Бајден го осуди налогот за апсење на МКС против Нетанјаху

Американскиот претседател Џо Бајден остро ги осуди налозите за апсење издадени за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана за наводни воени злосторства поврзани со конфликтот во Појасот Газа.

Меѓународниот кривичен суд (МКС) вчера ги издаде налозите за апсење, кои беа одобрени од предистражниот совет во Хаг, по барањата поднесени од главниот обвинител Карим Кан во мај.

Бајден, во изјавата објавена доцна синоќа, го нарече потегот „шокантен“.

- Дозволете ми да бидам јасен уште еднаш: што и да имплицира МКС, нема еквивалентност – ниту една – меѓу Израел и Хамас, рече Бајден.

- Ние секогаш ќе стоиме со Израел против заканите за неговата безбедност, нагласи американскиот претседател.

МКС вчера соопшти дека има основа да се верува дека Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант „намерно и свесно го лишиле цивилното население во Газа од предмети неопходни за нивниот опстанок, вклучувајќи храна, вода и лекови и медицински материјали, како и гориво и електрична енергија“.

Налог за апсење беше издаден и за воениот началник на Хамас, Мохамед Деиф, за кој се верува дека го организирал терористичкиот напад врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1.200, а киднапирани 250 луѓе./МИА

Меморандум за соработка за поголема ефикасност во справување со организираниот криминал

Потпишан Меморандум за соработка со цел поголема ефикасност во справување со организираниот криминал и корупција.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, денеска потпишаа Меморандум за соработка кој има за цел двете министерства да постигнат поголема ефикасност во справување со организираниот криминал и корупција и обезбедување на брзи, координирани и ефективни одговори, информираат од МВР.

На настанот од страна на директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и директорот на Царинската управа Бобан Николовски бил потпишан и Протоколот за спроведување на меморандумот меѓу двете министерства што, како што се вели во соопштението, ја уредува и конкретизира соработката меѓу нив со цел ефикасна борба против сите видови криминал.

Министерот Тошковски потенцирал дека ваквиот начин на соработка е круцијален доколку сакаме да имаме сеопфатен и ефективен пристап во борба против организираниот криминал.

-Овие документи кои ги потпишуваме денес се реално наоѓање начин на усогласување за како да се спротивставиме на сите предизвици коишто на некој начин го уништуваат нашето општество. Сметам дека со посветена, стручна и професионална соработка помеѓу институциите тоа може да се покаже на дело. Пример за тоа е една одлична спроведена акција како што беше акцијата при која изнесе 14 цариници и полициски службеници и други службеници во рамки на институциите, пред лицето на правдата коишто злоупотребувајќи ја довербата на граѓаните истите се стекнувале со незаконски средства. Со добра и организирана соработка помеѓу службите во МВР, БЈБ и царинските служби видовме дека можело да се остварат резултати. Тоа е нашата цел, затоа постојат овие институции и само на таков начин можеме да покажеме дека навистина имаме волја да се бориме против организираниот криминал и корупција. Сигурен сум во потенцијалот на луѓето и институциите, само треба да се фокусираме, да ја знаеме која е крајната цел и да се стремиме кон нејзино остварување, истакнал министерот Тошковски.

Министерката Димитриеска-Кочоска нагласила дека денеска потпишале два документа со кои, како што рекла, се прави еден чекор напред во борбата со криминалот којшто претставува закана за развојот на државата.

-Превенирај и спречи е целта на овој Меморандум којшто создава основа за една зајакната соработка помеѓу двете институции и органите во нивен состав, а која ќе се постигне преку координирано дејствување, размена на податоци, заеднички активности и акции, размена на информации, електронско поврзување, како и заедничка едукација и стручно усовршување на кадри, рекла министерката и додала дека потпишувањето на овој Меморандум е потврда за нашата определба за справување со криминалот имајќи предвид дека последниот Меморандум е потпишан во 2006 година.

Директорот на БЈБ Јанев потенцирал дека Бирото за јавна безбедност при МВР е главниот носител на активностите во областа на полициското работење и борба против организираниот криминал додека граничната контрола е еден од столбовите на националниот систем за гранично управување, спречување на илегално преминување на границата, контрола на прекуграничниот сообраќај и одржувањето на јавниот ред и мир на границата.

