводното силување.

Владата денеска забрани собири и ги затвори образовните институции во провинцијата Пенџаб на два дена.

Властите на таа провинција соопштија дека наводниот напад на девојчето не се случил, а тоа го потврдиле и нејзините родители.

притисни ентер