Совети од ЦУК што да се прави ако граѓаните наидат или бидат каснати од змија

Центарот за управување со кризи (ЦУК) превентивно потсетува дека при прошетки во природа граѓаните може да се сретнат со змии кои, како што наведуваат, најчесто бегаат од луѓето. 

Ако змиите бидат вознемирувани намерно или ако случајно бидат нагазени или наседнати, иако во ретки случаи, граѓаните можат да бидат гризнати од влекачите.

- Во таков случај и по прва самопомош е корисно да се јават на 112 во ЦУК, при што ќе бидат поврзани со Итната медицинска помош. Важно е да се потсети дека ако змијата е отровна, покрај правилната прва самопомош е многу важно и за што пократко време да се добие и медицински третман, соопшти ЦУК.

На единствениот повикувачки број за итни случаи 112 имало повици за многу различни итни случаи, меѓу кои и за опасност од присуство на змии во објекти во населени места.

Од ЦУК посочуваат дека понекогаш во одредени ретки случаи пожарникарите помагаат змиите да се отстранат од објекти и површини во населени места, како при симнување мачки од дрвја или повисоки места, но, нагласуваат, тоа не може да се оствари секогаш, особено во период на сезона на пожари.

- За вакви специфични случаи на појава на змии во објекти во населени места не постојат специјализирани институции за нивно отстранување, туку има физички лица, а и граѓански асоцијации за заштита на животните, кои можат да им помогнат на граѓаните за безбедно отстранување на змии, други влекачи од објекти и површини. Таквиот ангажман и слично, се остварува секако по непосреден контакт и договор со нив, во рамки на заеднички, а и законски можности, се вели во соопштението.

ЦУК потсетува дека змиите се дел од природата и не е препорачливо да се убиваат.

Хезболах влегува во нова, ескалирачка фаза во војната против Израел по убиството на Синвар

Либанската милитантна група Хезболах денеска објави дека преминува во нова, ескалирачка фаза во војната против Израел по атентатот на лидерот на Хамас, Јахја Синвар, во која ќе користи наведувани проектили за да ги гаѓа израелските војници.

Хезболах во соопштение наведува дека од почетокот на копнената офанзива во Либан на 1 октомври израелската армија загубила 55 војници, а повеќе од 500 од нив се ранети, пренесуваат британските медиуми.

Синвар, организаторот на нападот на 7 октомври 2023 година, со кој почна војната во Газа, беше убиен во средата за време на операција на израелските војници во палестинската енклава.

Синвар, кој беше именуван за лидер на Хамас по убиството на политичкиот шеф, Исмаил Ханија, во Техеран во јули, се верува дека се криел во тунелите изградени од Хамас под Газа во последните две децении.

Израелската војска објави снимка од беспилотно летало на која се гледа како Синвар седи во фотелја, покриен со прашина, внатре во уништената зграда.

Западните лидери изјавија дека неговата смрт дава можност да се стави крај на конфликтот, но израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека војната ќе продолжи се додека не се вратат заложниците земени од милитантите на Хамас во октомври минатата година.

Администрацијата на Бајден ги ублажи извозните ограничувања за истражување на Вселената

Администрацијата на Бајден ги ублажи извозните ограничувања за компаниите за истражување на Вселената.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ги олесни извозните ограничувања на американските комерцијални вселенски компании да испраќаат одредени производи поврзани со сателити и вселенски летала до сојузниците и партнерите.

Американските вселенски компании како Спејс Икс (SpaceX) на Илон Маск и големите одбранбени изведувачи со вселенски производи како што се Локед Мартин (Lockheed Martin), Л3 Харис Технолоџис (L3Harris Technologies) и Боинг (Boeing) би можеле да имаат корист од новите правила, кои беа објавени во Федералниот регистар во четвртокот попладне.

„Како што расте различноста на комерцијалните активности во вселената, овие правила ќе го намалат товарот на американската индустрија да продолжи со иновации и да предводи во вселенскиот сектор“, се наведува во писмената изјава на заменик-секретарот на Министерството за трговија, Дон Грејвс.

Ажурирањата ќе придонесат и за способноста на САД да ги „прошират и продлабочат меѓународните партнерства, да ја развијат својата економија и да соработуваат на заедничките вселенски приоритети“, рече Грејвс.

Одредени ставки кои вклучуваат вселенски летала за далечинско набљудување или вселенско логистичко склопување и сервисирање на вселенски летала повеќе нема да бараат лиценци за испорака во Австралија, Канада и Обединетото Кралство, се вели во соопштението на Министерството за трговија.

Правилата би можеле да им помогнат на САД да продолжат со трилатералниот безбедносен пакт АУКУС помеѓу Обединетото Кралство, САД и Австралија, кој беше формиран во 2021 година за да одговори на растечката моќ на Кина во индо-пацифичкиот регион. Дел од пактот се фокусира на споделување технологија.

Ветеринарната комора на РМ одбележува 30 години постоење

Ветеринарната комора на РМ годинава одбележува јубилеј, 30 години од формирањето. По тој повод, од денеска до 20 октомври во Охрид ќе бидат одржани повеќе настани.

Одбележувањето ќе почне попладнево со Свечена академијa на која ќе бидат доделени плакети и благодарници на институции и личности кои имаат дадено значаен придонес во развојот на Комората.

Утре и задутре Комората организира конгрес на тема „Втори Охридски ветеринарно-медицински средби”, со меѓунарoдно учество. Најавени се предавачи од земјава и регионот со тематски излагања од повеќе области на ветеринарната медицина.

На Конгресот ќе присуствуваат и државни претставници, бројни делегации на ветеринарни комори со кои Комората има потпишано билатерални договори за соработка, како и преставници од европски асоцијации.

притисни ентер