Обвинетите Велибор Манев и Боре Видевски го посочиле Александар Ѓорчевски, татакото на Вања, дека на Палчо му кажал кога неговата ќерка ќе биде сама. Ова во своето сведочење го откри началникот на единицата за насилен криминал Дејан Димовски кој сведочеше на денешното рочиште за двојното убиство. И тој однесувањето на Алекснадар го опиша како сомнително. Добил од него снимка од цитроенот за кој тогаш се уште не било утврдено дека е на Панче Жежовски но без објаснување зошто токму тоа возило е сомнително. Началниците се сомневале и во рутата на движење на Александар на дента кога Вања е пријавена за исчезната но и во пораката која ја испратил во вибер групата на родителите од училиштето која набргу ја избришал.
„Александар Ѓорчевски цело време како да ги предвидуваше настаните. Прво тврдеше дека е киднапирана, па убиена. Постојано повторуваше. Беше анализирана патеката на неговото движење на 27.11 преку Сејф сити камерите. Откривме дека дента на исчезнувањето на Вања, возилото на нејзиниот татко утрото во 9.15 часот е снимено како поминува покрај хотелот Александар Палас кон Качанички пат, еден час претходно по истата траса се движеле и цитроенот и кангуто и сето тоа ни остави сомнеж. Кога ги испрашувавме, Велибор и Боре лично ми кажаа дека таткото на Вања му кажал на Палчо дека во понеделникот ќе биде сама. Александар пратил и порака во вибер групата на родителите од училиштето, најверојатно ја згрешил групата, па ја избришал. Но дел од родителите ја виделе. Пишувало: ,,Кажете само колку пари треба?“
Од снимките на Сејф сити го лоцирале цитроенот на Панче Жежовски но со него и реното кангу кое полицијата ја води до просториите на партијата Десна. Сето тоа е дел околу потрагата по Панче и за полицијата се уште немало индиции за поврзаност со исчезнувањето на Вања. Во партијата е уапсен Кешишов кој првин го споменува Велибор Манев за кој полицијата утврдува дека живеел на иста адреса со Панче а потоа и ги носи началниците до местото во близина на Велес каде е закопан. Кешишов подоцна кажува и дека со нив бил Боре Видевски. Сето тоа се случува ноќта на 2 кон 3 декември кога во утринските часови Кешишов го открива местото каде е закопана Вања но и дека работеле по насоки на Палчо со што МВР веќе двата случаи ги поврзува.
„Постојано правевме разговори со Кешишов. Му велиме кажи што се случило. Јас не сум човек, рече. Уште не кажуваше, но зборуваше за некое место кај што одел со Палчо, во Бразда. Не однесе таму а колега ми кажа дека не носи на местото каде што е запален ,,цитроенот”. Цело време му велел на колегата дека се плаши дека Палчо ќе го убие, имал многу луѓе во полиција. Тогаш ни рече ќе не носи кон ридот. Бараме нешто, некој леш, ама не знаев што бараме. Кешишов покажуваше само со главата, не покажуваше со рака и не зборуваше. Покажуваше кон едно место каде имаше перници, мушама, ги тргнавме и видовме земја. Почнавме да копаме и осетивме дека е ровка земјата и дека пропаѓа. Кешишов не сакаше ниту да гледа, се сврте со грбот. Дојде колегата и ни кажа дека Кешишов му рекол дека тука девојчето Вања. Го викнавме да копа и тој со нас. Дојде зема стап и копаше. Кога го прашавме како се нашлото телото на девојчето таму, тој рече - Ние работиме по насоките на Палчо, тоа беше одлука на Палчо.“
Според одбраната на Александар Ѓорчевски сведочењето на началникот Димовски се базира на сомнежи. Најавија и дека ќе бараат соочување на Александар со начачникот Каришиќ кој претходно сведочеше.
„На крајот можам да заклучам дека исказот на овој сведок е и како што самиот кажа, дека однесувањето на Александар му останало само на ниво на сомневање. Потврди дека не успеал да обезбеди ниту релевантен доказ кој би одел во насока да тој биде обвинет. Изнесе некои работи за кои јас не знам дали е спроведена постапка во таа насока, а тоа е денеска првпат дознаваме дека од еден од видеозаписите имало двајца луѓе вработени од „Комунална хигиена“ па не знам дали тие луѓе биле обезбедени, дали е направен обид да се стапи во контакт со нив, а тие луѓе биле во кривичниот момент кога со возилото како што опиша началникот биле пред зградата на „Наум Наумовски Борче“.“
Дента на исчезнувањето на 14 годишната Вања на 27 ноември лани, во потрагата низ Скопје бил и Митко Лазаров, чичко на нејзината мајка Зорица. Низ солзи во судницата раскажа дека ја барале на Партизанска но посочи дека и за него било чудно што таткото Александар воопшто не излегувал од автомобилот.
Судењето за случајот продолжува на 13 ноември.