Одобрени повеќе од 270 проекти на општините, рокот за аплицирање ќе се пролонгира до 15 ноември

Повеќе од 270 проекти од речиси сите општини кои конкурирале на повикот за помош на единиците на локалната самоуправа се потврдени на владина седница неделава, изјави вчера премиерот Христијан Мицкоски.

Во изјава за медиумите за време на посетата на Општина Брвеница, Мицкоски најави дека на следната владина седница ќе има мало продолжување на рокот за општините кои треба да ја комплетираат проектната документација.

-Потврдени се повеќе од 270 проекти кои се во речиси сите општини. Ова не се проекти во кои што градоначалници се од ВМРО-ДПМНЕ или владината коалиција, туку и градоначалници што доаѓаат од СДСМ, ДУИ или независни градоначалници, затоа што ние се бориме за секој милиметар квадратен на целата територија на државата, секое парче земја ни е важно и секаде сакаме да инвестираме. Очекувам следната недела договорите да бидат потпишани и да почне спроведувањето на оваа историска реализација на проекти за кои ќе се вложат повеќе од 4 милијарди денари. На следната владина седница ќе има мало продолжување на рокот бидејќи во проектите на некои од општините е потребно дел од документите што недостасуваат да ги обезбедат. Мислам дека рокот ќе биде разумен, до 10 или 15 ноември да ги доподнесат проектите и откако тоа формално ќе биде завршено, очекувам и тие да бидат вклучени во првиот бран. Ветената сума од 6 милијарди очекуваме до крајот на годината да биде испорачана, а веќе следната година ќе има 15 милијарди, што значи од централниот буџет кон општините ќе бидат испорачани проекти од околу 21 милијарда денари, истакна Мицкоски.

Претседателот на Владата воедно апелираше општините Струмица, Теарце и Сарај, како и Град Скопје, кои не добија пари за ниеден проект со кој аплицирале, да го искористат продолжениот рок за поднесување на нови комунални проекти.

-Општина Струмица не доби средства затоа што конкурираше со проект кој веќе е почнат и во тек со избран изведувач. Апелирам до раководството на Општина Струмица да ја искористи можноста до 15 ноември да поднесе нови проекти кои ќе можеме да ги финансираме. Средства не се доделени за Општина Теарце која поднесе проекти преку приватна е-маил адреса и затоа го повикувам градоначалникот да постапи како и сите други 79 градоначалници. Имаме некомплетна документација поднесена и од Општина Сарај, очекувам до 15 ноември тоа да биде отстрането. Станува збор за патна инфраструктура во населеното место Ласкарци и еден водовод. Градот Скопје конкурираше со некомплетни проекти, бараат автобуси, бараат средства за одржување на хигиената на улиците. Од Владата веќе имаат пренесени 600 милиони денари кои се на сметката на градот за реализација на булеварот „Хасан Приштина“, но две години ништо не е направено. Очекувам во следниот период таму да се подобрат инвестициките перформански, нагласи премиерот Мицкоски.

Од Град Скопје во пишаната реакција наведуваат дека одлуката на Владата да не додели средства за проектите за кои аплицирал градот Скопје уште еднаш ја потврдува, како што стои, очекуваното секташко однесување на премиерот Мицкоски кое е насочено кон пресметки со неистомислениците.

-Со оваа одлука докажа дека неговата суета е поважна од било која потреба на граѓаните, а со неистомислениците се пресметува со сегрегација и политички прогон, докажувајќи дека нема никаков демократски ни лидерски капацитет. Спротивно на ветувањата дека од средствата од унгарскиот кредит ќе се финансираат проекти во сите општини, без разлика на политичката определба на раководствата на локалните самоуправи, со вчерашната одлука се потврди за неточна. Единствено се потврди очекуваното секташко однесување на Мицкоски кое е насочено кон пресметки со неистомислениците и за кој државата, граѓаните и нивните потреби се очигледно на последно место, се наведува во реакцијата на Град Скопје.

Воедно, од Град Скопје потсетуваат дека согласно објавениот јавен повик на Владата за поддршка на општините, доставиле над 20 проекти со цел унапредување на квалитетот на живот на жителите на Скопје со фокус на подобрување на јавниот превоз, развој на градската патна инфраструктура, противпожарната заштита, јавната хигиена, информациски технологии и дигитализација, како и од областа на културата.

Реакција на својата официјална фејсбук страница објави и градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов.

-Средствата кои ни се кратат нам како струмичани се околу 140.000.000 денари. Истите тие пари директно од џебот на секоја струмичанка и струмичанец од градот и од секое наше село ќе бидат користени да се враќа унгарскиот кредит. Ќе бидеме задоволни доколку истиот износ од 140 милиони денари се насочи за научни истражувања во МАНУ, нека имаат зголемен буџет, нови лаборатории, барем да ја ублажиме неправдата, стои во објвата на фејсбук профилот на градоначланикот Костадинов.

Вкупно 80 општини со 357 проекти аплицирале на јавниот повик на Владата за добивање средства за реализација на инфраструктурни проекти во општините ширум земјава со пари од државниот Буџет обезбедени преку унгарскиот кредит. Доминантен дел од проектите се за области како изградба, подобрување и реконструкција на водоводни мрежи, канализациски системи, на патна инфраструктура, набавка на транспортни средства и др.

По визната либерализација за Косово, Приштинскиот аеродром со 11,5 отсто повеќе патници од лани

По визната либерализација за Косово, Приштинскиот аеродром со 11,5 отсто повеќе патници од лани и 74 летови дневно.

