Се чека епилогот од второстепената комисија за Леонид

Демири најавува дека од Австрија ќе бара документација.

Постои меѓуинституционална некоординираност во случајот со Леонид Индов кој беше испратен во Австрија, а ФЗО не одобри средства за негово лекување, призна денеска новиот министер за здравство Илир Демири во интервјуте за РСЕ. Вели, доколку 18 годишникот е испратен на третман, а не на рехабилитација тогаш државата ќе го покрие неговото лекување, но како што кажа, допрва ќе се бара документација од Австрија за тоа што се случува таму..

-Можам да кажам дека има една дискординација помеѓу министерство за здравство, фонд за здравство и центарот кој дава услуги за транспорт со хеликоптер. Ќе бараме да се постапува законски, тоа е едно и друго, ќе побараме од Австрија да достави документација за начинот на лекување и што се случува таму со детево, дали се работи за рехабилитација или се работи за третман, доколку се работи за третман, државата се разбира на секој еден граѓанин нуди можност да се лекува каде е подобро за него.- Илир Демири – министер за здравство

Додека трае неизвесноста преку институциите и се очекува жалбата на Бранко Индов, таткото на Леонид до второстепената комисија на ФЗО, граѓаните не престануваат со хуманоста и со оригинални идеи се обидуваат да обезбедат средства. Внимание привлече и гестот на музичката група ДНК кои ја ставија на лицитација наградата „Златна бубамара на популарноста“ за најдобра песна за 2023 година. Владимир Блажев, член на дуото, познат како ДиЏеј Панчо за Канал 5 откри дека еден од лицитаторите иако ја немал највисоката понуда, сепак испратил 90.000 денари за лекување на Леонид. Лицитацијата трае до утре до 22 часот, а највисоката понуда досега е 150.000 денари. Блажев повик за хуманост до сите граѓани за што повеќе средства за лекувањето, а има и идеја, кој и да ја даде највисоката понуда, статуетката да ја подари на Леонид..

-Наградите како што кажа на секој уметник значат, но нас ни се признание, убаво е да стојат дома во некој агол но ќе фаќаат прашина, а вака може да ја искористиме и да помогнеме кај што треба. Се надеваме дека можеби уште некој човек или компанија што е општествено одговорна ќе може да помогне и лицитацијата да биде уште повисока, дај боже да е што повеќе. Ние, народот сме државата, да се држиме меѓу себе и да бидеме јаки за вакви работи.- Владимир Блажев „Ди Џеј- Панчо“– ДНК

Во изминативе денови имаше повеќе хуманитарни акции.. Македонската кошаркарска репрезентација исто така одигра за Леонид против Естонија, каде парите од билетите беа донирани за негово лекување.. Хуманитарна акција организираше и Град Скопје кои најавија дека во наредниве денови ќе ги соопштат средствата кои ги собрале...

Јелен: Г-7 до октомври треба да договори 50 милијарди долари за Украина

 Министерката за финансии на САД, Џенет Јелен синоќа изјави дека „сѐ оди добро“ земјите од Г-7, групата на најразвиени демократии, да се договорат до октомври за условите за обезбедување 50 милијарди долари за Украина.

Средствата ќе бидат дадени како кредит од залогот на средствата на Русија замрзнати во меѓународните банки и финансиски институции.

Во изјава дадена на маргините на состанокот на министрите за финансии на Г-20 во Рио де Жанеиро, Бразил, Јелен рече дека „преговорите за кредитот биле конструктивни“, вклучувајќи ги и „барањата на САД да обезбедат гаранции дека средствата ќе останат замрзнати подолго време“.

- Имавме конструктивен разговор. Работиме заедно за да напредуваме по ова прашање. Мислам дека сѐ оди добро и дека ќе можеме да ја завршиме оваа работа, најверојатно до октомври, рече Јелен.

Кредитот од 50 милијарди долари, принципиелно договорен од лидерите на Г-7 во јуни, ќе биде обезбеден и ќе се враќа од приходите што доаѓаат од вложувањето на средствата на Централната банка на Русија во износ од околу 300 милијарди долари, замрзнати од Западот по инвазијата на Москва на Украина на почетокот на 2022 година.

Трет ден расправа за ребалансот на Буџетот

На собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска трет ден по ред треба да продолжи општата расправа за ребалансот на Буџетот.

Според пратениците од власта, ова е најтешкиот ребаланс затоа што е врз база на најлошиот и најтешкиот Буџет. Посочија дека Буџетот кога бил предложен претходната власт кажала ќе биде развоен и ќе има реализација на капиталните инвестиции, а сега, велат, имаме потреба не само од фискална консолидација, туку и од консолидација на државата. Додека, па, според пратениците на опозицијата, овој ребаланс е најлошиот досега и со него нема раст на платите и пензиите, а зголемен е и јавниот долг од 58 на 68 отсто.

На вчерашниот втор ден, пратениците расправаа околу намалувањето на буџетот на судовите и јавните обвинителства. Според пратениците на опозицијата, институциите од судската власт треба да имаат поголеми буџети, додека, пак, според владините пратеници овој буџет им е премногу со доверба од само два проценти кај граѓаните.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски вчера на собраниската комисиска расправа истакна дека оваа Влада има намера да направи финансиска консолидација на целокупното стопанство, да ги екипира сите буџетски корисници и да направи контрола на непродуктивните трошења, ќе продолжи со зголемување на платите и пензиите, а обезбеди и средства од каде можеше за нормално функционирање на државата.

Реплицирајќи и на пратеничката Јованка Тренчевска од СДСМ според која овој ребаланс е најлошиот досега, Јанкуловски потенцира дека Владата ги креирала проекциите согласно состојбите што ги наследила.

-Ова е најлошиот ребаланс, и за граѓаните и за еконоимијата. Платите и пензиите во изминатите години растеа како никогаш досега, и просечната и минималната плата, а како резултат на тоа се подобруваше животот на граѓаните и тоа е непобитен факт, но и доказ за добрите политики на СДСМ. Во делот на пензиите, ако вие како ВМРО-ДПМНЕ ги зголемувавте 11 години како ние, наместо да ги лажете пензионерите со 600 денари, денеска ќе зборувавме за минимални пензии од 20 000 денари, Тренчевска.

Општата расправа за ребалансот на Буџетот трае најмногу три дена, а амандманската за која се поднесени 58 амадмани, шест дена. Завчера, на првиот ден од расправата, министерката Гордана Димитриеска-Кочоска го образложи ребалансот, нагласувајќи дека е креиран согласно затекнатите состојби во Буџетот. Како што рече Димитриеска-Кочоска, обезбедени се средства за се што треба да се исплати согласно закон.

Вкупните приходи во ребалансот на Буџетот се планирани на 318,2 милијарди денари, а расходите на 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти

Сончево и топло со слаб северен ветер

Времето денеска ќе биде претежно сончево и топло со слаб до умерен ветер од северен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 20, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени Целзиусови. УВ индексот ќе изнесува 9.

Во Скопје ќе биде сончево и топло со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.

Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), и во следните денови ќе преовладува сончево време со постепен пораст на температурата. Во почетокот на следната седмица повторно ќе дува умерен до засилен северен ветер.

притисни ентер