Шарапова и браќата Брајан нови членови на тениската Куќа на славните

Церемонијата на прием во Меѓународната тениска куќа на славните ќе се одржи во Њупорт од 21 до 23 август следната година.

Петкратната грен слем победничка, руската тенисерка Марија Шарапова и сопствениците на бројни рекорди во игра на парови, американските близнаци Боб и Мајк Брајан, во 2025 година ќе бидат примени во Меѓународната тениска куќа на славните, која се наоѓа во Њупорт, во американската сојузна држава Род Ајленд.

Во текот на својата речиси 20-годишна кариера, Шарапова се приклучи на ексклузивното друштво од десет тенисерки кои успеаја да освојат индивидуални титули на сите четири Грен слем турнири, а пет пати се искачи и на врвот на поединечната ВТА ранг-листа.

Браќата Брајан освоија рекордни 16 грен слем титули во конкуренција на парови и се најуспешниот тениски тандем во историјата со вкупно 119 заеднички трофеи. Рекордни 438 недели беа на врвот на АТП ранг-листата, а десет пати беа најдобар машки пар на крајот на годината.

Церемонијата на прием во Меѓународната тениска куќа на славните ќе се одржи во Њупорт од 21 до 23 август следната година, со специјална програма и хуманитарен турнир на кој ќе настапат легенди кои веќе влегле во рангот на тениските бесмртници. /МИА

Азески во посета на металуршките компании во комплексот Железара

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, ги посети металуршките компании „Либерти АД Скопје“ и „Макстил АД Скопје“, сместени во индустрискиот комплекс Железара. 

Посетата имаше за цел да се продлабочи соработката со овој стратешки сектор и да се нагласи ангажманот на Комората како клучен партнер во поддршката на компаниите во нивните напори за раст, развој и поголема конкурентност.

На двата одделни состанока со директорките на компаниите, Тодорка Ристовска од „Либерти АД Скопје“ и Марија Павловска Дуковска од „Макстил АД Скопје“, особено беше нагласена потребата од поддршка за обезбедување поволни услови за инвестиции, а се отворија и прашањата за главните предизвици со кои се соочуваат компаниите од металуршката индустрија, како што се глобалните промени на пазарите и зголемените барања за одржливост.

Зборувајќи за важноста на металуршкиот сектор во однос на целата економија, Азески потенцираше дека Комората ќе продолжи да биде партнер на компаниите во нивните заложби за развој и раст. Тој истакна дека металургијата е еден од најзначајните извозни сектори и Комората ќе ги засили напорите за обезбедување на мерки кои ќе го зајакнат извозот преку поддршка за нови инвестиции и подобрување на условите за работа.

„Макстил АД Скопје“ е македонски производител на челик со долга индустриска традиција, чијшто производствен процес е составен од Челичарница со електропечка, казанска печка и контилив како и Валавница за производство на топловалани дебели лимови. Компанијата е присутна на пазарите во повеќе од 40 држави, а мнозински сопственик на компанијата е DITH.

„Либерти АД Скопје“ има 480 вработени. Има годишен производствен капацитет од 750к тони ладновалан, 200к тони поцинкуван како и 77к тони пластифициран челик. „Либерти АД Скопје“ опслужува клиенти од градежната и општата индустрија низ Балканот и Југоисточна Европа.

Јамал потпишува нов договор со Барселона со откупна клаузула од милијарда евра

 Напаѓачот на Барселона Ламин Јамал е блиску до потпишување на нов договор со клубот, пренесе „Барса Универзал“.

Според изворот, договорот со 17-годишниот шпански репрезентативец ќе биде продолжен на 6 години кога тој ќе наполни 18 години.

Во договорот ќе биде вклучена откупна клаузула од една милијарда евра.

Оваа сезона Јамал одигра 16 натпревари за Барселона, постигнувајќи 6 гола и 8 асистенции.

Актуелниот договор со Каталонците е до летото 2026 година. Порталот „Трансфермаркт“ ја проценува вредноста на играчот на 150 милиони евра. /МИА

ЦУК: Изминатото деноноќие четири пожари на отворено, сите се изгаснати

На бројот за итни случаи 112 во ЦУК изминатото деноноќие имало 1 752 повици, од нив „реални“ повици биле  61,76 отсто, а 38,24 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.

Во изминатото деноноќие на територија на цела држава имало четири пожари на отворено и сите се изгаснати. Интервенирале пожарникарите од Скопје, Битола, Струмица и од Тетово, гаснејќи депонии, ѓубришта, мешана шума и ниска вегетација, соопшти денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).

На бројот за итни случаи 112 во ЦУК изминатото деноноќие имало 1 752 повици, од нив „реални“ повици биле 61,76 отсто, а 38,24 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.

Кон полиција биле упатени 64,74 отсто, кон итната медицинска помош 23,99 отсто, кон пожарникарите 1,73 отсто, а кон АМСМ 0,29 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.

Од ЈПКР „Услуга“- Берово информирале дека водата од водоснабдителниот систем во Општина Берово од 12 ноември 2024 година се уште е забранета за пиење и готвење, заради зголемено присуство на манган.

Од ЈСП „Скопје“ известиле дека поголем дел од автобусите не се вклучени во јавниот превоз и дека само мал дел сообраќаат по делничен возен ред во последното деноноќие и дека денеска се очекува да се нормализира јавниот градски превоз во Скопје.

Од ЦУК информираат дека жичницата на Водно во последното деноноќие не работела поради врнежи од дожд и силен ветер. Јачината на ветерот ги надминала дозволените граници за функционирање непречено и безбедно. Кога ќе се создадат соодветни временски услови за работа, ќе продолжела со непречено превезување на патниците.

притисни ентер