Либанската телевизија ЛБЦИ јави дека Калед Машал е именуван за в.д. лидер на Хамас

Еден од лидерите на Хамас, Калед Мешал е назначен за вршител на должноста лидер на ова милитантно движење по ликвидацијата на Јахја Синвар, јавува либанската телевизија ЛБЦИ, повикувајќи се на свои извори.

Машал сега е одговорен за сета комуникација со клучните страни вклучени во преговорите и прашањата за затворениците, пренесува либанската телевизија.

Извори потврдија за ЛБЦИ дека раководството на Хамас ги информирало турските, катарските и египетските власти за смртта на Синвар за време на операцијата во Тел ал Султан.

Покрај тоа, наведуваат дека за убиството на Синвар и неговото влијание врз преговорите и потенцијалниот прекин на огнот разговарале американскиот државен секретар Ентони Блинкен и катарскиот премиер и министер за надворешни работи шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани.

Хамас најави дека по убиството на Синвар, преговорите за размена на заробеници и завршување на војната „ќе стануваат сè потешки и сложени“.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) вчера официјално соопштија дека Синвар, за кој се верува дека е организаторот на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, бил убиен од израелската армија во Појасот Газа.

По визната либерализација за Косово, Приштинскиот аеродром со 11,5 отсто повеќе патници од лани

По визната либерализација за Косово, Приштинскиот аеродром со 11,5 отсто повеќе патници од лани и 74 летови дневно.

Укинувањето на визите за Шенген-зоната за косовските граѓани, кое стапи во сила на 1 јануари годинава, значително влијаеше на зголемувањето на работата на Меѓународниот аеродром во Приштина, така што во деветте месеци од годинава, во однос на истиот период минатата година, бројот на патници и летови е зголемен за над 11 отсто, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според податоците на управата на аеродромот „Адем Јашари“, кои ги објави порталот „Газета експрес“ (gazetaexpress.com), бројот на патници од косовската престолнина од 1 јануари до 30 септември 2024 надминал три милиони.

Арта Мехмети од Канцеларијата за медиуми на аеродромот во Приштина за порталот вели дека во споменатиот период е зголемен и бројот на летови. Конкретно, од почетокот на годинава до минатиот месец нивниот број е зголемен на над 20 илјади, додека бројот на летови во истиот период лани изнесувал нешто над 18 илјади.

Од овој аеродром, како што информира Мехмети, во просек дневно има по 74 летови.

„До септември 2023 година имавме 18.016 летови, додека годинава оваа бројка е зголемена на 20.248 летови, што претставува зголемување за околу 11%. Што се однесува до бројот на патници, од 2.639.477 во 2023 година, годинава достигнавме до 3.051.957, што бележи пораст од околу 11,5%. Овие бројки го одразуваат континуираниот развој на нашиот капацитет и зголемениот интерес на патниците“, изјави Мехмети.

Моментно директни летови од аеродромот во Приштина има до 38 дестинации во 15 земји, додека на крајот на овој месец се очекува да биде додадена уште една нова линија.

„Оваа година се очекува да се додаде нова дестинација. На 28 октомври ќе биде пуштена во употреба новата линија до Амстердам, со која управува компанијата ‘Изи џет’“, изјави Мехмети.

Бајден му честита на Нетанјаху за ликвидацијата на лидерот на Хамас

Американскиот претседател Џо Бајден, коментирајќи го израелското убиство на лидерот на Хамас, Јахја Синвар, рече дека „е време оваа војна да заврши и затворениците да се вратат дома“.

Тој најави нова посета на државниот секретар Ентони Блинкен на Израел и рече дека му се јавил на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за да му честита за операцијата, но исто така ја истакна важноста да се стави крај на конфликтот.

„Време е оваа војна да заврши и заложниците да се вратат дома. Тоа е она што сме подготвени да го направиме“, рече Бајден, додавајќи дека мора да се преземат чекори за да се обезбеди прекин на огнот во Појасот Газа.

Бајден најави дека државниот секретар Блинкен наскоро ќе отпатува во Израел за да разговара со своите израелски колеги за најновата ситуација и процесот на постигнување прекин на огнот.

Министерот за надворешни работи на Израел, Израел Кац, синоќа потврди дека лидерот на Хамас Јахја Синвар е убиен во напад на Појасот Газа. Синвар беше долгогодишен лидер на Хамас, поставен на чело на движењето во јули по атентатот на поранешниот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, во Техеран.

Мицотакис: Политиката на ЕУ во мигрантското прашање се приближи до грчките позиции

 Во овие години, миграциската политика на Европа се промени и многу повеќе се приближи до грчките позиции. Ова, веќе е очигледен заклучок, кој произлегува и од самите заклучоци на Европски совет. 

Надворешната димензија на миграцијата, заштитата на европските граници, Пактот за миграција и азил се успеси на Европа и се позиции блиски до грчките позиции, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прес-конференцијата во Брисел по Самитот на ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис нагласи дека Европа донесе одлука, која им служи и на грчките интереси дека „не може криумчарите да одредуваат кој ќе влезе во Европската унија“.

- Она што сега треба да го додадеме е да одредиме европска рамка за враќањата. Бидејќи нашата аргументација ќе биде целосна само ако кажеме дека ние одредуваме кој сака да влезе во Европската Унија, но оној кој не може и нема место во Европа, затоа што нема право на азил, треба да се врати во земјата од која дошол. Токму тоа е целта на директивата што и ја дадовме на Европската комисија, брзо да разработи ново европско законодавство околу прашањата за враќањата. Значи, мислам дека Европа полека, но стабилно се движи во вистинската насока и во насока која дефинитивно им служи и на грчките позиции, истакна Мицотакис.

Дополнително, посочи дека не се вршат враќања на нелегални мигранти во Турција, иако тоа е предвидено во договорот со ЕУ, а паралелно истакна дека грчко-турската соработката во мигрантското-бегалското прашање е подобрена, но дека тоа се однесува на оперативната димензија и подобрата соработка меѓу државните органи на двете земји и пред сè подобрата соработка со крајбрежната служба.

- Грција врши враќања, но сакам да нагласам дека враќањата се тежок процес во целина, не само за Грција туку и за Европската унија. Статистички, само еден од пет од оние кои треба да се вратат во земјите на потекло, на крајот се враќаат, посочи Мицотакис.

Во однос на италијанскиот модел со центрите во Албанија, истакна дека „секоја земја има свои особености“, објасни дека тоа е билатерален договор меѓу Италија и Албанија и коментираше дека тоа е „ново, интересно решение“ за случаи на мигранти спасени во меѓународни води, но дека „Грција веројатно нема такви прашања“.

- Она што е важно е дека во писмото на г-ѓа фон дер Лајен, за враќањата има фраза дека „ќе разгледаме и иновативни решенија“. А меѓу иновативните решенија што може да се разгледаат е и идејата за центри надвор од Европската унија во кои ќе се испраќаат мигранти, чии барања за азил ќе бидат одбиени, доколку не можат да бидат вратени директно во нивните земји на потекло. Ова е само идеја, не е разгледано. Првично сметам дека е позитивна. И секако кога ќе ги видиме конкретните предлози на Европската комисија ќе можеме да излеземе со став, објасни грчкиот премиер.

притисни ентер