Во Русија лани биле протерани двојно повеќе мигранти

 Руските власти денеска објавија дека во текот на минатата година протерале повеќе од 80.000 мигранти, што е двојно повеќе од 2023 година, во услови на построга мигрантска политика по нападот во близина на Москва минатиот март.

„Повеќе од 80.000 мигранти и лица без државјанство се протерани од Русија со судски налог“, пренесоа руските меидуми, повикувајќи се на судството.

Националноста на протераните, на кои генерално им е забранет влез на руска територија во рок од пет години, не се наведува.

Меѓутоа, огромното мнозинство мигранти во Русија доаѓаат од поранешните советски републики во Централна Азија, при што стотици илјади луѓе од Киргистан, Узбекистан и Таџикистан патуваат секоја година за да најдат работа.

По нападот на концертната сала „Крокус“ ​​во предградието на Москва, каде што беа убиени повеќе од 140 луѓе во нападот за кој одговорноста ја презеде Исламска држава, беа уапсени осомничени од Таџикистан. Тогаш значително беа засилени полициските рации против мигрантите.

Неколку руски функционери потоа дадоа антиимигрантски изјави. Поранешниот претседател Дмитриј Медведев го критикуваше создавањето „етнички енклави“, додека неколку пратеници предложија протерување на мигрантите кои не зборуваат руски.

Претседателот на Државната дума, Вјачеслав Володин, кон средината на септември најави разгледување на дури 34 закони со кои требада се заостри миграциската политика, вклучително и да се воведе забрана за обединување на семејството, листа на забранети професии и воведување „данок на мигранти“.

На Русија, сепак, и се потребни работници поради децениската демографска криза, како и мажи за да се борат во Украина, а руското државјанство го олеснува привлекувањето на мигрантите.

Според законот потпишан од претседателот Владимир Путин, мигрантите сега имаат обврска да се регистрираат во војската или во спротивно ризикуваат да ги загубат своите руски пасоши и да бидат депортирани. Руските власти наведуваат дека околу 10.000 такви натурализирани Руси им се придружиле на руските сили на фронтот./МИА

Состанок на Контакт групата за одбрана на Украина во базата „Рамштајн“

 Во американската воздухопловна база „Рамштајн“ во Германија денеска ќе се одржи состанок на Контакт групата за одбрана на Украина на министерско ниво. 

Домаќини на средбата се американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и началникот на Здружениот генералштаб на Вооружените сили на САД, генерал Чарлс Браун, а меѓу останатите на неа ќе присуствуваат и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.

Според најавата, состанокот ќе биде можност да се разговара и да се координира понатамошната воена поддршка на Украина.

Како што соопшти Европската служба за надворешни работи, на средбата Калас ќе ја повтори решеноста на ЕУ да ја мобилизира сета потребна поддршка за да се обезбеди победа на Украина, а за таа цел од клучно значење е континуираната координација на Унијата со партнерите, вклучително и со НАТО.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина, ЕУ и нејзините земјите членки обезбедија воена поддршка за Киев во вредност од 48 милијарди евра и спроведоа обука на 70.000 украински војници.

Герасимовски: Очекуваме во март дечињата да бидат згрижени во новата градинка Пролет

Во март годинава, се надевам децата од Центар да бидат згрижени во оваа предучилишна установа која е изградена по највисоки светски стандарди. 

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека во месец март очекува дечињата од населбите Пролет и Маџир маало да бидат згрижени во новата градинка Пролет која е прва изградена градинка по пет децении на територија на општината.

„Во март годинава, се надевам децата од Центар да бидат згрижени во оваа предучилишна установа која е изградена по највисоки светски стандарди. Изградбата е комплетно завршена, а на крајот на 2024-та година беше направен и технички прием. Иако во Центар немаме листи на чекање за упис на дечиња во градинките, ќе им го олесниме секојдневието на родителите од населбите Пролет и Маџир маало кои своите деца ги носат во градинките во другите населби“, вели Герасимовски.

Новата градинка Пролет е енергетски ефикасна, која ќе обезбеди опфат на 173 деца, сместени во 9 занимални. Во градинката поставен е лифт за лица со инвалидитет и попреченост во движењето, како и надворешно игралиште до кое можат да пристапат и деца со попречености. Градинката има вкупна бруто површина од 3.276 метри квадратни и целосно е финансирана од Општина Центар во висина од околу 2.5 милиони евра.

Општина Центар

Во тек е реконструкција на покривот на Соколана во Куманово

 Почна реконструкцијата на покривот на спортскиот објект Соколана во Куманово, информираа денеска надлежните од општината.

-Започнавме со реконструкција на кровната конструкција на објектот Соколана. Го враќаме сјајот на комплексот Соколана, храмот на спортот во Куманово, соопшти кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Претходно почна уредувањето на платото пред објектот и спортското игралиште. Реконструкцијата на комплексот Соколана етапно се спроведува изминативе години. Според планираното, во следните фази од реконструкцијата се планира изградба на изградба на детско катче, реквизити за рекреација, партерно уредување околу објектот. Претходно се санираат внатрешноста на Соколана, но и на паркот во непосредна близина.

Според податоците на електронскиот систем за јавни набавки и за целиот комплекс во 2023 беа одвоени првин 14, 7 милиони денари во мај, подоцна во август уште 14, 9 милиони денари, додека во 2024-та над 4, 4 милиони денари. Покрај самиот објект се реконструира и спортскиот комплекс во целина.

Владата претходно ѝ ги врати во владение четирите големи спортски објекти на општината, Соколана, спортската сала, градскиот стадион и стрелиштето.

Спортскиот објкет датира од доцните 20-ти години на минатиот век и период на кралство Југославија, со зачетоците на Соколското движење, не само на просторите на Куманово, туку и на тогашна Европа. На ова место се играле најдобрите кошаркарски турнири во поранешна Југославија, а тренирале и врвни гимнастичари. Соколана има непроценливо значење за кумановци.

притисни ентер