Укинувањето на визите за Шенген-зоната за косовските граѓани, кое стапи во сила на 1 јануари годинава, значително влијаеше на зголемувањето на работата на Меѓународниот аеродром во Приштина, така што во деветте месеци од годинава, во однос на истиот период минатата година, бројот на патници и летови е зголемен за над 11 отсто, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според податоците на управата на аеродромот „Адем Јашари“, кои ги објави порталот „Газета експрес“ (gazetaexpress.com), бројот на патници од косовската престолнина од 1 јануари до 30 септември 2024 надминал три милиони.

Арта Мехмети од Канцеларијата за медиуми на аеродромот во Приштина за порталот вели дека во споменатиот период е зголемен и бројот на летови. Конкретно, од почетокот на годинава до минатиот месец нивниот број е зголемен на над 20 илјади, додека бројот на летови во истиот период лани изнесувал нешто над 18 илјади.

Од овој аеродром, како што информира Мехмети, во просек дневно има по 74 летови.

„До септември 2023 година имавме 18.016 летови, додека годинава оваа бројка е зголемена на 20.248 летови, што претставува зголемување за околу 11%. Што се однесува до бројот на патници, од 2.639.477 во 2023 година, годинава достигнавме до 3.051.957, што бележи пораст од околу 11,5%. Овие бројки го одразуваат континуираниот развој на нашиот капацитет и зголемениот интерес на патниците“, изјави Мехмети.

Моментно директни летови од аеродромот во Приштина има до 38 дестинации во 15 земји, додека на крајот на овој месец се очекува да биде додадена уште една нова линија.

„Оваа година се очекува да се додаде нова дестинација. На 28 октомври ќе биде пуштена во употреба новата линија до Амстердам, со која управува компанијата ‘Изи џет’“, изјави Мехмети.

Бајден му честита на Нетанјаху за ликвидацијата на лидерот на Хамас

Американскиот претседател Џо Бајден, коментирајќи го израелското убиство на лидерот на Хамас, Јахја Синвар, рече дека „е време оваа војна да заврши и затворениците да се вратат дома“.

Тој најави нова посета на државниот секретар Ентони Блинкен на Израел и рече дека му се јавил на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за да му честита за операцијата, но исто така ја истакна важноста да се стави крај на конфликтот.

„Време е оваа војна да заврши и заложниците да се вратат дома. Тоа е она што сме подготвени да го направиме“, рече Бајден, додавајќи дека мора да се преземат чекори за да се обезбеди прекин на огнот во Појасот Газа.

Бајден најави дека државниот секретар Блинкен наскоро ќе отпатува во Израел за да разговара со своите израелски колеги за најновата ситуација и процесот на постигнување прекин на огнот.

Министерот за надворешни работи на Израел, Израел Кац, синоќа потврди дека лидерот на Хамас Јахја Синвар е убиен во напад на Појасот Газа. Синвар беше долгогодишен лидер на Хамас, поставен на чело на движењето во јули по атентатот на поранешниот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, во Техеран.

Мицотакис: Политиката на ЕУ во мигрантското прашање се приближи до грчките позиции

 Во овие години, миграциската политика на Европа се промени и многу повеќе се приближи до грчките позиции. Ова, веќе е очигледен заклучок, кој произлегува и од самите заклучоци на Европски совет. 

Надворешната димензија на миграцијата, заштитата на европските граници, Пактот за миграција и азил се успеси на Европа и се позиции блиски до грчките позиции, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прес-конференцијата во Брисел по Самитот на ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис нагласи дека Европа донесе одлука, која им служи и на грчките интереси дека „не може криумчарите да одредуваат кој ќе влезе во Европската унија“.

- Она што сега треба да го додадеме е да одредиме европска рамка за враќањата. Бидејќи нашата аргументација ќе биде целосна само ако кажеме дека ние одредуваме кој сака да влезе во Европската Унија, но оној кој не може и нема место во Европа, затоа што нема право на азил, треба да се врати во земјата од која дошол. Токму тоа е целта на директивата што и ја дадовме на Европската комисија, брзо да разработи ново европско законодавство околу прашањата за враќањата. Значи, мислам дека Европа полека, но стабилно се движи во вистинската насока и во насока која дефинитивно им служи и на грчките позиции, истакна Мицотакис.

Дополнително, посочи дека не се вршат враќања на нелегални мигранти во Турција, иако тоа е предвидено во договорот со ЕУ, а паралелно истакна дека грчко-турската соработката во мигрантското-бегалското прашање е подобрена, но дека тоа се однесува на оперативната димензија и подобрата соработка меѓу државните органи на двете земји и пред сè подобрата соработка со крајбрежната служба.

- Грција врши враќања, но сакам да нагласам дека враќањата се тежок процес во целина, не само за Грција туку и за Европската унија. Статистички, само еден од пет од оние кои треба да се вратат во земјите на потекло, на крајот се враќаат, посочи Мицотакис.

Во однос на италијанскиот модел со центрите во Албанија, истакна дека „секоја земја има свои особености“, објасни дека тоа е билатерален договор меѓу Италија и Албанија и коментираше дека тоа е „ново, интересно решение“ за случаи на мигранти спасени во меѓународни води, но дека „Грција веројатно нема такви прашања“.

- Она што е важно е дека во писмото на г-ѓа фон дер Лајен, за враќањата има фраза дека „ќе разгледаме и иновативни решенија“. А меѓу иновативните решенија што може да се разгледаат е и идејата за центри надвор од Европската унија во кои ќе се испраќаат мигранти, чии барања за азил ќе бидат одбиени, доколку не можат да бидат вратени директно во нивните земји на потекло. Ова е само идеја, не е разгледано. Првично сметам дека е позитивна. И секако кога ќе ги видиме конкретните предлози на Европската комисија ќе можеме да излеземе со став, објасни грчкиот премиер.

притисни ентер