Сиљановска Давкова: Потребен е нов модерен закон за помилување во чија суштина се луѓето

 Претседателката Гордана Сиљановска Давкова смета дека е потребен нов закон за помилување во чиј фокус би биле луѓето затвореници, оти сегашниот смета дека не е системски поставен.

Таа потврди дека била запозната со кривичните дела на неколкуте осудени лица кои се помилувани по повод новогодишните празници.

- Се разбира дека знам. Работата е во рацете на Комисијата за помилување. Претходно стигна предлог од Министерството за правда, се видов дури и со министерот за правда. Ми ги опишаа сите случаи и да објаснам за јавноста- кога човек ќе чуе помилување мисли дека некој е целосно ослободен. Овие помилувања главно се однесуваат на три месеци, рече Сиљановска Давкова на новинарско прашање по посетата на припадниците на Армијата во касарната „Јане Сандански“ во Штип.

Според неа, една од основните забелешки на нашиот систем на помилувања или на намалувања на казните е многу кусиот период, затоа што, како што посочи, правото на помилување или на милост е човечко право и се оценува социјализацијата или ресоцијализацијата откако ќе се најдете во затвор. Она што е најважно, вели таа, при помилувањето е судот.

- Ниту Министерството за правда, ниту Комисијата за помилување можат или смеат да играат улога на истражни органи - да се јавуваат во АНБ или АР за да ги проверуваат луѓето. Тоа е работа на судот - значи судијата го креира профилот, досието што доаѓа кај нас. Само судот може да ги проверува фактите и доказите, не ние. За мене најважно е кој и како ја прави селекцијата во затворите - кога ќе побараат или самите затвореници или нивните најблиски намалување на казната и кој го ниже досието. Ако внатре ги немате сите потребни елементи, тогаш ниту Министерството за правда, ниту ние може навистина да имаме вистинска претстава за луѓето. Затоа, велам дека во иднина дури и во рамки на Судскиот совет би можело да се разгледува начинот на кој што судиите ги креираат досиејата за луѓето, бидејќи од тоа зависи како ќе постапуваме ние, потенцира претседателката на државата.

Според претседателката, потребен е нов модерен закон за помилување во кој што суштината ќе бидат луѓето затвореници.

Во однос на тоа дали би требало да се предвиди поголем период од три месеци за помилување, таа додава дека тоа треба да го предложат овластените предлагачи на закони, но вели, можеби е потребно да се преиспита и самата казнена политика.

- Ние не сме имале случај на помилување на луѓе кои биле доживотно осудени или на многу долги казни. Прашањето во Советот на Европа е зошто некому на 70 години да не овозможите да ја види светлината на денот и да си ги види своите. Сите тие прашања и многу други ќе дојдат на дневен ред и тоа ќе биде еден хуман пристап на една одговорна држава која води сметка за сите граѓани, вели Сиљановска Давкова.

Од Кабинетот на претседателката вчера информираа дека по повод новогодишните празници помилувани се седум лица од кои едно потполно, а шест делумно. Шестемина осудени лица се помилувани во траење од три месеци, а едно лице три месеци и четири дена, што кај него доведува до потполно ослободување од извршување на казната затвор.

Комисијата за помилување е дел од телата на претседателката, која по предлог на Министерството за правда одлучува кој и какво помилување ќе добијат затворенците со правосилни пресуди.

Сите членови на првата Комисија за помилување што беше формирана од Сиљановска Давкова, поднесоа оставка од функцијата по критиките во јавноста за дел од имињата на листата за помилување кои беа објавени по повод празникот 23 Октомври. Новиот состав на Комисијата беше формиран на крајот на ноември, а го предводи д-р Милка Ристова.

Притвор за 23- годишен педофил од Желино- нападнал 11 годишно дете

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно 23-годишно лице, бидејќи постои сомнение дека извршил други полови дејствија врз дете кое не наполнило 15 години.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно 23-годишно лице, бидејќи постои сомнение дека извршил други полови дејствија врз дете кое не наполнило 15 години, кривично дело казниво според член 188 став 5 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, на 2 јануари во вечерните часови, го запрел 11-годишното дете и на сила го одвлекол во објект во изградба во близина на неговиот дом во Желино, па започнал пред него да врши други полови дејствија. Детето повикало за помош, но осомничениот не му дозволувал да замине, се додека повиците не ги слушнал таткото на детето и му се спротивставил, по што осомничениот се дал во бегство.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Судот го прифати предлогот на обвинителството и донесе Решение со кое му определи притвор во траење од 30 дена, соопштуваат од Обвинителството.

Први снимки од крвавата пукотница во Вашингтон, полицијата го блокира градот (ВИДЕО)

Четворица мажи и една жена се ранети во пукотница што се случила во вчера вечерта по локално време во Вашингтон.

Според полицијата три лица се пренесени во болница, додека две сами дошле во болница.

Според локалните медиуми, пукањето се случило на Хари Томас Веј, кој се наоѓа во близина на Универзитетот Галодет.

Полицијата добила дојава околу 20:15 часот по локално време. Кога патролите пристигнале на местото на настанот, затекнале двајца мажи и една жена со прострелни рани.

Тие се префрлени во болница во тешка, но свесна состојба. Подоцна, двајца други мажи дошле во болница и исто така биле застрелани на истото место.

Според првите информации, сите ранети во престрелката се познаваат. Засега се верува дека мотив за злосторството се нејасни врски.

Полицијата ја опколи целата област.

Блинкен во посета на Сеул среде политичка криза во Јужна Кореја

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска треба да пристигне во Јужна Кореја, која е зафатена од политичка криза.

Блинкен ќе се сретне со својот јужнокорејски колега Чо Те-џул за да разговараат за „сојузот меѓу Јужна Кореја и САД, соработката со Јапонија, прашањата поврзани со Северна Кореја, како и за регионалните и глобалните предизвици,“ соопшти јужнокорејското Министерство за надворешни работи.

Посетата доаѓа во период на политички хаос во Јужна Кореја, откако претседателот Јун Сук-јеол на 3 декември воведе воена состојба, која Парламентот набрзо ја поништи. Обидот за негово апсење беше спречен од неговата лична заштита.

По посетата на Јужна Кореја, Блинкен ќе отпатува за Јапонија, а потоа и за Франција, каде што ќе разговара за војната во Украина и кризата на Блискиот Исток.

притисни ентер