Се огласи Хамас, прв пат по убиството на лидерот Синвар: Нема да ги ослободиме заложниците

Палестински Хамас се огласи за прв пат по ликвидацијата на Јахја Синвар, нејзиниот лидер.

Највисокиот политички лидер на Хамас, Калил ал-Хаја, во петокот ја потврди смртта на водачот на групата, Јахја Синвар.

Во телевизиска изјава тој го повтори ставот на палестинската милитантна група дека нема да ги ослободат израелските заложници што ги заробија во нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, додека не дојде до примирје во повеќемесечната војна во Газа.

„Тие затвореници нема да се вратат пред крајот на нападот врз Газа и повлекувањето од Газа“, рече тој, пренесе АП.

Се огласи и либанската милитантна група Хезболах, која вети дека ќе започне нова фаза од борбата против Израел, еден ден откако израелските сили во Газа го убија Јахја Синвар, главниот архитект на минатогодишниот смртоносен напад врз Израел.

Хезболах од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас речиси секој ден истрелува ракети кон Израел. Хамас и Хезболах се поддржани од Иран, кој го прогласи Синвар за маченик кој може да ги инспирира другите да се спротивстават на Израел.

Израел вети дека политички ќе го уништи Хамас во Газа, а убиството на Синвар беше висок воен приоритет.

Еден од политичките лидери на Хамас во странство рече дека Израел е во заблуда ако „верува дека убиството на нашите лидери значи крај на нашето движење и борбата на палестинскиот народ“.

Кривични пријави за 7 опозициски пратеници за вчерашниот хаос парламентот во Тирана (ВИДЕО)

Полицијата во Тирана до Специјалното обвинителство за борба против корупција и организиран криминал, СПАК, поднесе кривични пријави против 7 пратеници од опозицијата, кои вчера предизвикаа хаос и насилство внатре и надвор од Собранието.

По извршените истражни дејствија, материјалите ги доставивме до СПАК. За пратеничката Елда Хоти (32) за сторено кривично дело „Заплашување“ и „Повреда на правилата за отровни материи“, за пратениците Фламур Нока (53), Бледион Налбати (38), Газмент Барди (39), Дашнор Сула (55), Луан Бачи (61) година и Саимир Кореши (43) за сторено кривично дело „Спротивставување на полициски службеници“, соопшти полицијата.

Вчера во собраниската сала на пленарна седница, пратеничката Елда Хоти фрли пиротехнички средства и шише со течност, но обезбедувањето успеа навреме да ја неутрализира состојбата. Веднаш потоа претседателката на парламентот Елиса Спиропали ја исклучи од седницата Хоти и уште двајца нејзини сопартијци. А поради мирисот на бензин во салата, Спропали, даде подолга пауза.

Останатите осомничени пратеници истурале бензин и насилно се спротивставиле на полицајците и гардистите пред собраниската зграда.

Реагираше, Газмент Барди, координатор на пратеничката група на демократите, наведувајќи дека „опозицијата не е обвинета дека за само една година украла 180 милиони од државниот буџет“ индиректно обвинувајќи ја власта.

-Опозициските пратеници не се обвинети дека за само една година украле 180 милиони од државниот буџет од незаконската купопродажба на енергија. За ова е формирано Специјалното обвинителство, да се бори против корупцијата и кражбите од државниот буџет, изјави Барди.

Според него, деградацијата на сите нивоа на МВР, е очекувана затоа што „полиција која не може да се бори против организираниот криминал се занимава со пратениците од опозицијата“.

Страшно невреме опустоши делови од Франција, невидено во последните 40 години (ВИДЕО)

По обилните дождови што вчера го зафатија југоисточниот дел на Франција, десет француски департмани денеска остануваат под портокалово предупредување за дождови и поплави.

По обилните дождови што вчера го зафатија југоисточниот дел на Франција, десет француски департмани денеска остануваат под портокалово предупредување за дождови и поплави, а премиерот Мишел Барние најави активирање на процесот на природна катастрофа во загрозените подрачја.

Најпогодена е областа Ардеш, каде во рок од 48 часа паднале повеќе од 600 милиметри дожд на квадратен метар, но од катастрофата биле погодени и областите на Приморските Алпи, Атлантските Пиринеи и Севените.

Барние рече дека 2.300 интервенции на спасувачките служби овозможиле да се спасат многу животи, пренесува телевизијата БФМ.

„Во изминатите 40 години во Франција не се забележани врнежи од ваков размер“, посочи тој во обраќањето пред медиумите во Оперативниот центар за меѓуресорско управување со кризи на МВР.

Барние истакна дека сега приоритет е воспоставувањето на патниот и железничкиот сообраќај меѓу Сент Етјен и Лион.

Тој рече и дека сега доаѓа проценката за причинетата штета која, како што истакна, е голема.

Тој најави и спроведување на процесот на елементарни непогоди во погодените општини со што ранливите жители ќе добијат отштета.

Тој испрати порака за солидарност и поддршка до сите погодени сонародници и спасувачките служби и предупреди дека, со климатските промени, сите мора да се подготват да се соочат со ризици и катастрофи во сите области и почесто, нагласувајќи дека „превенцијата е поевтина од елиминирањето на штетите“.

Според Барние, Министерството за внатрешни работи активирало нова услуга, наречена FR-Alert, која овозможува испраќање СМС пораки со предупредувачки сигнал до сите жители на ризичните подрачја.

„Овие превентивни системи ќе ни овозможат да го избегнеме најлошото сценарио. Ќе останеме будни“, заклучил тој.

Француската метеоролошка служба денеска укина четири црвени предупредувања за дожд и поплави - во областите Рона, Лоара, Горна Лоара и Лозер - додека југоисточниот дел на земјата и понатаму е под портокалова тревога.

Дождот се уште врне над Приморските Алпи, понекаде пропратен со невреме, а ќе продолжи да врне и над југозападните делови од земјата, на места во големи количини, соопшти Метеоролошката служба.

НАТО стартува со вселенски план за Арктикот за да му се спротистават на Путин

Вчера НАТО алијансата започнала со планови за развој на воена сателитска комуникациска мрежа за Арктикот, со цел зајакнување на одбраната од сè поагресивните потези на Русија на север.

На маргините на состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, група од 13 земји се согласија да ја унапредат иницијативата „Northlink“ за изградба на вселенски комуникациски системи низ Арктикот со помош на постоечки комерцијални сателити, објави „Политико“.

Планот вклучува „експлоатација на услуги од соѕвездија на комуникациски сателити“ за да се понуди сигурна „мултинационална комуникациска мрежа за Арктикот“, соопшти НАТО.

Алијансата не управува со сопствени сателити, но откако вселената беше прогласена за петти воен простор на НАТО во 2018 година, следната година беше отворен вселенски команден центар во воената база Рамштајн во Германија.

Русија, која се граничи и со Арктикот, неодамна ги зголеми своите операции во регионот, предупредувајќи на можни напади врз сателити во областа.

Данска, Канада, Исланд, Норвешка и САД ја контролираат територијата на Арктикот и се членки на НАТО, заедно со Шведска и Финска, кои неодамна се приклучија на Алијансата.

Сите тие земји се согласија на писмо со намери за Нортлинк, заедно со Франција, Германија, Унгарија, Италија, Луксембург и Холандија.

Одделно, околу 14 членки на НАТО се согласија да ја започнат таканаречената иницијатива „Starlift“ за работа на обезбедување капацитет за лансирање ракети во четврток.

Тој сојуз ги вклучува Белгија, Финска, Франција, Германија, Унгарија, Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Шпанија, Шведска, Турција, Велика Британија и САД.

притисни ентер