Администрацијата на Бајден ги ублажи извозните ограничувања за истражување на Вселената

Администрацијата на Бајден ги ублажи извозните ограничувања за компаниите за истражување на Вселената.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ги олесни извозните ограничувања на американските комерцијални вселенски компании да испраќаат одредени производи поврзани со сателити и вселенски летала до сојузниците и партнерите.

Американските вселенски компании како Спејс Икс (SpaceX) на Илон Маск и големите одбранбени изведувачи со вселенски производи како што се Локед Мартин (Lockheed Martin), Л3 Харис Технолоџис (L3Harris Technologies) и Боинг (Boeing) би можеле да имаат корист од новите правила, кои беа објавени во Федералниот регистар во четвртокот попладне.

„Како што расте различноста на комерцијалните активности во вселената, овие правила ќе го намалат товарот на американската индустрија да продолжи со иновации и да предводи во вселенскиот сектор“, се наведува во писмената изјава на заменик-секретарот на Министерството за трговија, Дон Грејвс.

Ажурирањата ќе придонесат и за способноста на САД да ги „прошират и продлабочат меѓународните партнерства, да ја развијат својата економија и да соработуваат на заедничките вселенски приоритети“, рече Грејвс.

Одредени ставки кои вклучуваат вселенски летала за далечинско набљудување или вселенско логистичко склопување и сервисирање на вселенски летала повеќе нема да бараат лиценци за испорака во Австралија, Канада и Обединетото Кралство, се вели во соопштението на Министерството за трговија.

Правилата би можеле да им помогнат на САД да продолжат со трилатералниот безбедносен пакт АУКУС помеѓу Обединетото Кралство, САД и Австралија, кој беше формиран во 2021 година за да одговори на растечката моќ на Кина во индо-пацифичкиот регион. Дел од пактот се фокусира на споделување технологија.

РТС: Експлозија во фабриката Слобода во Чачак, има повредени

Две лица се повредени во експлозија во теренот на фабриката „Слобода“ во Чачак, соопшти компанијата „Слобода“ АД.

Во фабриката „Слобода“ во Чачак утрово во осум часот дошло до технолошка експлозија на линијата на лабораторијата за артилериски гранати и во таа несреќа се повредени двајца работници, на кои веднаш им била укажана лекарска помош, соопшти „Слобода“ објави АД.

Како што се наведува, едниот работник по прегледот е пуштен на домашно лекување, додека другиот повреден работник кој е во стабилна здравствена состојба е задржан на болничко лекување.

Како што дознава РТС, 36-годишен маж бил примен на итната медицинска помош во Општата болница во Чачак со изгореници на лицето и вратот и повреда на десната рака.

Повредениот во експлозијата што се случи во „Слобода“ е примен на Одделот за интензивна нега.

Раководството на компанијата „Слобода“ АД ги презема сите неопходни мерки за да продолжи производствениот процес, се додава во соопштението.

Последната експлозија во „Слобода“ се случи пред три години во јуни, пренесе РТС.

По визната либерализација за Косово, Приштинскиот аеродром со 11,5 отсто повеќе патници од лани

По визната либерализација за Косово, Приштинскиот аеродром со 11,5 отсто повеќе патници од лани и 74 летови дневно.

Укинувањето на визите за Шенген-зоната за косовските граѓани, кое стапи во сила на 1 јануари годинава, значително влијаеше на зголемувањето на работата на Меѓународниот аеродром во Приштина, така што во деветте месеци од годинава, во однос на истиот период минатата година, бројот на патници и летови е зголемен за над 11 отсто, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според податоците на управата на аеродромот „Адем Јашари“, кои ги објави порталот „Газета експрес“ (gazetaexpress.com), бројот на патници од косовската престолнина од 1 јануари до 30 септември 2024 надминал три милиони.

Арта Мехмети од Канцеларијата за медиуми на аеродромот во Приштина за порталот вели дека во споменатиот период е зголемен и бројот на летови. Конкретно, од почетокот на годинава до минатиот месец нивниот број е зголемен на над 20 илјади, додека бројот на летови во истиот период лани изнесувал нешто над 18 илјади.

Од овој аеродром, како што информира Мехмети, во просек дневно има по 74 летови.

„До септември 2023 година имавме 18.016 летови, додека годинава оваа бројка е зголемена на 20.248 летови, што претставува зголемување за околу 11%. Што се однесува до бројот на патници, од 2.639.477 во 2023 година, годинава достигнавме до 3.051.957, што бележи пораст од околу 11,5%. Овие бројки го одразуваат континуираниот развој на нашиот капацитет и зголемениот интерес на патниците“, изјави Мехмети.

Моментно директни летови од аеродромот во Приштина има до 38 дестинации во 15 земји, додека на крајот на овој месец се очекува да биде додадена уште една нова линија.

„Оваа година се очекува да се додаде нова дестинација. На 28 октомври ќе биде пуштена во употреба новата линија до Амстердам, со која управува компанијата ‘Изи џет’“, изјави Мехмети.

Бајден му честита на Нетанјаху за ликвидацијата на лидерот на Хамас

Американскиот претседател Џо Бајден, коментирајќи го израелското убиство на лидерот на Хамас, Јахја Синвар, рече дека „е време оваа војна да заврши и затворениците да се вратат дома“.

Тој најави нова посета на државниот секретар Ентони Блинкен на Израел и рече дека му се јавил на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за да му честита за операцијата, но исто така ја истакна важноста да се стави крај на конфликтот.

„Време е оваа војна да заврши и заложниците да се вратат дома. Тоа е она што сме подготвени да го направиме“, рече Бајден, додавајќи дека мора да се преземат чекори за да се обезбеди прекин на огнот во Појасот Газа.

Бајден најави дека државниот секретар Блинкен наскоро ќе отпатува во Израел за да разговара со своите израелски колеги за најновата ситуација и процесот на постигнување прекин на огнот.

Министерот за надворешни работи на Израел, Израел Кац, синоќа потврди дека лидерот на Хамас Јахја Синвар е убиен во напад на Појасот Газа. Синвар беше долгогодишен лидер на Хамас, поставен на чело на движењето во јули по атентатот на поранешниот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, во Техеран.

притисни ентер