Британските универзитети се повлекуваат од Х поради ширење на дезинформации

Голем број британски универзитети и високообразовни институции одлучија да ја намалат употребата на X или целосно да престанат да ја користат платформата, поради нејзината улога во ширењето дезинформации што поттикнаа расни немири минатата година.

Според истражувањето спроведено од агенцијата Ројтерс, неколку универзитети ја намалиле употребата на X на минимум, додека некои целосно престанале да ја користат оваа платформа.

Улогата на Х во Велика Британија беше ставена под лупа минатата година за време на насилните расни немири.

Извршниот директор на X, Илон Маск, кој е близок соработник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, оттогаш повика на апсење на британскиот премиер Кир Стармер, како и ослободување на антимуслиманскиот активист Стивен Јаксли-Ленон, познат како Томи Робинсон, кој е еден од основачите на екстремно десничарската партија „English Defense League“.

„London Business School“, која е меѓу најпрестижните бизнис школи во светот, со 182.000 следбеници на X, последен пат објави објава во септември. На Универзитетот во Кембриџ, најмалку седум од 31 факултет престанаа да објавуваат на Х. „Мертон колеџ“, најдобриот факултет на универзитетот Оксворд, според академски критериуми, го избриша својот X профил./МИА

Во Русија лани биле протерани двојно повеќе мигранти

 Руските власти денеска објавија дека во текот на минатата година протерале повеќе од 80.000 мигранти, што е двојно повеќе од 2023 година, во услови на построга мигрантска политика по нападот во близина на Москва минатиот март.

„Повеќе од 80.000 мигранти и лица без државјанство се протерани од Русија со судски налог“, пренесоа руските меидуми, повикувајќи се на судството.

Националноста на протераните, на кои генерално им е забранет влез на руска територија во рок од пет години, не се наведува.

Меѓутоа, огромното мнозинство мигранти во Русија доаѓаат од поранешните советски републики во Централна Азија, при што стотици илјади луѓе од Киргистан, Узбекистан и Таџикистан патуваат секоја година за да најдат работа.

По нападот на концертната сала „Крокус“ ​​во предградието на Москва, каде што беа убиени повеќе од 140 луѓе во нападот за кој одговорноста ја презеде Исламска држава, беа уапсени осомничени од Таџикистан. Тогаш значително беа засилени полициските рации против мигрантите.

Неколку руски функционери потоа дадоа антиимигрантски изјави. Поранешниот претседател Дмитриј Медведев го критикуваше создавањето „етнички енклави“, додека неколку пратеници предложија протерување на мигрантите кои не зборуваат руски.

Претседателот на Државната дума, Вјачеслав Володин, кон средината на септември најави разгледување на дури 34 закони со кои требада се заостри миграциската политика, вклучително и да се воведе забрана за обединување на семејството, листа на забранети професии и воведување „данок на мигранти“.

На Русија, сепак, и се потребни работници поради децениската демографска криза, како и мажи за да се борат во Украина, а руското државјанство го олеснува привлекувањето на мигрантите.

Според законот потпишан од претседателот Владимир Путин, мигрантите сега имаат обврска да се регистрираат во војската или во спротивно ризикуваат да ги загубат своите руски пасоши и да бидат депортирани. Руските власти наведуваат дека околу 10.000 такви натурализирани Руси им се придружиле на руските сили на фронтот./МИА

Претседателските избори во Полска ќе се одржат на 18 мај

Претседателските избори во Полска ќе се одржат на 18 мај, соопшти денеска претседателот на полскиот парламент Шимон Холовња.

Тој наведе дека изборите формално ќе бидат распишани во среда, на 15 јануари, врз основа на уставната одредба според која изборите не можат да се одржат во рок од 90 дена од завршувањето на вонредната состојба.

Состојбата со елементарна непогода што ја воведе Владата по поплавите во септември минатата година е укината на 16 октомври 2024 година, а рокот од 90 дена истекува на 14 јануари 2025 година, јави агенцијата ПАП.

Изборната кампања официјално ќе започне откако во службен весник ќе биде објавена одлуката на претседателот на Сејмот за распишување на изборите.

Претседателот се избира за петгодишен мандат и може да биде реизбран само еднаш. Секој граѓанин на Полска кој на денот на изборите наполнил 35 години го исполнува условот за кандидатура./МИА

притисни ентер