-Соработката се остварува преку усогласување на работата, координирано и заедничко дејствување и унапредување на соработката на национално ниво (централно, регионално и локално ниво) и меѓународно ниво, размена на податоци за изработка на анализа на ризик/ управување со ризици, спроведување на заеднички активности и акции, формирање на заеднички работни групи и комисии, пружање взаемна стручна и техничка помош како и заедничко користење на технички средства и опрема, побрза и поефикасна размена на информации и податоци, електронско поврзување, како и заедничка едукација и стручно усовршување на кадри, нагласил Јанев.

Според Николовски, организираниот криминал, нелегалната трговија и корупцијата постојано наоѓаат нови начини на делување и ние мора да возвратиме посилно и со здружени сили.

-Со Меморандумот и Протоколот со БЈБ ги поставуваме основите за уште пожестока борба со организираниот криминал преку унапредување на соработката и зајакнување на активностите во борбата со криминалот и корупцијата, како и спроведување заеднички криминалистички истраги со цел фаќање на сторителите, рекол Николовски.

Тој притоа потенцирал дека резултатите веќе покажуваат сериозна борба со нелегалната трговија. Од први јули до 20 ноември има 252 случаи на заплена на стока, што е за речиси 30 проценти повеќе од истиот период изминатата година. Бројот на кривични пријави е зголемен за три пати и тоа најмногу за делата криумчарење, царински измами и избегнување плаќање акциза. Притоа наплатата на приходи во септември е зголемена за 9,4 проценти, во октомври за 5,9 а во ноември заклучно со 21ви е зголемена за 8,6.

Заменик амбасадорката на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Сузан Пенкса подвлекла дека Меморандумот за разбирање е витална рамка за унапредување на меѓуагенциската соработка во области како што се размена на разузнавачки информации, заеднички операции и обуки.

-Преку овој холистички пристап, двете министерства ќе постигнат поголема ефикасност и ефективност во справувањето со причинителите на криминалот и обезбедување брзи, координирани и ефективни одговори. Протоколот за спроведување на Меморандумот за соработка е подеднакво важен и игра неопходна улога во операционализацијата на неговите стратешки определби. Како што се движите напред, мисијата на ОБСЕ во Скопје ви стои на располагање да продолжи со долгата историја на поддршка и соработка со владата на Македонија, нагласила заменик амбасадорката Пенкса.

ЛДП во собранието повторно предложи измени на законот за платежни услуги и платни системи

ЛДП денеска повторно во собранието поднесе предлог за изменување на законот за платежни услуги и платни системи.

На овој начин според партиската лидерка Зајкова, ќе се ограничи слободата на банките како што изјави, неосновано да ги наплаќаат нивните услуги.. апелираше до сите пратеници да гласаат за измените

Украина: Руската ракета истрелана кон градот Дњепар развила брзина поголема од 3.773м. секунда

Украина објави дека руската ракета истрелана кон градот Дњепар развила брзина поголема од 3.773 метри во секунда

Киев денеска соопшти дека новиот тип хиперсонична балистичка ракета лансирана вчера од Русија во украинскиот град Дњепар летала околу 15 минути и има развиено максимална брзина над 11 степен според маховиот број (што е еднакво на 3.773 метри во секунда), јавија светските агенции, цитирајќи ја Главната управа за разузнавање на Украина.

„Времето на летот на оваа руска ракета од моментот на лансирање од рускиот регион Астрахан до градот Дњепар беше 15 минути“, се вели во соопштението на Главната управа за разузнавање на Украина.

„Ракетата беше опремена со шест боеви глави, од кои секоја имаше дополнителна муниција. Во последната фаза од летот беше развиена брзина над 11 маха“, се вели и во пораката на главната украинска разузнавачка служба.

Главната управа за разузнавање на Украина наведува дека оружјето насочено кон градот Дњепар „најверојатно е дел од рускиот ракетен комплекс „Кедер“.

Првично Киев претпоставуваше дека Русија лансирала интерконтинентална балистичка ракета, но претставниците на САД и НАТО ја потврдија дефиницијата дадена од Путин - балистичка ракета со среден дострел, потсетуваат светските агенции.

Украинското Министерство за надворешни работи вчера ја повика меѓународната заедница веднаш да реагира на лансирањето на руската ракета. Поради нападот НАТО на 26 ноември свика итен состанок со Украина во нејзиното седиште во белгискиот главен град Брисел.

притисни ентер