Во последното деноноќие имало пет пожари на отворен простор и сите се изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Четворица скопски пожарникари вчера, од 16:50 до 17:40 часот, со едно противпожарно возило гаснеле запалено ѓубре на обиколница кај Качанички пат, Општина Чучер Сандево.
ТППЕ Штип вчера, од 15:45 до 16:45 часот, гаснела запалена ниска вегетација и стрниште во атар на село Горни Балаван.
Четворица пожарникари од ТППЕ Кочани вчера, од 12:39 до 13:50 часот, со две возила интервенирале на запалена ниска вегетација и нискостеблеста шума кај село Бали. Четворица пожарникари со две возила вчера од 13:58 до 16:00 часот гаснеле запалена ниска вегетација и нискостеблеста шума кај месноста Мегдан во Општина Кочани. Пожарникарите вчера гаснеле и запалена дива депонија кај Стара касарна во Кочани.
ЦУК информира дека вчера, околу 13 часот, била пронајдена експлозивна направа во непосредна близина на село Крајници, Општина Чашка.
- За настанатата состојба се известени ДЗС Велес за преземање мерки и активности во нивната надлежност, за безбедно отстранување и неутрализирање на неексплодирани убојни средства, се вели во соопштението.
Вкупно 1 837 повици имало во последното деноноќие на бројот за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 56,56 отсто, а 43,44 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 67,32 отсто, кон итната медицинска помош 27,89 отсто, а кон пожарникарите 3,10 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.